Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

MOT: Заштитете ги работниците и сега и по олеснувањето на вонредната состојба

Светски ден на безбедност и здравје при работа

Заштитете ги работниците и сега и по олеснувањето на вонредната состојба, вели МОТ

Како што расте притисокот врз земјите да ги олеснат своите рестриктивни мерки на вонредна состојба, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги повикува владите да преземат активности за спречување и контрола на КОВИД-19 на работното место, со активна вклученост и дијалог со организациите на работниците и на работодавачите.

Сите работодавачи треба претходно да извршат процени на ризикот и да осигурат дека нивните локации ги исполнуваат строгите критериуми за безбедност и здравје при работа за да го сведат на минимум ризикот на изложување на работниците на КОВИД-19, вели МОТ.

Без такви контроли, земјите се соочуваат со многу реален ризик од повторно избувнување на вирусот. Воспоставувањето на неопходните мерки ќе го сведе на минимум ризикот од втор бран на заразата на работно место.  

„Безбедноста и здравјето на целата наша работна сила се најважни денес. Соочени со пандемијата на заразна болест, начинот на којшто ги заштитуваме нашите работници денес јасно утврдува колку се безбедни нашите заедници и колку ќе бидат отпорни нашите претпријатија како што ќе се развива оваа пандемија”, изјави Гај Рајдер, Генералниот директор на МОТ.

„Единствено преку спроведувањето мерки за безбедност и здравје при работа може да ги заштитиме животите на работниците, нивните семејства и на пошироката заедница, да осигуриме непречено работење и економски опстанок“, додаде Рајдер.  

Конкретно, мерките за контрола на ризикот треба да бидат посебно приспособени кон потребите на работниците што се во првите борбени редови против пандемијата. Тука се вклучени здравствените работници, медицинските сестри, докторите и вработените во службите за итна помош, како и лицата што се вработени во продажбата на храна на мало и службите за чистење.

МОТ, исто така, ги истакнува потребите на најранливите работници и бизниси, посебно на оние во неформалната економија, мигрантите и домашните работници. Мерките за заштита на овие работници треба да вклучуваат, меѓу другото, и едукација и обука за безбедни и здрави работни практики, обезбедување лична заштитна опрема, по потреба бесплатно, пристап до јавни здравствени услуги и алтернативи за доволен приход за живот.

„Пандемијата  КОВИД-19 ја истакна итната потреба од силни национални програми за заштита на здравјето и безбедноста на здравствените работници, медицинскиот персонал, вработените во службите за итна помош, и на многу други работници кои го ризикуваат својот живот за нас“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, Генералниот директор на СЗО. „На Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, ги повикувам сите земји да обезбедат добро-дефинирани, достоинствени и безбедни работни услови за сите здравствени работници“.

За да се осигури безбедно враќање на работа и да се избегне натамошно нарушување на работењето, Меѓународната организација на трудот препорачува:

  • Мапирање на опасностите и процена на сите ризици од зараза кај работните операции и нивна редовна  процена по враќањето на работа.  
  • Усвојување наменски мерки за контрола на ризикот за секој сектор и за секое претпријатие. Тие мерки може да вклучуваат:
    • Намалување на физичката интеракција меѓу работниците, изведувачите, клиентите и посетителите и почитување на физичкото дистанцирање во случај на какви било интеракции.
    • Подобрување на вентилацијата на работното место.
    • Редовно чистење на површините, обезбедување на чисти работни места и соодветни простории за миење на рацете и дезинфекција.
  • Обезбедување лична заштитна опрема за работниците, по потреба и бесплатно.
  • Обезбедување мерки за изолирање на сомнителни случаи и следење на секој контакт.
  • Обезбедување поддршка за заштита на менталното здравје за вработените.
  • Обезбедување обука, едукација и информативен материјал за здравјето и безбедноста при работа, вклучително и соодветни хигиенски практики и примена на контроли на работното место (вклучително и лична заштитна опрема).
Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.