Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ОСТВАРЕНАТА ПРАВНА ЗАШТИТА ВО ССМ ЗА ВРЕМЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНА ВИРУСОТ

ИНФОРМАЦИЈА

ЗА ОСТВАРЕНАТА ПРАВНА ЗАШТИТА ВО ССМ ЗА ВРЕМЕ НА ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНА ВИРУСОТ

 

Сојузот на синдикатите на Македонија има организирано служба за бесплатна правна заштита за права од работен однос за своето членство. Правните застапници вработени во ССМ и синдикатите обезбедуваат бесплатна правна заштита за членството  во седиштето на ССМ во Скопје и регионалните синдикални претставништва и канцеларии низ Републиката.

Со започнување на здравствената криза во државата  поради Корона вирусот, ССМ и синдикатите во состав на ССМ ја реорганизираа својата работа согласно препораките на Владата. Сите служби, вклучително и правната заштита се одвиваа телефонски и преку меил комуникација. Во исклучителни случаи се организирани средби со работници кои се обратиле до ССМ, при што средбите се организирани со доследно почитување на препораките и уредбите донесени од Владата на државата. (средба на Претседателот  на ССМ и претставници на работниците од Мак Примат, средба на Претседателот на ССМ и Претседателот на СТКЧ со работници од Баргала Штип и др.)

Напоменуваме дека немаме целосно сумирана евиденција на обраќањата на работниците  од целата држава, односно целосна слика и извештај ќе имаме по завршувањето на вонредната состојба и здравствената криза, во овој момент сме фокусирани да одговориме  на обраќањата на работниците и да обезбедиме нивно  информирање и заштита на нивните права од работен однос .

Во периодот на март и април до ССМ се обратиле работници од: Мак Примат, Каст Инвест ,Раде Кончар, Интер Тоурс ДООЕЛ, ТАВ, Далма кетеринг, Пелистер, Кромберт и Шуберт, Дрекслермаер, Ке Сафети систем, Оилко, Баргала, Џонсон Мети, Joyson safety sistems Кичево, Тетекс Јарн лимитит, Сан инвест, Мермерен комбинат и др .

Компаниите од каде работниците се обратиле до ССМ имаат повеќе од 20.000 вработени.

Во текот на мај имаме обраќања од ФЗЦ 11 Октомври Куманово во врска со прекинот на работниот процес и упатувањето на работниците дома со право на плата од 50 % со образложение дека компанијата нема да работи поради ,,виша сила,,. Службите на ССМ изготвија мислење и барање за постапување на Државниот инспекторат за труд. Подоцна беа изготвени приговори на поединечните решенија за исплата на плата во висина од 50% поради виша сила . Исто така претседателот на синдикалната организација од ФЗЦ извести дека е отпочната постапка за отказ од деловни причини. Изготвено е мислење во врска со известувањето на работодавачот за отпочнување на постапката за отказ од деловни причини.

Претставник на синдикат од синдикалната организација во Мермерен Комбинат Прилеп се обрати во врска со Одлуката за отказ на договорот за вработување, на синдикален претставник по основ на вина и покрената дисциплинска постапка. Изготвен е приговор на Одлука за отказ на договорот за вработување, а повеќе работници од Мермерен Комбинат Прилеп се обратија во врска со остварување правото на платено отсуство како лица опфатени со мерките за заштита од корона вирусот . Службите изготвија мислење во врска со обраќањата, за што е информиран и Државниот инспекторат за труд и се чека нивно постапување.

 На барање на работниците во АД Баргала од Штип, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија и Претседателот на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ) остварија средба со Директорот на компанијата и работниците.

Од страна на работниците, ССМ и СТКЧ беа информирани дека каснат платите во фабриката за чевли што беше причина и тема на  средбата.
Од страна на синдикатот му беше препорачано на раководството за можноста да побара финансиска поддршка доколку се соочува со потешкотии при исплата на платите на работниците, согласно Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите погодени од економската криза поредизвикана од КОВИД – 19, заради исплата на платите за месец април и мај 2020 година.

На средбата со раководството и вработените во АД Баргала беше договорено неисплатените плати да бидат исплатени согласно утврдената и договорена динамика и платата за месец февруари 2020 година да биде исплатена до 8 мај 2020 година во целост, додека платите за месец март до 20 мај, април до 8 јуни и мај до 20 јуни во висина од 80% согласно член 18, ст.1 и ст3 од Општиот колективен договор за приватниот сектор, по што разликата од помалку исплатена плата во висина од 20% месечно ќе започне да се враќа со платата за месец август 2020 година.

Веќе се реализира договореното и се исплаќаат платите на вработените согласно предвидената динамика.

