Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Дел од активностите на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита во изминатиот период по прогласувањето на пандемијата од вирусот COVID-19 се соочи со одредени проблеми и нејаснотии поврзани со права од работен однос кои беа дел од Уредбите со законска сила донесени од Владата на Република Северна Македонија во време на вонредна состојба во државата.

Од овие причини Самостојниот синдикат во повеќе наврати со писмени дописи реагираше до Главниот координативен кризен штаб при Владата на Република Северна Македонија за враќање или подобрување на одредени права на вработените кои произлегуваат од Колективниот договор за здравствена дејност.

Во поглед на гореизнесеното ги доставивме следните барања:

  • За изменување и дополнување на Уредбата за ограничување на исплата на додатоците и надоместоците на плата на вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба;
  • Повторно барање за дополнување на споменатата Уредба со додаток на плата за прекувремена работа;
  • Барање за толкување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба – за делот на користење на денови од годишниот одмор;
  • Предлог за прoширување на финансиската поддршка (наградување) во здравството, како дел од Уредбата за финансиска поддршка на здравствените работници преку издавање на домашна платежна картичка.

Согласно доставените барања направено е дополнување на Уредбата за исплата на додатоци и надоместоци на плата, а исто така проширена е и Уредбата за финансиска поддршка на здравствените работници во оние одделенија кои имаа зголемен обем на работа поради вонредната состојба а со тоа беа изложени на поголем ризик од заразување.

Исто така во директна комуникација со министерот за здравство се договараше начинот на кој ќе се третира боледувањето на вработените заболени од COVID-19. Во поглед на ова прашање, Министерството за труд и социјална политика во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 118/20 од 07.05.2020 година објави Правилник за листата на професионалните болести бр. 02-3207/1 од 06.05.2020 година и истиот го прошири со „Инфективни заболувања предизвикани од Коронавирус COVID-19 при превенција, здравствена заштита, домашна посета и други компаративни/слични активности за кои е докажан ризикот од инфекција“ притоа јасно дефинирајќи ги условите и критериумите под кои заразувањето со Коронавирусот на вработените во здравствената дејност ќе се смета како професионално заболување.

Самостојниот синдикат будно ги следи случувањата во здравствената дејност и е во постојана комуникација со Министерството за здравство како социјален партнер, изнаоѓајќи заеднички решенија за надминување на одредени проблеми кои ги наметнува моменталната состојба со кризата од корона вирусот.

Битно е да се напомене дека во изминатите две години Самостојниот синдикат и Министерството за здравство потпишаа неколку Анекси на Колективниот договор за здравствена дејност со кои се направи корекција на платите и додатоците во здравствената дејност, доктори, медицински сестри, здравствени соработници и помошно-техничи лица со примена од февруари оваа година. Додека со последниот потпишан Анекс од месец февруари годинава се надмина проблемот за покачување на платите од 5% за административните работници во здравството, како и дополнително покачување од 5% на платите на здравствените соработници со исплата на платата од месец јуни оваа година.

Исто така, во Самостојниот синдикат се работи на нов текст на Колективниот договор за здравствена дејност во кој ќе бидат предвидени нови коефициенти и соодноси во групите на занимања и истиот ќе биде предмет на преговори со Министерството за здравство по завршување на изборниот процес и формирање на новата Влада.

Самостоен синдикат за здравствo, фармација и социјална заштита на РМ

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.