Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

БЛИСКУ СМЕ ДО ДОГОВОР НЕДЕЛА ДА БИДЕ НЕРАБОТЕН ДЕН

На денешната седница на економско социјалниот совет се разгледуваше драфт текстот за законското решение за "недела неработен ден".

Трипартитниот дијалог ја потврди намерата на Владата и барањето на ССМ – недела да се прогласи за неработен ден, односно според она што денеска се донесе како заклучок, текстот да гласи: „недела е ден за неделен одмор“.

Социјалните партнери се согласија дека за нормално функционирање на државата факт е дека ќе има можност одредени работодавачи/правни субјекти да работат но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат (значи не сите работодавачи во тие определени дејности!). Останатите работодавачи (и тие работодавачи чии технолошко-производствени процеси смеат да се прекинат во наведените дејности а и сите работодавачи во дејностите кои не се наведени во исклучоците) нема да смеат да работат.

Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка.

За работниците во дејностите кои ќе припаѓаат под исклучоците, работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела согласно законите и колективните договори најмалку за дополнителни 50 % на дневницата и ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор, а ССМ укажува дека тој ден треба да биде или денот кој му предходи или му следи на денот недела се со цел да се намалат злоупотребите што се случуваат сега кога на некој работници денот на неделен одмор (недела) им паѓа во среда или во други денови во неделата.

Го поздравуваме пристапот на Премиерот Зоран Заев, Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Советникот за труд и социјална политика во Владата Милан Живковиќ кои размислуваат како работници, а исто така и пристапот на работодавачите Организација на работодавачи на Македонија - ОРМ и Бизнис Конфедерација на Македонија - Business Confederation of Macedonia кон решавање на едно од најгорливите прашања на работниците истакна Претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.