Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС- 1ви Мај- Меѓународен ден на трудот- 2017

Сојуз на синдикатите на Македонија

 

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС

 

1ви Мај- Меѓународен ден на трудот- 2017 година

ССМ на сите работници и граѓани во РМ им го честита 1ви Мај, Меѓународниот ден на трудот, потсетувајќи на историската традиција и борба на работниците за достоинствен труд, пристојна работа, обезбедување на социјална правда, социјална еднаквост и инклузија, развој на работничките права и нивна примена, економски и социјален раст.

ССМ повикува на мобилизирање на сите прогресивни синдикални и други сили за обезбедување на принципот на солидарност, единство и доверба, како неопходен услов за натамошен развој на РМ, за подобра и посигурна социјална и материјална состојба и сигурност на работниците, граѓаните и младите луѓе, за изградба на модерна социјална држава како членка на ЕУ, со имплементиран европски социјален модел кој ќе обезбедува елиминирање на социјална исклученост, елиминирање на сиромаштијата, пристојни плати, сигурни и безбедни работни места.

ССМ оваа година ќе ги афирмира целите и принципите и ќе бара спроведување на Протоколот за социјален напредок кој се фокусира на натамошен развој на социјалниот дијалог, спроведување на колективното преговарање на сите нивоа, подигнување на животниот стандард, квалитетот на живот, зголемување на платите, спроведување „еднаква плата за еднаква работа“, ратификација и имплементација на меѓународните стандарди на трудот, владеење на правото и унапредување на работничкото законодавство, елиминирање на секаков вид на родова, полова, старосна и секаков друг вид на дискриминација.                                                                    

ССМ доследно ќе ја спроведува и кампањата на Европската конфедерација на синдикати за зголемување на платите и бара изработка на генерална стратегија за зголемување на платите, зголемување на минималната и пониските плати, пополнување на разликите во секторите. Оваа стратегија мора да биде основен инструмент за борбата против нееднаквоста, борба за правичност и борба против социјалната исклученост.

ССМ и натаму останува крајно посветен на борбата за сигурни работни места, за зајакнување на работниот однос на неопределено работно време, намалување на временскиот период за вработување на определено работно време, дополнителни услови за заминување во пензија, дополнително даночно ослободување на надоместоците од работа, партиципативна работничка демократија и сигурни социјални солидарни фондови.

На крај, честитајќи го уште еднаш овој празник, ССМ повикува и бара од надлежните политички субјекти итно решавање на политичката криза и остварување на услови за нормален развој и европски перспективи на Република Македонија.

Да живее достоинството на трудот!

Заедно сите!

- За колективно преговарање;

- За пристојна работа;

- За услови за пензија;

- За повисоки плати;

- За работен однос на неопределено време;

- За социјална правда и еднаквост;

- НЕ за социјална исклученост.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.