Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ИЗВЕСТУВАЊЕ ВО ВРСКА СО ДОНЕСЕНИТЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА

Сојузот на синдикатите на Македонија уште при подготовката на Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во РМ,  на седниците на Економско-социјалниот совет и со официјални дописи до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии даде свое мислење и забелешки со кои ССМ не се согласува со Предлогот содржан во член 1 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата кој се однесува на член 2 од Законот за минимална плата и со истиот се предлага по ставот 1 (од член 2 на Законот) да се додадат три нови става со кои се дефинира поимот „нормиран учинок„.

ССМ предложи член 2 од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата да гласи:

Минималната плата е најнизок месечен износ на основната плата, која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време.

ССМ не се согласува минималната плата да биде условена од – нормиран учинок за кој во предложените измени на Законот, кои се веќе усвоени од страна на Собранието на РМ, е предвидено да се утврдува единствено од работодавачот и врз основа на критериуми утврдени единствено од работодавачот.

Своето несогласување покрај на седница на ЕСС, Сојузот на синдикатите на Македонија го изрази и со писмен допис до МТСП и Министерството за финансии на 6.9.2017 година во периодот кога предлог законот беше во фаза на расправа во Собранието на Република Македонија.

Дополнително од страна на в.д Претседателот на ССМ м-р Дарко Димовски на неофицијална средба  со Претседателот  на Владата на Република Македонија, Зоран Заев му беше пренесен ставот на Претседателството на ССМ, дека Сојузот на синдикатите на Македонија не се согласува минималната плата да биде условена од – нормиран учинок. Исто така, в.д Претседателот на ССМ на средбата со Претседателот на Владата на Република Македонија, истакна дека сите разговори во делот на измени и дополнувања на Закони од областа на работното законодавство, потребно е да бидат правени исклучиво со Социјалните партнери - Синдикатите како легитимни претставници на работниците и организациите на работодавачите.

Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период ќе поднесе иницијатива за оцена на Уставноста на законското решение со  условувањето на Минималната плата со нормиран учинок, која ќе се однесува на член 1 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата усвоен од Собранието на Република Македонија.

Во прилог на ова известување ги доставуваме и писмата кои ССМ ги упати до МТСП и до Министерството за финансии.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.