Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Младинската невработеност дополнително отежната поради корона кризата

[Интервју] Ирена Ивановска, Претседател на Секција на млади: Младинската невработеност дополнително отежната поради корона кризата!

Од почетокот на кризата со корона најмалку 12.000 луѓе останаа без работа и без егзистенција, а речиси 3.300 од нив се млади луѓе под 29 години (не сметајќи ги лицата кои работат во неформалната економија). Секој четврти човек кој останал без работа е млад човек, што дополнително ја отежнува состојбата со младинската невработеност во земјата која е меѓу највисоките во Европа, а изнесува 35%. Претседателката на Секцијата на млади на Сојузот на синдикатите на Македонија (СМССМ), Ирена Ивановска во интервју за ПИНА зборува за високата стапка на младинска невработеност во земјава, што е тоа што ги обесхрабрува младите да се вклучат на пазарот на трудот, но и како корона кризата дополнително влијае на оваа состојба.

Младите лица се една од најранливите категории на лица кога станува збор за работнички права, работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на понесигурни работни позиции, вели Ивановска.

Младинската невработеност во земјава е меѓу највисоките во Европа (35%), според Вас на што се должи овој голем процент?

Младите во секое општество преставуваат движечка сила на општествениот и економскиот развој во државата. Нивното активно вклучување во целокупниот општествен живот носи промена, свежи идеи, ентузијазам и прогрес кон подобро и похумано општество. Но, каде се денес младите во нашата држава? Стапката на младинската невработеност во државата изнесува 35%, што е меѓу највисоките во Европа. Оваа состојба е дополнително отежната со почетокот на здравствената криза, каде повторно на удар се младите лица, кои и претходно беа една од најранливата категорија на лица кога станува збор за пазарот на труд и права од работен однос. Како што можеме да видиме од податоците, од почетокот на здравствената криза, речиси 12.000 луѓе останаа без работа и егзистенција, а речиси 3.300 од нив се млади лица под 29 години (тука несметајќи ги лицата кои работат во неформалната економија). Секој четврти човек кој останал без работа е млад човек, а негативна е и ситуацијата на глобално ниво, каде секој 6ти млад човек го загубил своето работно место од почетокот на здравствената криза. Согласно нашите податоци, најголем број на млади лица кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот кој го потенциравме и претходно, дека младите лица се една од најранливите категории на лица кога станува збор за работнички права, работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на понесигурни работни позиции.

Што е тоа што ги обесхрабрува младите лица за вработување и вклучување на пазарот на трудот? Квалитетот на работни места, финансии, работнички права или друго?

Правото на работа е основно егзистенцијално право кое е уставно загарантирано. Економскиот развој на државата зависи од унапредувањето на пазарот на труд и неговото прилагодување на потребите на граѓаните.

ССМ во рамките на своите програмски активности спроведува низа обуки наменети за младите за нивно целосно оспособување и информирање за состојбата и инклузивноста на пазарот на труд. Наша цел е младите при вклучување на пазарот на труд да аплицираат и прифаќаат одржливи и реални работни места, кои ги имаат сите елементи на пристојна работа за која се залага Меѓународната организација на трудот (МОТ). Концептот на пристојната работа промовиран од МОТ упатува на тоа дека работните места треба да се адекватни на образовното ниво на младите работници и на нивните работни вештини, истите да бидат извор на пристојна егзистенција за младиот човек, во компанијата да бидат овозможени  здрави и безбедни услови за работа, како и целосно остварување на правата од работен однос уредени со закон и колективни договори.

Обесхрабрувањето на младите произлегува од сложената економска состојба во државата, дополнително отежната со почетокот на здравствената криза. Недостатокот на работни места, понуда на работа која не одговара на квалификациите, ниските плати и слично, се реалност со која се судруваат младите уште на почетокот на нивното работно ангажирање и вклучување на пазарот на труд. Предизвиците што им престојат на сите релевантни фактори во државата се големи, фокусот на сите, синдикатите, владата и работодавачите треба да биде насочен кон надминување на проблемите и вклучување на граѓаните, посебно младите  во сите процеси закреирање на својата иднина.

Дали и како им влијаат условите за работа кои им се нудат, како висина на плата, работа без склучен договор и слично?

Според сегашното работно – правно законодавство во државата, договорите за вработување склучени во писмена форма се задолжителни, а секое друго работно ангажирање без договор за вработување преставува непријавена работа. Непријавената работа, најчесто значи неможност за остварување на работничките права или нивно остварување во помал обем од тоа што е предвидено со закон. Непријавената работа значи неможност на остварување на права од пензиско – инвалидско, здравствено осигурување, истата ги поткопува фондовите за социјална сигурност и заштита во државата и создава нелојална конкуренција на пазарот.

