Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРИФАТЕН ПРЕДЛОГОТ НА ССМ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА ПОВЕЌЕ УСЛОВИ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ

 

Сојузот на синдикатите на Македонија на 09.07.2020 година уште еднаш јавно побара да се разгледаат предлозите на ССМ искажани преку ставовите на работниците, веднаш по изборот на новата Влада, а во врска со воведување на повеќе услови за пензионирање бидејќи сметаме дека неможе под исти услови да одат работниците во пензија со оглед на тежината на условите на работните места.

Тоа што го правевме за работниците вчера, го правиме денес, продолжуваме да го правиме и утре.

Сојузот на синдикатите на Македонија како единствен Репрезентативен претставник на работниците во нашата Држава, настојува секогаш, а особено во овие услови, во името на работниците кои се членови на синдикатите здружени во ССМ, да ги пренесува нивните барања и укажувања, па покрај постојниот услов за пензионирање, ССМ бараше да се воведат и следните услови за пензионирање:

- Старосна пензија - по работен стаж

• 35 години работен стаж - жена - без оглед на годините на возраст

• 40 години работен стаж - маж - без оглед на годините на возраст

- Старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности

Работниците во државата се вработени во различни дејности и извршуваат работни задачи кои се различни по тежина и по услови каде тие се извршуваат. Затоа е потребно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на градежен работник, на текстилен работник, на рудар од оној работник на пример што е вработен во администрација. Доколку се утврдат различни услови на пензионирање тие ќе бидат со право на избор на работниците, а не задолжителни, од волјата на работникот ќе зависи под кои услови ќе сака да се пензионира.

- Предвремена старосна пензија по возраст

Се предлага да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години.

Корисници на предвремена старосна пензија можат да бидат работници кои работат но, неможат да продолжат да работат од одредени причини (здравствени, работни, а неможат да се прогласат инвалиди, поради стечај или ликвидација) или се невработени, а го исполнуваат условот - минимум 15 години работен стаж. Овој вид на пензија би се остварувала исклучиво по вoлја и барање на работникот.

Овој услов за пензионирање во скоро сите земји од Европската Унија е познат како општ услов за пензионирање и тој се остварува на 60 години возраст.

- Неполна старосна пензија по возраст

• да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж,

• правото на само уплатување на придонесот, да го имаат работници на кои им недостасуваат до 3 години работен стаж од минималните 15, а го исполнуваат условот возраст ( 62, односно 64 години).

- Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците

Ваквите ставови на ССМ преточени во барања се темелат на анализите кои ги правиме повеќе од 10 години и укажуваме дека само преку Социјален дијалог можеме да изнајдеме издржани решенија за доброто на македонскиот работник

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.