Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

-KРОС СЕКТОРСКА ДЕБАТА- ЈАВНА ДЕБАТА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА БИПАРТИТНИОТ ДИЈАЛОГ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА ВО КОМПАНИИТЕ

25.1.2017

Слика 1. Учесниците на јавната дебатата

Во состав на проектот: „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина - Основно човеково право”, во организација на Македонското здружение за заштита при работа во соработка со Сојузот на синдикати на Македонија на 25.1.2017 година беше одржана крос секторска дебата на тема „Унапредување на бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа во компаниите и разгледување на клучните препораки од студијата за функционирање на бипартитниот дијалог“.

На оваа јавна дебата покрај претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски и претседателот на МЗЗПР Милан Петковски, учествуваше и претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, како и претставник од Министерството за труд и социјална политика на Р. Македонија, односно социјалните партнери, претставници на вработените, стручни лица по безбедност при работа, образовни институции, медиуми, претставници од релевантни сектори и други засегнати чинители.

Целта на оваа јавната дебата беше да се отвори дискусија за мислењата и ставовите на сите засегнати страни во однос на унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа и промовирањето на безбедни и здрави работни места и заклучоците и препораките кои произлегоа од ,,Студијата за функционирање на бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа во компаниите и улогата и профилот на претставниците на вработените за БЗР во Република Македонија’’.

Слика 2. Претседателот д-р Митревски на дебатата

На дебатата беше потенцирано и заклучено дека бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа меѓу синдикатите и работодавачите во Македонија не е доволно развиен и потребно е негово интензивирање, бидејќи голем дел од прашањата поврзани со безбедноста и заштитата на работното место се решливи на ниво на компани.

Слика 3. Претседателот д-р Митревски на прес-конференцијата

Пред почетокот на дебатата беше организирана и прес- конференција на која претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски истакна дека заедничкото делување на социјалните партнери е од големо значење за да се обезбедат работни места сигурни за работниците и да се намали бројот на несреќи на работното место.

- Ништо не може да биде реализирано и остварено доколку сите заеднички не се фокусираат на спроведувањето на законот. Само преку содејство на сите социјални партнери може да направиме атмосфера на драстично поттикнување на безбедноста и здравјето при работа, нагласи Митревски.  

Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски истакна дека најважно е да се изгради култура на превентивно делување, односно да се сфати дека здрав работник е бенефит за секоја компанија. 

Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, важно е да се зголеми улогата на лицата задолжени за безбедноста и здравјето при работа во самите компании бидејќи тие се непосредно запознаени со сите ризици за настанување на несреќите на работното место. 

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година, а со неговите измени е зајакната улогата на претседателот на синдикатот на кој му е овозможен проевропски начин на делување со можност најмалку двапати годишно да врши контрола на работните места и да биде информиран за сите видови повреди на работното место што претставува можност за поголема контрола и има корективна улога во целиот систем за БЗР на ниво на компании.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.