Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ИНФОРМАЦИЈА ОД СРЕДБАТА НА ССМ СО ВЛАДАТА

На 7 септември 2020 година  се одржа средба на највисоко ниво помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Владата на Република Северна Македонија.

На средбата од Сојуз на синдикатите на Македонија учествуваа:

1.Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија

2.Златко Цветковски, секретар на Советот на ССМ

3.Д-р Марјан Кицев, потпретседател на Советот на ССМ за јавен сектор (МПС)

4.Павел Трендафилов, потпретседател на Советот на ССМ  за приватен сектор (СГИП)

5.Љубиша Каранфиловски, потпретседател на Советот на ССМ за колективно преговарање и договарање и економски прашања (ССЗФСЗ)

6.Миќо Стојановски, потпретседател на Советот на ССМ  за  организациски развој(СРСВМ)

7.Љупчо Радовски, потпретседател на Советот на ССМ за организација и мобилизација на синдикално членство (СТКЧ)

8.Игор Герасов, потпретседател на Советот на ССМ за слободните економски зони (ТИРЗ)

и

од Владата на Република Северна Македонија учестуваа:

1. Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија

2. Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори

3. Фатмир Бесими, министер за финансии

4. Крешник Бектеши, министер за економија

5. Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

6. Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика

7. Благој Бочварски, министер за транспорт и врски

8. Венко Филипче, министер за здравство

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски истакна:

Денес во ССМ ја инициравме оваа средба со нашиот социјален партнер- Владата на РСМ со една цел:

Зачувување на работните места и враќање на отпуштените работници, наши колеги

Затоа, во договор со Владата БАРАМЕ:

-директна парична помош на работниците и компаниите во најзагрозените и најпогодените сектори, преку конкретни мерки базирани од терен- за надминување на предизвиците со кои ние работниците се соочуваме во овој период на пандемија од Ковид 19.

Бараме измена и дополнување на ЗРО во најскоро време и тоа:

-Договорите за вработување на определено време да не бидат подолги од 1 година и во една компанија, да може само 20% од вработените да се со Договор на определено време! (Зошто овие работни места - кои ги изгубивме и ги губиме - се по тој основ - со договори на определено време кои можат да траат и до 5 години!?)

-12 месечно породилно отсуство! (Градинките работат согласно превентивните анти- Ковид мерки, а со безбедносните протоколи е и намален бројот на места за нашите деца, а исто така да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по било кој основ!)

-Сабота и Недела да бидат неработни денови, т.е. да бидат денови за неделен одмор

Промени во Законот со кој ќе разграничиме и дефинираме:

Што е спречување на работниот процес поради Виша сила, а што прекин на работниот процес од деловни причини

-Воведување на повеќе услови за пензионирање кои ги бараме од нашиот социјален партнер- Владата, а го поздравуваме и пристапот на ветеното дека истото ќе биде имплеметирано во најскор можен рок и тоа

Старосна пензија - по работен стаж

• 35 години работен стаж - жена - без оглед на годините на возраст

• 40 години работен стаж - маж - без оглед на годините на возраст

Старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности

Предвремена старосна пензија по возраст

Бараме да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 57 години за жени, 59 години за мажи, со минимум работен стаж од 15 години.

Корисници на предвремена старосна пензија можат да бидат работници кои работат но, неможат да продолжат да работат од одредени причини (здравствени причини, поради стечај или ликвидација) или се невработени, а го исполнуваат условот - минимум 15 години работен стаж. Овој вид на пензија би се остварувала исклучиво по вoлја и барање на работникот.

Неполна старосна пензија по возраст

• да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување (докуп на стаж) доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, до 5 години пред исполнување на условот за пензионирање

Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците

Ова се добар дел од барањата на ССМ за што ќе се разговара на денешната средба на највисоко ниво, а воедно сум и оптимист дека ќе се договориме, бидејќи барањата се реални и издржани и само така ќе можеме да помогнеме на работниците да не ги изгубат работните места, но и на работодавачите, да не ги затворат нивните фирми - во кои ние работиме и кои ни се извор за егзистенција.

Премиерот Зоран Заев на средба истакна:

„Се стремиме кон иста цел – да реализираме минимална плата од 20.000 денари, со што го остваруваме и барањето на синдикатите за минимална плата која е речиси 60% од просечната плата, а просечната нето плата очекуваме да порасне до 34.000 денари до крајот на мандатот“

Премиерот Заев истакна дека Владата продолжува да ги негува принципите на праведност, партнерство и инклузивност, вложувајќи во работниците кои, како што рече Заев, се движечка сила на економијата, и најави нови мерки во областа на социјалната сигурност.

„Целосно сме посветени на заштита на правата на работниците со новиот Закон за работни односи кој ќе ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи. Договорите за вработување на определено време ќе бидат само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година.

Преку стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување гарантираме редовна и одржлива исплата на пензиите. Воведуваме можност и за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија. Не ги забораваме ни ранливите категории. Ќе воведеме државна социјална пензија за секое лице над 65 години кое во последните 20 години живеело на територијата на нашата држава и не ги остварува условите за старосна пензија. Исто така, ќе овозможиме повозрасното земјоделско население, со стаж од 15 години и со старост од 64 години, да биде корисник на пензија“, истакна премиерот Заев.

Осврнувајќи се на заштитата и унапредувањето на првата  на жените работнички, премиерот Заев подвлече дека посветено се работи на гарантирано враќање на истото работно место по породилно отсуство и задржување на истото во наредната година, како и на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци на породилното отсуство.

На крај, премиерот Заев ги увери претставниците на Сојузот на синдикати дека во време на пандемија со КОВИД-19, Владата ќе продолжи да ги презема сите потребни мерки за заштита на сите работници и нивните работни места.

„Нашата грижа за работниците и владеењето на работничките права продолжува со построга, темелна и редовна контрола на работното време. Недела ќе биде неработен ден за сите кои сакаат да бидат со своите семејства, а ќе обезбедиме и целосно остварување на правото на годишен одмор. Со оваа средба уште еднаш  ја потврдуваме нашата силна волја да бидеме вистински социјален партнер на сите прогресивни чинители во нашата држава и да вложуваме во човечкиот капитал“

 

ВИДЕО ОД ИЗЈАВИТЕ:

https://www.youtube.com/watch?v=KJyUOLWSofg

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.