Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

И ксом не го признава колективниот договор

 

Нас никој не не консултираше и ние не го признаваме Општиот колективен договор за јавниот сектор. Денес под итно праќаме писма до премиерот и министерот за труд, со барање да ни се објасни минатонеделниот настан. Ако не добиеме одговор ќе организираме протест пред Министерството за труд и секако ќе ја известиме меѓународната јавност за она што се случува на синдикалната сцена во Македонија.

Ова е пораката на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), изнесена на денешната конференција за печат. Претседателот на КСОМ Марјан Ристески рече дека малцински синдикат не може да потпише колективен договор и тој не може да важи за целиот јавен сектор.

Со контраверзниот настан од минатата недела, потпишувањето на Општ колективен договор за јавниот сектор од страна на министерот за труд Љупчо Мешков и претседателот на КСС Раско Мишковски, се покажува дека Владата не прави ништо за работниците, дека има намера да ги скуси работничките права и тоа со изведување претстави со некој свој синдикат.

Владата признава само еден синдикат, обвинуваат од КСОМ. Во Македонија има четири синдикални организации, а Владата уважува само еден. Помина времето кога колективен договор потпишуваше само еден синдикат. Треба да се прашаат сите, да разговараат меѓу себе и да оформат заеднички став пред социјалниот партнер, како што е во западните земји. Ние и не бараме да бидеме потписници, туку да учествуваме во консултациите. При контактите со Ерван Фуере и со претставниците на Европската Унија со македонските синдикати децидно ни беше кажано: во социјалниот дијалог треба да учествуваат сите синдикати. Во Македонија дефинитивно не постои социјален дијалог, истакна Ристески.

Колективниот договор е нецелосен и многу права се изоставени, дополни Гоце Делчев, претседател на Независниот полициски синдикат, кој е во рамките на КСОМ. Се создаде опасност работодавачите, или раководителот во јавниот сектор, да го земе колективниот договор в рака и да каже дека се е по пропис. Нема патарина и хранарина, нема К – 15, платите се одредуваат по негов избор и никој ништо да не смее да каже.

За кои сектори воопшто важи овој колективен договор? Ние во железницата немаме земено пет години надомест за годишен одмор и сега со новиов пропис никаде не се споменува. Овој договор е неспоредливо полош од претходниот, каде беше одредена висината на патарината и хранарината и на многу други права. Се сомневаме дали Владата има намера да ги намалува примањата и платите на македонскиот работник, истакнува раководството на КСОМ.

Реакцијата на КСОМ во основа е многу блиска до ставовите на ССМ, кои беа соопштени веднаш после потпишувањето. На прашањето на новинарите за заедничка акција на КСОМ со другите синдикални организации Ристески одговори дека КСОМ е иницијатор на протестот и дека секој може да учествува, вклучувајќи ги и обичните граѓани.

На пресот посебно беа нападнати лидерите на КСС. Претседателот Раско Мишковски го немаше никаде кога од работа избркаа илјада работници од неговата компанија, а сега одеднаш стана голем синдикалец. Дојчин Цветановски се бунеше за законот околу квотата за репрезентативност, а сега не му се слуша глас, револтиран е Ристески.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.