Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ИНТЕРВЈУ Дарко Димовски, претседател на ССМ за весникот Вечер

ССМ е единствениот репрезентативен синдикат во државата кој за правата на работниците преговара со Владата и работодавците. Претседателот Дарко Димовски за весникот ВЕЧЕР вели дека се задоволни што во новиот сет владини мерки е земено предвид нивното барање услов за добивање финансиска поддршка за фирмите да биде враќање на отпуштените работници. Во пресрет на носењето нова работна и пензиска регулатива ССМ настапува со свои барања, како на пример: работната недела да се скрати на 38 часа, саботата и неделата да бидат неработни, да има повеќе начини за одење во пензија, вклучувајќи и докуп на стаж... Димовски вели и дека не отстапуваат од барањето ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите работници

Владата го објави четвртиот сет мерки. Дали сте задоволни од поддршката предвидена за вработените и компаниите и дали мислите дека нешто недостасува?

– ССМ од почетокот на здравствената криза укажува и бара сите мерки да бидат насочени кон зачувување на работните места, а во меѓувреме работниците да се заштитат од невработеност и загуба на приходите, како и да се ублажат финансиските загуби на сите. ССМ во изминатиот период активно придонесуваше преку навремени предлози и барања, со што се спречи поголемо отпуштање на работниците, а истовремено се изборивме како еден од условите за добивање на финансиската поддршка да биде задолжителното враќање на работниците кои ги изгубиле работните места. Задоволни сме што барањето на ССМ и во новиот сет мерки е прифатено, а со тоа ќе се спречи најавениот бран отпуштања.

Повторно е предвидена субвенција за плати за вработените која сега скалесто се движи од 14.500 денари до 21.776 денари. Дали е ова доволно и дали има доволно заштитни механизми за да не се случуваат малверзации?

-На инсистирање на Сојузот на синдикатите на Македонија, во новиот четврти по ред пакет мерки, повторно е обезбедена мерката поддршка за исплата на плати, а со поддршката за исплата на плати, која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември ќе се зачуваат работните места. Социјалните партнери, на иницијатива на ССМ, при подготовка на мерките договорија одговорност за работодавачите за да се спречи злоупотребата на финансиската поддршка, а тоа е потребниот механизам за парите да завршат директно кај работниците. Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно со падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Обезбедуваме повеќе пари за поддршка на вработените, за стабилност на работните места. Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал

Останувате ли на ставот дека парите наместо на сметките на фирмите треба да одат директно на сметките на работниците?

-ССМ останува на ставот дека парите од финансиската поддршка за платите треба да се исплаќаат на сметките на работниците, а образложението на Владата беше дека за софтверски да се реализира ова наше барање треба да помине подолг временски период па поради тоа по предлог на ССМ е договорено да се утврди кривична одговорност за работодавачите кои евентуално би ги злоупотребиле финансиските средства. Сметаме дека тоа ќе придонесе за правилна употреба на средствата и нивна исплата на работниците.

Како да се подзаборави случајот со компаниите кои земаат субвенции за плати од претходните мерки на Владата и си ги задржаа за себе. Дали како Синдикат го следите овој случај кој е во Обвинителството и можете ли да преземете нешто?

-ССМ континуирано ја следи состојбата со одговорноста на работодавачите кои злоупотребија дел од финансиската поддршка за плати во изминатиот период, затоа што на иницијатива и на барање на ССМ беше и објавено јавно кои компании ги злоупотребиле средства. Дел од нив по јавното објавување ја исполнија својата обврска, а за дел поднесени се кривични пријави и очекуваме во најскоро време да се спроведе правната процедура и постапки за реализација на нивната одговорност.

Премиерот Зоран Заев рече дека фирмите кои нема да имаат добивка годинава ќе бидат ослободени од обврската на своите вработени да им исплатат К- 15. Каков е вашиот став за ова?

-Исплатата на регресот за годишен одмор е уредена со Колективните договори, а Колективните договори според Уставот на државата имаат еднаква правна важност како и законите. Важењето на Колективните договорни не може да се суспендира од страна на државни органи. ССМ како единствен репрезентативен синдикат во државата очекува работодавачите да ја исполнат оваа обврска така како што е утврдена во Колективните договори. Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор. Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

Конечно имаме функционален парламент и функционална Влада кои можат да се посветат на работното законодавство кое долго време е на чекање. ССМ има свои ставови околу некои прашања кои повеќе пати ги објави, како на пример неделата да биде неработна, договорите за работа на определено време да бидат исклучок и слично. Какви измени на оваа регулатива предлагате и кои се вашите црвени линии?

