Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДБЕЛЕЖАН 1ВИ МАЈ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ

  

1.5.2018

Сојузот на синдикатите на Македонија го одбележа 1ви Мај – Меѓународниот ден на трудот со организирање на СИНДИКАЛЕН МАРШ по мотото ПАТИШТАТА СЕ РАЗЛИЧНИ, ЦЕЛТА Е ЕДНА!

Одбележувањето започна со Свечена седница на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија која започна во 9.30 часот, на која пред присутните членови на Советот на ССМ, највисокиот орган помеѓу два Конгреса и членови на синдикатите здружени во ССМ се обрати Претседателот на ССМ, м-р Дарко Димовски. На седницата беше презентиран Првомајскиот проглас кој како што рече Претседателот Димовски, ќе биде доставен до Собранието и Владата на Република Македонија.

Синдикалниот марш започна во 10:30 часот и на истиот присуствуваа над 3.000 членови на синдикатите здружени во ССМ, работници и граѓани на Република Македонија.

Маршот од пред зградата на ССМ продолжи пред Собранието на Република Македонија каде што Иван Пешевски, Заменик претседател на СГИП и претставниците на Секцијата на Млади во ССМ, во името на Сојузот на синдикатите на Македонија упатија порака за стоп на кратење на работничките права, а беа упатени и барањата на синдикатите наведени во Првомајскиот проглас (подобар Закон за работните односи, повисоки плати, регрес за годишен одмор за сите вработени, против зголемување на старосната граница за пензионирање, сигурни работни места, стоп за работа на црно, здрави и безбедни работни места, стоп за мобинг, подобар Општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор ...)

Кон Синдикалниот марш, пред Собранието на Република Македонија се приклучија и нашите браќа и сестри синдикалци од Повелбата за солидарност.

Работниците, синдикалците, граѓаните на Република Македонија го продолжија своето движење до Владата на Република Македонија каде што Претседателот на ССМ, Димовски ги упати 15 синдикални барања наведени во Првомајскиот проглас на ССМ.
Ова е нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење, ќе се справиме со сите што ќе го издадат работничкото движење и синдикатот – рече Димовски. Претседателот на ССМ м-р Дарко Димовски истакна и дека по повод одбележување на меѓународниот ден на трудот и по повод 110 години синдикално движење единството  е повеќе од потребно во услови кога работничката класа е разбиена, неорганизирана, со стихиски поединечни (сегментирани) протести, кога работничката класа не преставува никаква закана за власта, кога работниците не ни помислуваат дека имаат право да пружат било каква форма на отпор, дури и во одбрана на човечноста, а тек во одбрана на работничките права, во услови кога доминира познатиот светски синдром на "дисциплинирачки карактер во криза", кога работниците се спремни и на понеповолни услови за работа само за да го задржат работното место, кога дел од раководствата на синдикатите беа ставени во служба на режимот. Затоа сме тука како нов почеток во враќањето на довербата и јасно да укажеме на спремноста дека ќе се справиме со сите оние кои ќе ги издадат интересите на работничката класа.

По неговото обраќање пред Владата на РМ, Претседателот на ССМ, Димовски, ги предаде барањата на ССМ во Владата на РМ и учествуваше на свечената седница на Економско- социјалниот совет на РМ на која присуствуваа Премиерот на РМ, г. Зоран Заев, Заменик- претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г. Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, г-а Мила Царовска, министерот за финансии, г. Драган Тевдовски и претставници на организациите на работодавачи и синдикатите.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Обраќање на претседателот на ССМ, Дарко Димовски пред платото на ССМ

Почеток на синдикалниот марш

Обраќање на претставниците на Секцијата на млади при ССМ пред Собранието на РМ

Кон синдикалниот марш се приклучија и синдикалците од Повелбата Солидарност

Пристигнување пред Владата на РМ и обраќање на претседателот Димовски

Доставување на барањата на ССМ до Владата на РМ

Учество на претставниците на ССМ на свечената седница на Економско- социјалниот совет на која присуствуваа Премиерот на РМ, г. Зоран Заев, Заменик- претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г. Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, г-а Мила Царовска, министерот за финансии, г. Драган Тевдовски и претставници на организациите на работодавачите и синдикатите

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.