Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Почеток на Кампањата Мој труд, мои права

Само синдикатите се оние кои имаат целосен легимитет да ги претставуваат работниците, истакна Претседателот на ССМ Дарко Димовски

Денес започна официјалната промоција на Кампањата за подигнување на свесноста за работничките права, Мој труд, мои права! Во кампањата учествува Сојузот на синдикатите на Македонија, како репрезентативен социјален партнер во Економско- социјалниот совет, а истата се реализира со поддршка на Проектот: Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од страна на Европската Унија, а спроведуван од Меѓународната организација на трудот.

Целта на оваа Кампања е да ги информира вработените лица, барателите на работа и работодавачите за правата и обврските што произлегуваат од работниот однос и ќе се реализира во периодот јануари- јуни 2021 г.

На официјалната прес конференција се обрати Дарко Димовски, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Јагода Шахпаска, Mинистерка за труд и социјална политикa, Никола Бертолини, Раководител на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Јована Тренчевска, Директорка на Државниот инспекторат за труд и Ангел Димитров, Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски во своето обраќање потенцираше дека работничките права, нивното остварување, заштита и унапредување се цел и програмска задача на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Само синдикатите се оние кои имаат целосен легимитет да ги претставуваат работниците, имаат знаење и способност да се борат за правата на работниците и за нивното достоинство. Како репрезентативен синдикат, секогаш сме се залагале за неопходната потреба работниците да бидат целосно информирани, што е цел и на оваа кампања, оспособени и обучени за своите работнички права, како и за препознавање на нарушувањата и злоупотребите на начинот и постапката за нивно целосно остварување.

Како ССМ активно сме вклучени во кампањата - ,,Мој труд ,мои права,, затоа што сметаме дека брзата достапност на информацијата е од особено значење за подигнување на свесноста на работниците и граѓаните за нивните права од работен однос. Проектот и Кампањата финансиран од ЕУ, а спроведуван од МОТ, кои со години наназад се поддржувачи на активностите за унапредување на социјалниот дијалог во државата, е показател дека сме на правиот пат да креираме и реализираме активности за обезбедување на достоинствена работа за работниците. За нас како репрезентативен синдикат и национален социјален партнер во Државата достоинственоста на трудот значи пред сѐ обезбедување на продуктивност и економски развој, но истовремено значи остварување на фер приходи, безбедност на работните места, социјална сигурност и општествено одговорна вклученост на работниците и граѓаните во сите активности на државата.

Главна алатка на кампањата за вработените, барателите на работа и работодавачите е веб-страницата www.mojtrudmoiprava.mk. Тука се содржани сите информации за правата и обврските што произлегуваат од работниот однос, поделени по категории: договор за вработување, плата, работно време, одмор, отсуство, безбедност и здравје при работа, дискриминација, мобинг, социјално осигурување и решавање спорови. Оваа веб-страница ќе се промовира преку веб-портали, Facebook страницата и радио-спотови.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.