Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПОТПИШАНА НАЦИОНАЛНАТА ПРОГРАМА ЗА ДОСТОИНСТВЕНА РАБОТА 2019-2022

6.3.2019

Слика 1. Потпишување на Националната Програма за достоинствена работа 2019-2022

Денес во Владата на Република Северна Македонија, претставниците на социјалните партнери ја потпишаа Националната Програма за достоинствена работа 2019-2022 година, која е резултат на консултациите и забелешките од претставниците на МТСП, синдикатите и здруженијата на работодавачи.

Националната програма за достоинствена работа ги отсликува приоритетите на Владата и социјалните партнери, меѓу кои се издвојуваат подобреното управување со пазарот на трудот, преку зајакната улога на ЕСС, посилни социјални партнери и усогласена трудова легислатива со меѓународните стандарди на трудот и законодавството на ЕУ, како и обезбедување на повеќе и подобри работни места, преку поддршка на креирањето на политики и стратегии базирани на докази и најдобри практики, локални партнерства за вработување, систем за предвидување на потреба од вештини и политика и мерки за БЗР базирани на меѓународните стандарди на трудот и законодавството на ЕУ.

На потпишувањето на Националната Програма за пристојна работа 2019- 2022, беа присутни регионалниот директор на МОТ за Европа и Централна Азија, Хајнц Колер министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претседателот на ССМ, Дарко Димовски, претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, како и други претставници на синдикатите и работодавачите.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски во своето обраќање истакна дека ССМ во целост го прифаќа и се залага за спроведување на концептот на МОТ за достоинствена  работа, кој се заснова на потребата од обезбедување на  достоинствена работа и целосна социјална сигурност и заштита на работниците, како предуслов за поголема продуктивност на трудот во компаниите и креирање на балансирани односи помеѓу работниците и работодавачите. Принципите на достоинствената работа се дел од статутарните и програмските задачи на ССМ, кој се залага за демократија, еднакви можности за сите и забрана за сите облици на дискриминација.

Слика 2. Претседателот Димовски на потпишување на НПДР

За да се реализираат овие приоритети, потребен е целосен и сеопфатен ангажман на социјалните партнери кој ќе биде насочен кон подобрување на работното законодавство преку донесување на нов ЗРО усогласен и прилагоден на правото на ЕУ и меѓународните трудови стандарди, креирање на стратегии и политики за вработување пред сѐ за младите лица и социјално ранливите категории на населението, намалување на сиромаштијата, обезбедување на пораст на платите,  како и еднакви плати за еднакво вреднувани работни места, обезбедување на здрави и безбедни услови за работа, социјална сигурност и прилагодување на потребите на работниот процес со семејните потреби на работниците.

За ССМ континуиран предизвик е унапредувањето на социјалниот дијалог, соработката помеѓу ЕСС и Владата, како и соработка и заедничко делување на ЕСС и ЛЕСС формирани во општините. 

За да се спроведе сето ова, потребно е зајакнување на капацитетите на синдикатите и организациите на работодавачите, зголемување на нивното членство и активно учество во социјалниот дијалог на сите нивоа. Исто така, подобрувањето на колективното договарање треба да биде значаен предизвик во соработката помеѓу социјалните партнери, прашање на кое треба да му посветиме посебен ангажман во наредниот период.

Со потпишување на НПДР, ја потврдуваме целосната посветеност на социјалните партнери за реализација на активностите од програмата, но ќе се залагаме и за отчетност  за сработеното на сите релевантни чинители задолжени за реализација на договорените приоритети.

Слика 3. Изјава за медиуми на претседателот Димовски

На тој начин ќе можеме да ги детектираме предизвиците кои можат да бидат пречка за реализација на планираното и само така ќе бидеме на висината на задачата, односно, ќе ги согледаме предностите, но и слабостите кои ќе ни бидат појдовна основа при креирањето на наредните активности и приоритети во државата.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2019 | Сите права се задржани.