Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

33та СЕДНИЦА НА ЕСС -ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПРИВАТНИТЕ АГЕНЦИИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ-

Слика 1. Претседателот Митревски на 33тата седница на ЕСС

На ден 22.5.2017 година во просториите на Министерството за труд и социјална политика, беше одржана 33тата седница на Економско- социјалниот совет. На состанокот како претставници од ССМ учествуваа претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и претседателот на ССЕСМ, м-р Роберт Симоноски, а ЕСС го водеше министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.

На оваа седница беа разгледувани предлог- измените на Законот за приватни агенции за вработување. Со овој закон покрај останатото, како што истакна претседателот на ССМ Митревски на седницата, потврдена е и една од заложбите на ССМ за зголемување на правата на вработените во приватните агенции за вработувања. Имено, согласно член 21 и член 24, привремените агенциски работници од приватните агенции за вработување, можат да ги користат одредбите од прописите за работни односи, БЗР, заштитата на посебни категории на работници, заштитата на жените за време на бременост, раѓање, родителство и нега на деца, слобода на здружување, колективно договарање, правото на минимална плата, работно време и други работни услови, оштета и повреда на работа, кои ќе се однесуваат и на привремените агенциски работници, исто како и за вработените кај работодавачот корисник.

Исто така, привремените агенциски работници имаат право на учество преку свои претставници во телата кои ги претставуваат работниците, кои согласно прописите, се формираат кај работодавачот корисник, на ист начин како тие да биле директно вработени од работодавачот корисник, за истиот временски период. Овие и неколку други измени, се потврда и на активностите кои ги имаше ССМ и барањата во утврдување на еднаков третман и користење на еднакви права на привремените агенциски работници со работниците кај работодавачот корисник.

Во предлог- измените се утврдуваат и износите и гаранциите поврзани со лиценците на приватните агенции за вработување, а се елиминираат и одредени недостатоци во функционирањето на овој закон во претходниот период.

Со оглед на тоа што овој предлог закон доби виза од ЕСС, истиот преку МТСП треба да биде доставен во понатамошна процедура во Владата и Собранието на РМ.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2017 | Сите права се задржани.