Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Можно е да „настрадаат“ 25 милиони работни места ширум светот, како последица на COVID-19, вели МОТ

Првичната процена на МОТ за влијанието на COVID-19 врз глобалниот свет на работата укажува дека ефектите ќе бидат далекусежни, ќе истуркаат милиони луѓе во невработеност, недоволна ангажираност и работна сиромаштија, и предлага мерки за одлучен, координиран и итен одговор.

ЖЕНЕВА (МОТ) - Економската и трудовата криза создадена од пандемијата на COVID-19 би можела да ја зголеми глобалната невработеност за речиси 25 милиони, според новата процена направена од Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Но, ако имаме меѓународно координирана реакција, како што се случи и со глобалната финансиска криза во 2008/9, влијанието врз глобалната невработеност би можело да биде помало.

Документот за прелиминарна процена,  COVID-19 и светот на работата: Влијанија и одговори , повикува на итни, опсежни и координирани мерки во трите столба: заштита на работниците на работното место, стимулирање на економијата и вработеноста, и поддршка за работните места и приходите.

Овие мерки опфаќаат проширување на социјалната заштита, поддршка за задржување на вработеноста (т.е. скратено работно време, платено отсуство, други субвенции), и финансиски и даночни олеснувања, вклучително и за микро, малите и средните претпријатија. Освен тоа, овој документ предлага мерки поврзани со фискалната и монетарната политика, и финансиска поддршка и кредитирање за одредени економски сектори.

Различни сценарија

Врз основа на различните сценарија за влијанието на COVID-19 на растот на глобалниот БДП, проценките на МОТ укажуваат на пораст во глобалната невработеност од меѓу 5,3 милиони („полесно“ сценарио) и 24,7 милиони („потешко“ сценарио) од  основното ниво од 188 милиони во 2019 година.  За споредба, глобалната финансиска криза во 2008/9 ја зголеми глобалната невработеност за 22 милиони.

Исто така, се очекува зголемување на недоволната ангажираност, затоа што економските последици од ширењето на вирусот се преточуваат во намалувања на работното време и платите.  Самовработувањето во земјите во развој, кое честопати служи за ублажување на влијанието од промените, овојпат нема да ја има таа улога поради ограничувањето во движењето на луѓето (на пр. давателите на услуги) и стоките.

Падот на вработеноста, исто така, значи големи загуби на приходи за работниците.  Студијата проценува дека овие загуби би биле помеѓу 860 милијарди и 3,4 билиони УСД до крајот на 2020 година.  Тоа ќе предизвика пад на потрошувачката на стоки и услуги, што од друга страна, ќе влијае на можностите на бизнисите и економиите.

Исто така, се очекува значително зголемување на работната сиромаштија, затоа што „ограничувањата на приходите што ќе произлезат од падот на економската активост ќе ги разори работниците кои се наоѓаат близу или под прагот на сиромаштија”. МОТ проценува дека дополнително помеѓу 8,8 и 35 милиони луѓе низ светот ќе се најдат во работна сиромаштија, споредено со основната процена за 2020 година (која предвидуваше пад од 14 милиони на светско ниво).

Брзи и координирани политички одговори

„Ова веќе не е само глобална здравствена криза, туку и голема криза на пазарот на трудот и економска криза со огромно влијание врз луѓето“, вели генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер.  „Во 2008 година, светот беше обединет фронт за справување со последиците од глобалната финансиска криза, и се спречи најлошото. Потребно ни е такво лидерство и одлучност и сега,“ додаде тој.

„Ова не е само глобална здравствена криза, туку и голема криза на пазарот на трудот и економска криза со огромно влијание на луѓето.“

Гај Рајдер, генерален директор на Меѓународната организација на трудот

Документот од МОТ предупредува дека кризата со работните места несразмерно ќе влијае врз одредени групи со што би можело да се зголеми нееднаквоста.  Тука спаѓаат луѓе во послабо заштитените и слабо-платените работни места, посебно младите и повозрасните работници. Исто така, и жените и мигрантите.  Мигрантите се ранлива група поради недостигот на социјална заштита и права, а жените  вообичаено се поприсутни во ниско-платени работни места и во погодените сектори.

„Во време на криза како оваа, имаме две клучни алатки што може да ни помогнат да ја ублажиме штетата и да ја вратиме довербата на јавноста. Прво, социјалниот дијалог, вклученоста на работниците и работодавачите и нивни претставници, е суштински елемент за градење на јавната доверба и поддршка на мерките кои ни се потребни за да ја надминеме оваа криза.  Второ, меѓународните стандарди за трудот обезбедуваат испробана и доверлива основа за политички одговори фокусирани на одржливо и правично заздравување. Треба да се преземе сè што е можно за да се намали на штетата врз луѓето во овие тешки времиња“, заврши Рајдер.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.