Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

КОНФЕРЕНЦИЈА - НОВ ЗАКОН ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ, ХАРМОНИЗАЦИЈА НА ДОМАШНОТО СО ЕВРОПСКОТО ТРУДОВО ЗАКОНОДАВСТВО

Сојузот на синдикатите на Македонија, денес организираше Конференција на високо ниво на тема „Нов Закон за работните односи, хармонизација на домашното со Европското трудово законодавство“.

На Конференцијата активно учество имаа претседатели на гранските синдикати здружени во ССМ, претставници на социјалните партнери, високи претставници на Европската конфедерација на синдикати (ЕКС) и на Светската конфедерација на синдикатите (МКС) и тоа: Генералниот секретар на ЕКС, г-дин Лука Висентини, Специјалниот советник на МКС, Јап Винен, Претседателот на Владата, Зоран Заев, Министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, Емил Крстановски од МОТ, Претседателот на УНАСМ, Слободан Антовски, Претседателот на БКМ, Миле Бошков, професорите на Правен факултет, Тодор Каламатиев и Лазар Јовевски како и и други значајни чинители во општеството.

Слика 1. Министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска, Претседателот на Владата, Зоран Заев, Генералниот секретар на ЕКС, г-дин Лука Висентини, Специјалниот советник на МКС, Јап Винен, Претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Слика 2. Претседатели на гранските синдикати здружени во ССМ и претставници на социјалните партнери. 

Слика 3. Учесници на Конференцијата

На конференцијата Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски истакна дека Сојузот на синдикатите на Македонија е најстариот и најбројниот синдикат во нашата држава.

Слика 4. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Oд исклучителна важност е нашата одговорност да ги браниме, почитуваме и унапредуваме демократските вредности, работничките и човековите права.

Сведоци сме на предизвиците со кои сме соочени ние, европското и светското  синдикално движење.

Целосно го прифаќаме ставот содржан во  Манифестот на Европската конфедерација на синдикати за 2019-2023 година дека синдикатите имаат одговорност да ја бранат демократијата и европскиот социјален модел, како најважно достигнување на синдикалното движење.

Свесни сме дека пристојни и еднакви услови за живеење и работа за сите без дискриминација се создаваат преку креирање и обезбедување на реални и одржливи работни места, социјална сигурност, здрави и безбедни работни услови, намалување на сиромаштијата, заштита на човековата околина и подобрување на квалитетот на образовните системи и професионалните вештини.

Соработката со европската и светската конфедерација на синдикати е од исклучителна важност за ССМ, Вашата поддршка за нас е показател дека сме на правиот пат на кој мора да истраеме.

Со Владата, работодавачите и синдикатите покажавме дека до сега многу пати заедно сме утврдиле заеднички решенија, но многу работи се се уште отворени и како претставници на работниците не сме задоволни.

Тие прашања се постојано наш предизвик и поради тоа во овој период заедички со социјалните партнери преку социјален дијалог работиме на донесувањето на нов Закон за работните односи.

Истовремено укажуваме дека сите економски и општествени проблеми и предизвици во државата не може и не треба да се решаваат само преку грбот на работниците.

Социјалната сигурност и демократските вредности се претпоставки кои ќе ја задржат младата популација, наспроти трендот на отселување карактеристичен за последниот период.

Во таа насока се бориме за унапредување на работничките права, а за одбележување е дека во последниот период постигнавме  континуирано зголемување на минималната плата по пат на социјален дијалог и соработка со Владата и работодавачите.

Очекуваме тоа да биде основа за зголемување на платите на сите работници.

Република Северна Македонија е земја апликант за членство во Европската унија и покрај предизвиците присутни на тој пат во последниов период, за нас оваа опција, европска Македонија е единствено прифатлива и според нашата местоположба, но и според нашата потреба да ги прифатиме европските вредности за демократија и развој.

Поради тоа сметаме дека новиот Закон за работните односи треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи.

Во таа насока се залагаме за:

- договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година

- 38 часовна работна недела,

- породилно отсуство во траење од 12 месеци,

- доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД,

- целосно остварување на правото на годишен одмор,

- почитување на конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање,

- унапредување на колективното договарање и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.

Присуството на високите претставници на ИТУЦ и ЕТУЦ на денешнава конференција и нивната поддршка во нашите заложби се од исклучително значење за сите синдикати, да истраеме во нашите активности за унапредување на работно правното законодавство.

