Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ДОНЕСЕНИ УРЕДБИ СО ЗАКОНСКА СИЛА ВО ОДНОС НА СТЕЧАЈНИТЕ ПОСТАПКИ, УПРАВНАТА ПОСТАПКА И ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ

Ве информираме дека Владата на Република Северна Македонија на својата 26 седница одржана на 23 март 2020 година во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 донесе неколку уредби со законска сила.

I. Донесена е Уредба со законска сила за примената на Законот за стечај за време на вонредна состојба.Според оваа уредба, за поведување на стечајна постапка и поведување на претходна постапка, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

На стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка или поведување на претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба.

Сите започнати постапки, како претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

II. На својата 26 седница Владата донесе Уредба со законска сила за измена на Законот за облигационите односи.

Донесувањето на оваа уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти, а како последица на пандемијата КОВИД-19 и во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата, што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.

Со оваа уредба членот 266-а од ставовите (1), (2) и (6)Законот за облигациони односи се менуваат и гласат:

(1) Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата). 

(6) При пресметката се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Република Северна Македонија.

III.  Владата на својата 26-та седница донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за општа управна постапка за време на вонредна состојба, со која се уредуваат определувањето и продолжувањето на роковите во управна постапка, за време на траење на вонредната состојба.

Според оваа уредба роковите кои согласно Законот за општата управна постапка се определени за преземање на одделни дејствија во постапката, односно роковите кои ги определува овластеното службено лице, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.