Остварена е средба со раководството на Макпримат на која од страна на Претседателот на ССМ е укажано за сите прекршувања на Законите од страна на раководството, а по ангажманот на ССМ и пријавите до Државниот инспекторат за труд на работа се вратени 90 работници со решение од ДИТ, а со цел сите вработени на која на незаконит начин им беше прекинат работниот однос да бидат вратени на работа во конфекцијата.

Секретарот на РСП Куманово  во својот извештај за преземените активности за месец мај 2020 г. истакна дека за време на вонредната состојба има голем број на отпуштања на работници од чевларската индустрија, поради што како преставник на ССМ организирал средби со претставниците на работодавачите и претставниците на работниците од оваа дејност, а во врска со овој проблем и потребата од субвенционирање во оваа дејност организирана е средба и со Премиерот на државата, се очекува исполнување на обврската за субвенции во оваа дејност во која се опфатени 1400 вработени, но сега поради здравствената криза најголем број на компании не работат.

Голем е бројот на анонимните јавувања најчесто по електронски пат , за права од работен однос  на кои претставниците на ССМ одговараат телефонски или по меил со совет и упатување за начинот и постапката за остварување на правата.

Генерално обраќањата се во врска со: упатување на годишен одмор или принуден одмор без решенија, престанок на работниот однос додека сеуште трае принудниот или годишниот одмор, принуден одмор за хронично болни лица и мајки со деца до 10 години. Исто така дел обраќања се однесуваат на тоа дека работодавачите неосновано им го трансформираат работниот однос од работен однос на неопределено време во работен однос на определено време, како и во врска со притисоците врз работниците да потпишат спогодбен престанок на работниот однос. Дел обраќања се во врска со  договорите за дело, непријавената работа, привремените вработувања преку приватните агенции за привремени вработувања и сл.

За одбележување е тоа дека најголемиот број на обраќања се од работници кои не се синдикално организирани што ја отежнува работата на ССМ во врска со нивната заштита .

И оваа состојба го потврди ставот на ССМ дека од особено значење е работниците да бидат синдикално организирани за да можат да бидат целосно информирани, оспособени и вклучени во постапките за препознавање, заштита и унапредување на работничките права.

Покрај директната правна помош и заштита на правата на своето членство, ССМ со своите активности реализирани  во овој период на кризата, докажа дека како репрезентативен синдикат во државата се грижи и презема одговорност  за остварување на правата на сите работници.

Од почетокот на кризата ССМ иницира до надлежните државни органи и институции мерки кои треба да се преземат за да се обезбеди заштита на здравјето и животот на работниците и граѓаните. Активно учествуваме во работата на ЕСС, преговараме и се договараме со владата во насока на заштита на работничките и граѓанските права со цел последиците од кризата да бидат што помали и еднакво балансирано распоредени на сите чинители на државата. Наша цел е работниците и нивните семејства да бидат максимално егзистенцијално обезбедени за да можат по надминување на кризата активно да се вклучат во производните процеси и сите други општествени активности.

 Во овој период преземавме активности и со нашиот ангажман обезбедивме:

- да не се суспендира ЗРО, другите закони од работно правната област и колективните договори

- платите на работниците да не можат да се намалуваат под нивото на минималната плата

- да не се намалат платите на вработените во јавниот сектор 

- да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, како и да се овозможи ретроактивно враќање на работа на работниците кои од почетокот на кризата беа отпуштени со цел компанијата да обезбеди услови за добивање на финансиска поддршка од државата. На овој начин на работа се вратени голем број на отпуштени работници.

- да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речоиси никакво социјално ниту здравствено осигурување.

 - да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците  за чија што работа државата има зголемена потреба особено во овој период на криза  (инспектори, пожарникари, медиумски работници, шумска полиција, железничари и сл.).

- работодавачите ја преземаа обврската за обезбедување на средства за лична заштита и обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во компаниите согласно протоколите за заштита од корона вирусот

- утврдено право за надомест заради изгубено место во висина од 50% од просечната нето плата

- Одложување на плаќање на рати за кредити

- нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба.

Активностите на ССМ продолжуваат  со несмалено темпо, соработуваме и се договараме со претставниците на владата и работодавачите, но бескомпромисно ќе ги преземеме сите мерки и активности кои согласно закон ни стојат на располагање за целосна заштита на работниците и нивните семејства. Став на ССМ е дека  човечкиот потенцијал е најзначаен за секое општество, а синдикалниот слоган – ,,солидарноста пред се,,  во овие услови на здравствена криза, целосно дојде до израз и е прифатен од сите држави во светот.

Сојуз на синдикатите на Македонија

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.