Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Основање на економско социјалниот совет

На 25 август 2010 година е потпишана Спогодба за основање на Економско – социјалниот совет.

Потписници се Владата на Република Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија.

Трите социјални партнери учествуваат со по четири члена во Економско – социјалниот совет. Од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија членови во ЕСС се  претседателот на ССМ д-р Живко Митревски и претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР) Пеце Ристески. 

Со основањето на ЕСС е отворена нова етапа во водењето социјален дијалог на национално ниво. Имено, Економско – социјален совет за прв пат е основан на 30 декември 1996 година, со тоа што оваа институција практично не заживеа до 2010 година. Причините беа во назаинтересираноста на досегашните влади, исто така и на неединството и спротивставеноста на синдикалните организации, како и на нејасните критериуми на нивната репрезентативност. Од страна на третиот партнер, работодавачите, причините беа во доцнењето на организирањето на асоцијација на работодавачите. Но воглавно најголемата причина е непостоењето политичка волја, што беше карактеристично за сите три страни.

Оваа состојба беше постојано критикувана од институциите на Европската Унија, што посебно доби на интензитет последните две до три години. Вистинските чекори и подготовки беа покренати минатата година, со измените на Законот за работни односи. Првиот чекор беше дефинирањето на условите за репрезентативност на синдикатите и на организациите на работодавачи, за што се направени измени и се вметнати одредби во Законот за работни односи. Критериумите за репрезентативност на синдикатите се дадени во членовите од 211 до 220 во Законот за работни односи, кои се службено објавени на 5 февруари 2010 година. Покрај другите услови, законот одредува дека  репрезентативен синдикат на национално ниво е синдикатот кој здружува најмалку 10 отсто од вкупниот број вработени во Република Македонија.

На 23 јули 2010 година од Министерството за труд и социјална политика решение за репрезентативност добија Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати. Решение за репрезентативност во исто време доби и Организацијата на работодавачи на Македонија. Со тоа се создадени услови за конечно конституирање на Економско – социјалниот совет.

На 25 август е потпишана Спогодбата за основање, додека на 15 септември 2010 година е одржана првата конститутивна седница на советот.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.