Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата, е активен чинител во креирањето на политиките за економски и општествен развој, чиј дел е и областа за БЗР.

Одбележувајќи го Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа- 28 Април, истакнуваме дека обезбедувањето на здравите и безбедни услови за работа за работниците се приоритет во ангажманот на ССМ. 

Безбедните услови во компаниите се основна претпоставка за непречено обавување на работните задачи на работниците, затоа што тие се гаранција за зачувување на животот и здравјето на работниците, подобрување на работењето и зголемување на продуктивноста на трудот во компаниите.

Здравите и безбедни услови за работа се заедничка активност и трипартитно единство на сите социјални партнери во државата кои по пат на  меѓусебно координирана акција треба да придонесат за унапредување на целокупниот систем за обезбедување на сигурни и безбедни услови за работа.

По пат на социјален дијалог, со активно учество и на ССМ е донесена Националната стратегија за БЗР 2016–2020, како и Акцискиот план, а во државата функционира и Национален совет за БЗР како трипартитно експертско и советодавно тело за БЗР.

Примарна е одговорност на работодавачите за обезбедување на здрави и безбедни услови за работниците во работните средини, но исто толку се одговорни и работниците. Тоа значи дека работодавачите се должни да инвестираат во безбедни технологии, во унапредување на условите на работните  места  и во превенцијата на професионалните  болести и повреди на работа.

Работниците, исто така имаат еднакво важна и одговорна улога во обезбедувањето на здрави и безбедни услови за работа, во оваа насока ССМ се залага за уредување на  прецизна, конкретна и активна улога на претседателот на синдикалната организација и претставникот на вработените за безбедност и здравје во компаниите.

Оваа година се преземаат активности за согледување на состојбата од примената на Законот за БЗР, односно врз основа на предлозите и согледувањата на социјалните партнери ќе се заземе став дали законот треба да се менува или е потребно донесување на нов Закон за БЗР. Во ССМ во тек се активности за согледување на состојбите од примената на Законот за БЗР пред се во компаниите и врз основа на добиените податоци ССМ ќе го даде својот предлог во врска со потребните измени на законската регулатива во оваа област.

Истовремено став на ССМ е и дека  целосното остварување на правата од  аспект на обезбедување на здрави и безбедни услови за работа зависи од унапредување на колективното договарање првенствено во компаниите. Мал е бројот на КД на ниво на работодавач или КД на ниво на гранка, односно дејност  кои ги регулираат овие прашања. Наша цел во наредниот период ќе биде да се унапреди колективното договарање во овој правец, односно ќе се залагаме сите прашања за БЗР да бидат опфатени и регулирани со КД.

Значајна е и соработката и заедничките активности со инспекциските органи, граѓанскиот сектор, научната и стручната јавност. ССМ е отворен за соработка и заедничко делување со сите институции одговорни за креирањето на безбедни работни услови за работниците. Во таа смисла претставници на ССМ учествуваа на голем број работилници, форуми и советувања во врска со прашањата за БЗР.

Перспективно социјалните партнери и граѓанскиот сектор треба да се ангажираат за зголемување на сопствените капацитети и подигнување на јавната свест за потребата од подобрување и унапредување на безбедноста и здравјето при работа. Тоа ќе биде наш приоритет во наредниот период  и во таа насока ССМ ќе продолжи со континуираната активност за оспособување на членството и синдикалните раководства за сите прашања од аспект на БЗР.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2019 | Сите права се задржани.