-За ССМ, заштитата на работничките и човековите права, се приоритет. Многу активности преземени пред почетокот на здравствената криза, а се во насока на унапредување на работничките права, беа стопирани поради приоритетите кои ги наметна здравствената криза, но сметаме дека е време да се продолжат затоа што се нераскинлив дел од целокупниот ангажман за демократизација на државата и почитување на правата на сите без дискриминација. По конституирањето на новата Влада, ССМ веднаш ги достави своите ставови и барања, а за што на 7 септември 2020 година се одржа средба на највисоко ниво помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Владата. Барањата на ССМ за новиот Закон за работните односи се дека истиот треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи и во таа насока се залагаме за: договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година, 38-часовна работна недела, породилно отсуство во траење од 12 месеци, доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД, целосно остварување на правото на годишен одмор, сабота и недела денови на неделен одмор, унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите, почитување на конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање, работодавачот да биде должен да ги почне преговорите во рок од 30 дена од доставен писмен предлог на Колективен договор на ниво на работодавач од страна на синдикатот, унапредување на колективното договарање (потпишување на ОКД за приватен сектор и за јавен сектор) и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.
Очекуваме средбите со Владата да продолжат во континуитет како и да се унапреди Социјалниот дијалог во насока на реализација на нашите барања кои се во насока на унапредување на работничките права.

Наскоро треба да се донесе и нов пензиски закон. Вие предлагате пензионирање според стаж, но дали би го прифатиле предлогот на Владата за пензионирање на 64 години и можност за докуп на стаж и одење во предвремена пензија?

-Воведување на повеќе услови за пензионирање кои ги бараме од нашиот социјален партнер- Владата, а го поздравуваме и пристапот на ветеното дека истото ќе биде имплементирано во најскор можен рок и тоа старосна пензија – по работен стаж: 35 години работен стаж – жена – без оглед на годините на возраст и 40 години работен стаж – маж – без оглед на годините на возраст.
Старосна пензија – по возраст или работен стаж: по дејности.
Предвремена старосна пензија по возраст. Бараме да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 57 години за жени, 59 години за мажи, со минимум работен стаж од 15 години. Корисници на предвремена старосна пензија можат да бидат работници кои работат но, не можат да продолжат да работат од одредени причини (здравствени причини, поради стечај или ликвидација) или се невработени, а го исполнуваат условот – минимум 15 години работен стаж. Овој вид на пензија би се остварувала исклучиво по волја и барање на работникот.
Неполна старосна пензија по возраст- Да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување (докуп на стаж) доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, до 5 години пред исполнување на условот за пензионирање. Да се овозможи работодавачот да го плати придонесот за пензиско и инвалидско осигурување (докуп на стаж) , за работник кој е 5 години пред исполнување на условот за пензионирање , врз основа на претходна согласност од работникот.
Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците

ССМ имаше барања во врска со заштита на работниците од ковид-19. Кои се тие и дали се сè уште актуелни?

-Поаѓајќи од тешката егзистенцијална состојба во која од почетокот на здравствената криза предизвикана од корона-вирусот, се најдоа голем број работници со тоа што се заразија вршејќи ги своите работни задачи, односно им беше определена изолација како резултат на изложеноста на вирусот, пред сè на работните места, Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека во Правилникот за листа на професионалните болести како професионална болест треба да се смета заразата со ковид-19, не само за здравствените работници туку и за работниците од други дејности вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на ковид-19.
„Во активностите за сузбивање на заразната болест ковид-19, покрај здравствените работници, учествуваат и голем број работници од други дејности и институции и заради начелото на еднаквост, рамноправност и еднаква достапност на правото за сите, заболувањето од ковид-19 кај сите работници изложени на вирусот треба да се третира како професионална болест со право на 100% надомест на плата.
ССМ предлага надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од ковид-19, изолација и само изолација поради изложеност на ковид-19 да изнесува 100% од основицата утврдена со закон.
Сите работници во текот на своето работење се изложени на непосредни контакти со поголем број на луѓе, а со оглед на тоа што се работи за се уште неистражена заразна болест, работниците не по своја вина се повеќе се разболуваат од ковид- 19 или пак мора да се во изолација поради изложеност на заразната болест. Секое намалување на платата на работниците во овој период е животно загрозувачко за работникот и неговото семејство, воедно опасно и за спречување на понатамошното ширење на болеста.

Вашиот претходник Живко Митревски веќе извесно време тврди дека има докази дека претседател на ССМ е тој. Каков е Вашиот став и каков расплет на оваа ситуација која се провлекува низ целиот ваш претседателски мандат очекувате?

-Сојузот на синдикатите на Македонија, најтранспарентно ја известуваше јавноста и членството во врска со постапките покренати од страна на Живко Митревски. Сите постапки кои ги водел Живко Митревски против ССМ се правосилно завршени на штета на Митревски. Време е Митревски да се одважи и да разбере и признае дека не е повеќе претседател на ССМ и дека членството му ја покажало синдикалната врата и да не прави повеќе штета на синдикалното движење во државата, а особено не на ССМ.

--------------------------------------------------------------------

Целото интервју можете да го најдете на линкот:

https://www.vecer.press/%D0%B8%D0%BD%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%B2%D1%98%D1%83...

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.