Силата на синдикатите е во нивната бројност, обученост, оспособеност, но и во нивната солидарност, поддршка и заедничко делување не само во сопствените држави туку и на глобален план.

Само така здружени можеме да ја постигнеме нашата заедничка цел во  остварување и заштита на достоинството и човечките вредности.

Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини истакна дека ЕТУЦ се многу среќни за можноста, денес да бидат во Скопје и да покажат солидарност на синдикатите во државата, ЕТУЦ го поддржува процесот на започнување на преговори со  Европската унија. Жалиме за одлуката на Европскиот совет за неотпочнување на преговорите за пристапување во ЕУ на Република Северна Македонија и ја изразуваме нашата солидарност со работниците и нивните синдикати. Како ЕТУЦ јасно ја искажавме нашата позиција спрема Европските инститиции за процесот да биде отворен, а во исто време ја охрабруваме Владата, синдикатите и социјалните партнери во Државата да работат на подобрување главно на две полиња.

Слика 5. Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини

Слика 6. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски и Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини

Првото се однесува на економијата, вработеноста и невработеноста во државата и покрај сериозните напори кои се преземени за зголемување на БДП и зголемување на минималната плата, но и покрај тоа, тоа не е нивото кое што е потребно.

Има потреба од поголеми инвестиции, креирање на повеќе работни места, а исто така потребно е да се постават одредени услови кога станува збор за странските инвеститори кои доаѓаат во државата да експлоатираат евтина работна рака и истите е потребно да ги почитуваат правилата исто како што тоа го прават во државите од каде што доаѓаат.

Потребно е да се креираат повеќе квалитетни работни места за младите луѓе, за истите да не ја напуштаат државата, но исто така потребно е корегирање на платите и тие да бидат на соодветно ниво поради тоа што и минималната плата е се уште далеку од износот на потрошувачката кошничка, а потребно е и зајакнување на колективното договорање посебно во приватниот сектор.

Второто се однесува на реформата на Законот за работните односи. Го поздравуваме социјалниот дијалогот кој е во тек, но во исто време препорачуваме да се задржат позитивните аспекти кои се дел од Законот и процесот да се искористи во насока да се зајакне социјалниот дијалог, да се унапреди процесот на колективно договарање и да се пополнат празнините кои се уште постојат во Законот за работните осноси во насока на Европските директиви и Конвенциите на МОТ.

Голема благодарност до Претседателот на ССМ, Дарко Димовски и Сојузот на синдикатите на Македонија за поканата и за можноста да учествуваме на Конференцијата. Европската конфедерација на синдикати и во иднина стои на располагање доколку тоа е потребно.

Премиерот, Зоран Заев истакна дека социјалниот дијалог дава резултат, но не треба да се застане тука. Министерката за труд и социјална политика, преку социјалниот дијалог,  две години разговара за Законот за работни односи, кој го нарекуваат дури и „Мал Устав“ заради важноста за работниците, и низ внимателен, посветен и трпелив начин е дојдено до фаза успешно за сите страни да привршува дебатата и да се утврдат најдобрите решенија. 

Очекувам да се изнајдат решенија, за сезонската работа, за работата од дома и домашната работа, за тие што се на определено време, за работата од далечина, за еднаквиот третман на мажите и жените и потребата од напуштањето на позитивната дискриминација за жените, како и за комплетна регулација за ноќната работа, и за договорите за вработување на младите лица.

Слика 7. Премиерот, Зоран Заев и Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потенцираше дека новиот Закон за работни односи којшто е во фаза на подготовка е усогласен со меѓународните стандарди и ги унапредува работничките права и социјалниот дијалог.

Одредени верзии на Законот се дискутирани од страна на сите социјалните партнери. Во подготовка на законското решение ја вклучуваме и академската јавност којашто се занимава со трудовото право. Очекувам во наредниот период дијалогот да продолжи и да донесеме закон којшто ќе биде во интерес на сите.

По завршување на Конференцијата се одржа и Прес конференција и во прилог линкови од изјавите:

1. Изјава од Лука Висентини

2.Изјава Дарко Димовски

3.Изјава Зоран Заев

4.Изјава Мила Царовска

5.Инсерти од Конференцијата

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.