Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ИНТЕРВЈУ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДИМОВСКИ ЗА ОКД ЗА ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) никако да се договори со работодавачите околу новиот Општ колективен договор за приватниот сектор во областа на стопанството. Стариот е истечен веќе две и пол години, но според регулативата, неговите одредби важат до донесувањето на новиот договор.

Во новиот пак, како што тврдат од ССМ, работодавачите сакаат да им ги скратат правата на работниците.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, вели дека без синдикалниот потпис не може да има нов колективен договор, а дека тој нема да го стави потписот на договор што е повеќе штетен од сегашниот. Дури, тврди тој, Синдикатот инсистира на зголемување на работничките права.

– Многу тешко ни оди договарањето со работодавачите. Тие избегнуваат и да седнат на маса со нас. Предлогот за новиот колективен договор што ни го доставија е неприфатлив. Сега за ноќна работа, според Општиот колективен договор за стопанството, работниците добиваат дополнителни 35 отсто од својата дневница, а работодавачите предлагаат тоа да биде 20 отсто, ние пак, побараме дополнителни 50 отсто. За прекувремена работа според сегашното решение следуваат дополнителни 35 отсто, работодавачите предлагаат 20 отсто, но ние бараме до 8 часа прекувремен труд во една недела (работната недела трае 40 часа) дополнителни 50 отсто од дневниците, а ако се работи повеќе од тие часови, како и во недела и на празници, дополнителни 70 отсто – вели Димовски.

Димовски вели дека според европската практика дополнителната работа е скапа, токму за да се дестумилираат работодавачите да ги експлоатираат работниците.

– Во многу европски земји, ако сака работодавачот да му работи работникот во неработен ден, ќе му плати дури 500 проценти – вели Димовски.

Во новиот општ колективен договор за стопанството бараме надоместокот за годишен одмор, или популарно наречениот К-15 да биде 100 проценти од нето-просечната плата во Македонија, а не 40 отсто, како што е сега. Исто така, бараме да се брише делот според кој ако фирмата има финансиски тешкотии, да може да се исплати помал К-15 – вели Димовски.

Тој се жали и на компаниите што го изигруваат и сегашниот општ колективен договор.

– Имаме драстични примери на кршење на работничките парава. Еве еден пример, во една компанија во слободните зони зачленивме 400 работници и под притисок на менаџерите, набргу потоа сите тие, освен еден, се расчленија. Тоа е против сите начела на демократијата, да се забрани синдикално организирање. Но она што може да го забележам е дека во странските компании многу повиновни за ваквата состојба се домашните менаџери кои се поставени на раководни позиции од самите странци – вели Димовски.

Потписник на Колективниот договор од една страна е Организацијата на работодавачи како репрезентативна организација на работодавачите, а од друга страна Сојузот на синдикати на Македонија, како репрезентативно синдикално здружение. Одредбите на Колективниот договор, согласно со Законот за работни односи се задолжителни и доколку не се спроведуваат следуваат казни.

Само основицата на минималната плата е 14.500, каде се додатоците?

Од декември минималната плата во државава е 14.500 денари. Но претседателот на ССМ Дарко Димовски објаснува дека тоа е основната минимална плата, а дека досегашното искуство покажало дека работодавачите не ги исплатуваат додатоците што се задолжителни.

– Реално, минималната плата е поголема од 14.500 денари. На оваа плата следуваат додатоци што се задолжителни според Колективниот договор. Има додаток за стаж, додаток за работа ноќе, за работа во смена, за работа на празник, а овие додатоци не се исплатуваат. Еве, во која текстилна индустрија не се работи во смени и на празници? Тие велат дека тоа им го налага производниот процес и нарачките. Но и регулативата им налага што да платат покрај минималната плата, па најголем дел од компаниите, тоа не го прават – вели Димовски.

35 отсто поголема дневница следува за ноќна и за прекувремена работа според сегашниот Колективен договор за стопанството, а работодавачите бараат да биде 20 отсто.

70 отсто дополнително од дневницата бара ССМ за работа на празници и во ден за неделен одмор утврден со закон.

50 отсто поголема дневница бара ССМ за дополнителни 8 часа во текот на една недела, а за повеќе часови да следуваат дополнителни 70 проценти.

Преземено од : https://www.slobodenpecat.mk/gazdite-pritiskaat-za-pomalku-prava-vo-kole...

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.