Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Aнализа за улогата на синдикатите во време на пандемија со КОВИД-19

Светот на работата е силно погоден од глобалната пандемија на вирусот КОВИД-19. Владите воведоа програми за фискален стимул со цел поддршка на приходите и работните места, како и спречување на целосен колапс на економијата.

Ефективниот социјален дијалог и соработка меѓу владите, организациите на работодавачи и организациите на работниците се покажаа неопходни за дизајнирање и спроведување на соодветни стратегии и политики за справување со негативното влијание на кризата со КОВИД-19, како и за градење инклузивни општества.

Глобалната анализа на трендовите за улогата на синдикатите во време на КОВИД -19 ги претставува најпогодените категории работници, најранливите работници и секторите кои се најмногу погодени од пандемијата. Исто така, анализата дава резиме на одговорите на синдикатите по однос на здравствената криза, напредокот постигнат преку трипартитен или бипартитен социјален дијалог, како и односите со владите во 133 земји, за периодот од март до август 2020 година. Анализата го прикажува и нивото на согласност на синдикатите со економските и социјалните мерки што ги спроведуваат нивните влади и дали се повредени одредени работнички права. На самиот крај, анализата дава насоки за тоа како синдикатите можат да ја зајакнат издржливоста и да помогнат да се изгради „подобро нормално“.

Наодите од глобалната анализа на трендовите се засноваат на анализи на регионални трендови на одговорите на синдикатите на пандемијата со КОВИД-19. Тие ги рефлектираат информациите добиени од националните синдикати.

Најпогодени и најранливи работници, најпогодени сектори од аспект на синдикатите

Здравствените работници и работниците од првата линија се категории работници кои се најмногу погодени од кризата со КОВИД-19 низ целиот свет. Тие ги ризикуваа своите животи за другите и покрај пријавениот недостаток на соодветна опрема за лична заштита. Слично на тоа, неформалните работници во економијата, како и самовработените беа несразмерно погодени поради недостаток на заштита и замена на приходот или заштедите, несигурноста на нивниот работен однос и исклучувањето од мерките за поддршка. И на крај, микро, малите и средните компании доживеаја нагло намалување на побарувачката и приходите, ако не и целосното прекинување на нивната активност.

Жените, младите, мигрантите, бегалците и лицата со попреченост се најранливата категорија на работници, пред се, поради неформалната и несигурна природа на извршената работа, лошите услови за работа, изложеноста на насилство и маргинализација, како и недостатокот на заштита или поддршка од јавните служби.

Туризмот, патниот и поморскиот транспорт, како и авијацијата и градежништвото, трговијата и угостителството и секторите за забава и производство се секторите кои се најпогодени од пандемијата на КОВИД-19. Компаниите што работат во овие сектори доживеаја привремено прекинување на работењето или запирање на економските активности, ограничувања во движењето и затворање на границите, сериозен ризик од банкрот и сериозни падови со негативни последици врз вработувањето, обезбедувањето услуги и достапноста на суровините.

Одговори на синдикатите во време на КОВИД-19

Работниците како клучна алка во социјалниот дијалог: 108 од 133 земји или 81% го користеле социјалниот дијалог како одговор на пандемијата за да постигнат консензус за насочените мерки за заштита на работниците и претпријатијата. Барем една форма на социјален дијалог, дали бипартитен или трипартитен, или обете, беше искористена во 100% од земјите од Арапската држава, 88% во азиските земји, 84% во земјите во Европа и Централна Азија, 77% во африканските земји, а 76% во земјите во Америка.

Трипартитниот дијалог меѓу владите, синдикатите и организациите на работодавачи се користел како преговарачка алка во 79 од 133 земји (59%). Кога синдикатите учествуваа во дискусиите за креирање на политики, најчест предмет на преговори беа мерките за социјална заштита и вработување, мерки за фискална сигурност, безбедност и здравје при работа (БЗР), индустриски односи.

Бипартитен дијалог меѓу работодавачите и синдикатите се одвивал во 82 од вкупно 133 земји (62%). Работодавачите и работниците честопати изразуваа слична загриженост во врска со соодветноста на донесените мерки и недостатокот на потребните материјали на пазарот (на пр. Заштитна опрема). Во некои случаи, тие доставија заеднички изјави, предлози или барања до владите. Тие, исто така спроведоа засилени мерки за БЗР или обезбедија дополнителни придобивки за специфичните категории работници. Во некои случаи, тие потпишаа и Меморандуми за разбирање со кои се обврзуваа да спречат колективни отпуштања и да ги зајакнат гаранциите за вработување.