Во услови на невработеност, намалена понуда на работа и слично, младите често се принудени да прифатат работа која не е пријавена, со недоволно обезбедени услови за здраво и безбедно работење и со плата која е под нивото на гаранциите кои ги обезбедува законот и КД. Тие работници најчесто многу брзо се судруваат со проблемите на остварување на нивните права. Во овој дел особено е важна работата на инспекциските органи нивната ажурност и професионалност.

Дали државата прави доволно за намалување на стапката на младинска невработеност? Што покажува досегашната пракса и вашето искуство?

ССМ како актуелен социјален партнер во државата учествува во креирање на националните стратегии и политики за унапредување на пазарот на труд, со посебен ангажман и акцент за преземање на мерки и активности за подобрување на положбата на младите лица, со цел нивно задржување во државата како неопходен двигател за развој на домашната економија. Државата презема повеќе оперативни мерки и активности за поттикнување на практиканството, субвенционирано вработување и погодности за самовработување и развој на мали бизниси пред сѐ за млади лица. Наша цел е овие активности да се прошируваат и да опфатат што поголем број на млади лица, пред сѐ жени, лица со инвалидитет, како и лицата од руралните средини како најранливи категории во општеството.

Здравствената криза која сѐ уште трае резултира со застој во реализацијата на планираното и предвиденото во оваа област, тоа ќе бидат предизвици со кои социјалните партнери ќе се соочуваат и во наредниот период.

Секцијата на млади укажува дека од Законот за работни односи, најмногу се кршат правата на младите. Кои се поплаките кои младите најчесто ги адресираат? Од кои сектори се најнезадоволни?

Според податоците од службата за бесплатна правна помош и заштита организирана во рамките на ССМ, кога станува збор за кршење на работничките права без оглед на возраста на работниците, најмногу поплаки се однесуваат на неисплатени плати, додатоци, надоместоци и придонеси од плата.

Минатата (2019 година), најголемиот број на обраќања до ССМ во врска со заштита на правата од работен однос се од: Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ, Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комуналното-станбеностопанство,  занаетчиство и заштитни друштва на РМ  и Синдикатот на работниците од АГРО индустрискиот комплекс на РМ.

Покрај наведените дејности, од почетокот на оваа година евидентирани се и зголемен број на обраќања од текстилната и чевларската индустрија, градежништвото, како и обраќања на работници од јавниот сектор во врска со толкување и објаснување на важењето на уредбите со законска сила кои владата ги донесе за време на вонредната состојба во државата предизвикана од здравствената криза.

Кои се некои од проблемите и предизвиците со кои се соочуваат младите работници? Имаат ли еднакви права со останатите?

Според националното законодавство младите лица имаат еднакви права од работен однос како и сите други работници, како и одредени зголемени права во интерес на заштита на здравјето и безбедноста на младите лица на работните места , согласно конвенциите на МОТ и законодавството на ЕУ.

Во пракса се наидува на примери на намалување и ограничување на правата на младите лица што произлегува од нивната недоволна информираност за правата од работен однос.

Најчесто се кршат работничките права на лицата кои не се синдикално организирани и обучени. Младите работници (и работниците воопшто без оглед на возраста) кои се синдикално вклучени имаат сознанија за тоа кои се нивните права согласно закон и КД и која е постапката за нивна заштита и унапредување.

Став на ССМ е дека синдикално организираните работници се услов за перспективен развој на социјлниот дијалог во државата во сите области на општественото живеење.

*Зголемениот број на квалитетни млади кадри во состав на синдикатите може да биде стручен и оспособен респектиран фактор и учесник во креирањето на економските и општествените процеси.

Со оглед на досегашните податоци, според кои од почетокот на корона кризата,  12.000 луѓе останале без работа, а речиси 3.300 од нив се млади луѓе под 29 години, дали овој тренд би можел да продолжи односно дали во иднина корона кризата дополнително ќе влијае на стапката на невработеност кај младите?

Анализите и податоците кои се прават во земјите од нашето опкружување, како и насекаде во светот укажуваат на тоа дека негативните економски последици од здравствената криза ќе бидат реалност во сите земји вклучувајќи ја и нашата уште долг период во иднина. Од почетокот на здравствената криза социјалните партнери во државата се договорија и државата презеде мерки за субвенционирање и помош на компаниите пред сѐ во насока на исплата на платите на вработенитесѐ со цел да нема масовно отпуштање на работници. Кризата продолжува, овие мерки ќе бидат потребни и актуелни и во наредниот период.

Во кои сектори се најзагрозени работните места поради корона кризата?

Поради здравствената криза најзагрозени работни места беа во секторите: угостителство, туризам, текстилна, чевларска индустрија, градежништвото и метална индустрија.

****

Целото интервју можете да го најдете подоле на линкот:

https://pina.mk/4038-intervju-ivanovska-mladinskata-nevrabotenost-dopoln...

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.