Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

БЕСРАМНИОТ АНТИСИНДИКАЛИЗАМ И ЗАКАНИ НА РЕМЕНСКА ПРОДОЛЖУВА - ОТВОРЕНО ПИСМО ОД ССМ ДО РЕМЕНСКА

17.2.2017

Заменетата техничка министерка Ременска, без никаков срам и перде, лечејќи ги очигледно фрустрациите по неуспешниот, незаконит, нестатутарен и антидемократски чин за промена на раководството на ССМ, и натаму продолжува да се „брука“ и себеси, а и за жал и партијата која ја претставува со своето несвојствено однесување.

Во нејзин стил, препознатлив и по „владеењето“ во Министерството за труд и социјална политика и во најновото фејсбук обраќање превземено и во порталот позитив.мк под наслов „Завршена е приказната со раководството на ССМ“, само го потврдува неуспешниот обид и умислата што ја имала за противзаконитата и нелегитимната смена на раководството на ССМ, заедно со трупата „синдикални“ истомисленици и фалсификатори. И со овој чин, само потврдува дека имала умисла за вршење на кривично дело за кое што доби и кривична пријава. И овој нов доказ и закана е основа за дополнително процесуирање како јавно искажана и потврдена умисла за нелегитимна смена на раководството на ССМ.

Овој пат срамот да биде уште поголем, надвор и од принципите и желбите на партијата која ја претставува, директно шири и промовира тези кои се спротивни и на програмските определби кои треба да ги промовира.

Со невиден цинизам се нафрла на еден од најклучните стратешки синдикални документи „Протокол за социјален напредок“ кој е фокусиран кон унапредување на социјалниот дијалог, поттикнување на колективното преговарање, зголемување на платите во РМ, градење на заедничка стратегија за плати, зголемување на опфатот на работни места за бенефициран стаж, расправа за воведување повеќе услови за пензиски стаж, ослободување од давачки за одредени надоместоци, намалување на годините за склучување на договори на неопределено време, утврдување на обврски на работодавачот за склучување на договори за вработување на неопределено време во индустриските зони и сл. Очигледно ова и пречи на Ременска, но тоа е нејзин дополнителен проблем и фрустрација.

Заменетата техничка министерка Ременска после срамот што го приреди со своите постапки во МТСП со прераспоредувањата, ускратувањето на правото на годишен одмор на вработените, гонењето на здруженијата на слепи лица, кочењето на низа проекти, бруката со историскиот скандал за насилна промена во ССМ и натаму шири закани и дезинформации за улогата и резултатите кои ги постигна ССМ. Само да ја потсетиме дека ССМ во 2010 година ја започна Кампањата за минималната плата, беше донесен Законот за минимална плата, беше донесен Законот за мобинг, за измени во Законот за безбедност и здравје, ратификувањето на новите 8 конвенции на МОТ, измените во полза на работниците, елиминирање на дискриминацијата, воведувањето на регресот за годишен одмор, неколкукратното зголемување на минималната плата итн.

Без оглед на тоа што овие резултати Ви прават дополнителни фрустрации, Вам и на Вашите послушници, г-ѓо Ременска, Ве уверуваме дека нема да Ви дадеме шанса, како Вие кажувате, понатаму да се глупирате и да менувате легитимно избрани на Конгрес синдикални раководства, нема да Ви дадеме можност, како кажувате, да бидете душегрижник на Вашите фрустрации, да бидете популарни по рушењето на ССМ, по криењето на предмети од синдикатите, по уништување на документација за регистрација од синдикатите и по обидите да вратите историски едно одамна надминато време кога „партијата“ ставаше и менуваше раководства во синдикатот кој го чувствувавте како Ваша испостава.

Бидете сигурни дека историјата ќе Ве памети како единствен министер кој неславно се „прославил“ и станал популарен по обидот насилно да менува злоупотребувајќи ја својата положба легитимно избрано раководство на ССМ.    

Без оглед на повторните закани кои ги упатувате, бидете уверени дека ССМ како еден од најзначајните брендови во синдикалното движење во РМ и пошироко, и 13те здружени синдикати во ССМ, со взаемна поддршка на европското и светското синдикално семејство на ЕКС и МКС, нема да дозволи по никоја цена тие закани да ги реализирате ниту пак да ги елиминирате или сокриете очигледните резултати кои ССМ и раководството на ССМ ги постигна во овој претходен период за што доби и голем број признанија.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2017 | Сите права се задржани.