Бипартитните односи меѓу владите и синдикатите се одвиваа во 46 од 133 земји (34%). Темите за кои се преговараше вклучуваат измени и дополнувања на постојното законодавство во однос на кризата со КОВИД-19, бенефиции за враќање на работните места, бенефиции за невработеност за работниците кои останале без работа, поддршка за приходи на самовработените работници и лицата на кои им се потребни, дополнителни придобивки за здравствените работници, како и неопходни безбедносни и здравствени мерки за работниците.

Насочените активности на синдикатите за нивните членови/ работници вклучуваат обезбедување средства за итни случаи, кампањи за подигање на свеста, програми за обука и услуги за усогласување на пазарот на трудот, правни совети, дистрибуција на пакети со храна и опрема за лична заштита, и во некои случаи признавање на КОВИД-19 како професионално заболување.

Синдикалното здружување на работниците е сериозно погодено од ограничувачките мерки. Како резултат на тоа, додека некои синдикати решија да ја прекинат наплатата на членарина, други сметаа дека кризата е можност да се подигне свеста и да се обратат до неформалните работници во економијата и започнаа успешни кампањи за членство. Други, пак, развија иновативни начини за организирање и допирање до членовите или организирани хуманитарни акции.

Договор со владите по однос на КОВИД-19: Синдикатите генерално ги поздравија одговорите на владите и покажаа поддршка во обезбедувањето усогласеност на работниците. Сепак, во многу околности, изразено е незадоволство од спроведувањето на механизмите за социјален дијалог, недостатокот на учество на синдикатите во процесите на донесување одлуки и недостатокот на јасност во однос на донесените мерки. Некои синдикати ги критикуваа своите влади дека не обезбедиле соодветна заштита на сите, вклучително и на работниците кои вообичаено се исклучени поради нивниот статус на вработување.

Прекршувања на правата на работниците и синдикатите беа пријавени од повеќе синдикати низ регионите. Најмногу прекршувања се пријавени во арапските држави (67%), во Азија и Пацифик (35%), проследено со Европа и Централна Азија (29%), Африка (21%) и Америка (20%). Прекршувањата главно се однесуваа на Меѓународните стандарди за труд, непочитувањето на работните регулативи во врска со отпуштањата, работното време и исплатата на платите и непочитувањето на прописите за БЗР.

Препораки на синдикатите до владите и работодавачите: Барањата од синдикатите до владите за итно дејствување вклучуваат универзална здравствена заштита, продолжено боледување, невработеност и семејни бенефиции, парични трансфери, сигурност на работа и приход, финансиска поддршка на претпријатијата, усогласеност со Прописите за БЗР, признавање на КОВИД-19 како професионално заболување. Среднорочните/ долгорочните препораки вклучуваат зајакнување на социјалниот дијалог, проширување на опфатот за социјална заштита, вложување на долгорочни активности во социјалните и здравствените услуги и бришење на надворешни долгови.

Заклучоци

Синдикатите треба да ја сметаат кризата како повик за будење и нивен придонес кон подобро градење и унапредување на трудовите и социјалните стандарди. За да се постигнат овие цели, тие треба да бидат признаени, да учествуваат во креирање на политиките и да преговараат за склучување на колективни договори за унапредување на основните права, соодветни минимални плати, како и максимално работно време, придобивки од здравствената и социјалната заштита за сите и безбедност и здравје при работа.

За подобра иднина потребни се одговори од глобален размер засновани на ефективен социјален дијалог и здрави меѓусебни односи. Синдикатите треба да осигураат дека привремените мерки донесени како одговор на пандемијата со КОВИД-19 се чекор напред кон здраво закрепнување, насочено кон среднорочна и долгорочна перспектива, во согласност со приоритетите идентификувани во политичката рамка на МОТ за одговор на кризата со КОВИД-19.

Агендата на синдикатите за издржливост и заздравување во контекст на кризата треба да има за цел: градење на политичка волја, придонес кон зајакнување на механизмите за социјален дијалог, градење на знаење и капацитети, зголемување на репрезентативниот капацитет, промовирање на приоритетите на работниците, обезбедување на нови услуги, проширување на партнерства, вклученост во процесите на ООН за одржлив развој, како и споделување на информации и искуства од претходни кризи.

https://www.ilo.org/actrav/info/pubs/WCMS_767224/lang--en/index.htm 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.