Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДРЖАН 14ТИОТ КОНГРЕС НА ЕКС

 

Во периодот од 21-24 мај 2019 година, во Виена се одржа 14тиот Конгрес на Европската конфедерација на синдикати (ЕКС). На Конгресот присуствуваа делегации на европските национални синдикати кои го реизбраа Лука Висентини за генерален секретар и Лоран Бергер за претседател на Европската конфедерација на синдикати.

На отворањето на 14тиот Конгрес на ЕКС присуствуваа високи претставници на европските институции и земји, претседателот на Австрија, Александар Ван дер Белен, градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, генералниот секретар на ИТУЦ, Шаран Бароу, генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер, претседателот на ПЕРК, Иракли Петриашвили, премиерот на Португалија, Антонио Коста, претставници на европските федерации членки на ЕКС, како и гости и делегации од останати организации и институции.

За време на Конгресот беше усвоен новиот манифест и акциона програма за 2019-2023 година: "Поправедна Европа за работниците".

Покрај изборот на генерален секретар, беа избрани и двајца заменици генерални секретари - Естер Линч и Пер Хилмерсон; три конфедерални секретари- Лина Кар, Изабел Шоман и Лудовик Воет; четворица потпретседатели Хозе Марија (Пепе) Алварез, Миранда Уланс, Бенте Соргенфи и Јозеф Стредула.

Слика 1. Новото раководство на ЕКС

Политиките усвоени од страна на Конгресот на ЕКС, како дел од манифестот и Акционата Програма 2019-2023, се во насока на реформа на креирањето на економската политика на ЕУ, за промовирање на социјална правда, поволни инвестиции за вработување, одржлив раст и фер, прогресивно оданочување. Исто така, се побара целосно имплементирање на 20те принципи на Европскиот столб на социјални права усвоени од ЕУ во 2017 година, вклучувајќи ја и родовата рамноправност, еднаквите можности, правото на правична плата и правото на образование, обука и доживотно учење. Политиките на ЕКС ќе вклучуваат и активности за поддршка на посилно колективно преговарање - преговори меѓу работодавачите и синдикатите за подобри плати и работни услови - во сите земји на ЕУ, социјално праведна транзиција кон нискојаглеродна, дигитална, автоматска и глобална економија, обликување на иднината на работата со правото на ЕУ за да се намали несигурното вработување, да се унапредат работничките права, да се запре социјалниот дампинг и да се изгради фер мобилност на работниците и еднаков третман.

"Мисијата за следниот мандат ќе биде борбата против нападите врз демократијата и толеранцијата, преку промовирање на социјална правда, квалитет на работните места и повисоки плати низ ЕУ", рече Лука Висентини.

На 14тиот Конгрес на ЕКС присуствуваше и делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија предводена од Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски.  

Ден пред отворањето на Конгресот беше одржана и Конференција за млади, на тема „Иднината на синдикатите во Европа: млади, организирани и дигитализирани“, организирана од страна на Фондацијата Фридрих Еберт и Одборот на млади на ЕКС, на која присуствуваше претседателот на СМССМ, Ирена Ивановска.

Фото галерија

https://www.flickr.com/photos/etuc-ces/albums

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2019 | Сите права се задржани.