Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРОМОВИРАН ТЕКСТОТ ОД ПРОТОКОЛОТ ЗА СОЦИЈАЛЕН НАПРЕДОК

15.2.2017

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија беше одржана прес- конференција по однос на текстот од „Протоколот за социјален напредок“, усвоен на последната седница на Претседателството и Советот на ССМ.

Слика 1: раководството на ССМ на прес-конференцијата

На прес- конференцијата покрај претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, присуствуваа секретарот и потпретседателите на ССМ.

Зголемување на платите пресметано врз основа на зголемувањето на цените на производите, услугите и БДП, уредување на договорите за работа во компаниите и во ТИРЗ, како и бенефициран стаж за одредени професии се само дел од барањата содржани во „Протоколот за социјален напредок“.

Според досегашните состојби, анализите на ССМ покажуваат дека има голем простор за зголемување на платите на работниците, но реалната можност за зголемување ќе се утврдува заедно со социјалните партнери.

На прес- конференцијата беше истакнато дека протоколот за социјален напредок во Р. Македонија ќе се фокусира на прашањето на натамошен раст на минималната плата со цел изработка на заедничка стратегија за зголемување на платите, зајакнување на растот, пополнување на разликите во работните места и секторите, елиминирање на сиромаштијата, нееднаквоста и социјалната исклученост.

Идејата на овој протокол не е да се разговара само за минималната плата, туку да се разговара воопшто за платите во Македонија, бидејќи има идентификувано голема нееднаквост за иста работа, што генерира социјална исклучивост и од тие причини оваа прашање е вметнато во една стратегија.

– Нашата анализа покажува дека има голем простор и можности за зголемување на минималната плата. Според нашата проценка минималната плата која сега изнесува 10.080 денари, треба да биде зголемена ако се има предвид дека синдикалната потрошувачка кошница, која ја пресметуваме, покажува дека над 41 отсто се давачки за храна тоа е доволно алармантно дека треба да почнеме процес на преговори заедно со социјалните партнери со вклучување и на државата, за да отвориме можности за утврдување на една друга динамика и дополнителни критериуми кои ќе го следат растот на цените и кои ќе овозможуваат утврдување на минимална плата која ќе биде рационална и издржлива за оние што ја плаќаат, а за нас максимално поголема за да се овозможи дополнително подобрување на стандардот, истакна Митревски.

Исто така на прес- конференцијата беше потенцирано дека ќе се бара и решавање на проблемот со договорите што работниците ги потпишуваат во фабриките во зоните а кои се на определено време, со тоа што ќе се бара 30 проценти од договорите да бидат на неопределено време, како и намалување на периодот за вработување на определено работно време од 5 на три, односно две години.

Меѓу барањата кои се опфатени во протоколот се и бенефицираниот стаж, особено во градежништвото, сообраќајот, железницата и шумарството, како и други професии каде ќе има потреба.

Протоколот за социјален напредок во Р. Македонија предвидува и заеднички активности за зајакнување на капацитетите и едукација, како и овозможување на користење на дополнителни ослободувања при користењето на одредени надомести поврзани со работата како и надоместоци и трошоци за остварување едукативни концепти на синдикатите.

Предлог протоколот од Сојузот на синдикатите на Македонија ќе биде доставен до Економско социјалниот совет и новата влада.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.