Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ОДРЖАНА 10ТА СЕДНИЦА НА ЕСС

На седницата на Економско- социјалниот совет, на која учествуваа членовите на ССМ, Дарко Димовски, Претседател на ССМ, Живко Даневски, Претседател на АГРО синдикат и Љупчо Радовски, Претседател на СТКЧ, заедно со Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, Заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров и други претставници на социјалните партнери, се дебатираше за неколку точки, помеѓу кои и за усогласувањето на минималната плата, согласно Законот за минимална плата, а како предлог на ССМ беа додадени и нови точки 5 и 6 „Усвојување на предлог за Ратификација на Конвенција 190 на Меѓународната организација на трудот - МОТ“ и „Разгледување на Барање од засегната страна за нацрт-Закон, Предлог Закон за парнична постапка поднесено од ССМ“.

На седницата беше отворено прашањето за усогласувањето на висината на минималната плата, согласно Законот за минимална плата, при што беа презентирани податоците врз основа на кои се врши усогласување на минималната плата. Членовите на ЕСС се согласија дебатата по оваа точка да продолжи следната седница, поради сериозните забелешки пренесени од страна на ССМ во поглед на начинот на пресметката за усогласување на минималната плата за точно утврдување на износот за кој истата ќе биде усогласена.

На седницата се разгледа и Годишниот извештај за работењето на Економско- социјалниот совет за 2020 година, каде што беа наведени предизвиците за функционирањето на ЕСС и препораките за негово натамошно подобрување.

Како точка на дневен ред на оваа седница беше и Имплементацијата на работниот план за преглед на занимања 2018/2021 година, согласно кој се изготвени вкупно 60 занимања и истите се објавени на веб порталот zanimanja.mk, како и планот за бројот на занимања кои ќе се изготват до крајот на 2021 година.

Членовите на ЕСС едногласно постигнаа согласност по однос на предлогот на ССМ за Ратификација на Конвенција 190 на Меѓународната организација на трудот, со што како ССМ обезбедуваме дополнителен механизам за заштита од вознемирување и насилство на работните места за сите работници.

Исто така, ССМ доби поддршка од Организацијата на работодавачи во поглед на нашите сериозни забелешки за воведување на задолжителна медијација пред поведување на судска постапка за заштита на работничките права во новиот Предлог Закон за парнична постапка, а по однос на ова прашање, социјалните партнери се договорија на следната седница на ЕСС, преставник на Министерството за правда да даде конкретно објаснување кое е целта на воведување на ваков механизам кој е спротивен на Уставот, Законот за работни односи и Законот за мирно решавање на работните спорови. 

ЗДРУЖЕНИ СО ИСТА ЦЕЛ- ОБЕЗБЕДУВАМЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕХАНИЗМИ ЗА ЗАШТИТА НА РАБОТНИЦИТЕ!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2021 | Сите права се задржани.