Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

РАБОТНО ОДБЕЛЕЖАН 1-ВИ МАЈ - ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА-

1.5.2017

Слика 1. Претседателот и раководството на ССМ  на работната средба

Во рамките на работно одбележување на 1-ви мај, Меѓународниот ден на трудот, како вети Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), во просториите на во Министерството за труд и социјална политика одржа работната средба со министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

На состанокот покрај претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, присуствуваше и дел од раководството на ССМ, односно претседателите на гранските синдикати здружени во ССМ.

На средбата беше разговарано за Законот за минимална плата кои ќе претрпи измени и ќе има зголемување на минималната плата за околу 20 отсто.

Ова претставуваат првични разговори меѓу претставниците на синдикатот и Министерството за зголемување на минималната плата.

– Она што првично утврдивме е дека има простор, има желба за зголемување на минималната плата и верувам дека во брзо време во дополнителните разговори со другите претставници на синдикатите, со КСС, со работодавачите, ќе најдеме заеднички модус, заедничко решение за зголемување на минималната плата за околу 20 проценти. Анализите кои беа направени од Министерството за труд и социјална политика и од Сојузот на синдикатите на Македонија се поклопуваат, рече Ибрахими.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски на сите работници им го честиташе 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Анализите, истакна, покажуваат дека има простор и можност да се продолжи оваа политика на зголемување на плати која ја реализиравме заедно со социјалните партнери.

– Исто така овие анализи и сега покажуваат дека во најмала мерка 20 отсто може да оди веднаш зголемувањето на минималната плата. Тоа е една исклучителна радосна и значајна вест која сакаме да ја споделиме со нашето членство и со сите работници. Станува збор за многу сериозен одговорен пристап на сите социјални партнери и на Владата во делот на задоволување и на потребите, водејќи сметка и за реалните можности и на одделни сектори и сегменти кои може да рефлектираат и во делот на подобрувањето на таа социјална економска состојба, истакна Митревски.

Овие првични разговори, посочи, ги завршуваме успешно, следат други чекори, разговори со другите социјални партнери, со работодавачите, со другите синдикати, со цел Владата да излезе со предлог во делот на измени и дополнувања на тој закон.

На состанокот се разговараше и за другите делови од протоколот за социјален напредок, она што значи сигурност на работни места во делот на обезбедување поголема сигурност преку афирмацијата на пристапот за реализација на посигурни работни места односно работен однос на неопределено работно време.

– Она што е многу битно денес разговаравме и ќе продолжиме да разговараме за имплементирање на деловите од европскиот социјален модел. Република Македонија навистина направи низа напори досега заедно со Министерството да инкорпорира голем дел директиви од тоа европско законодавство, да имплементираме многу меѓународни стандарди. Сето ова вклучително и со платите и сите содржини од протоколот даваат можност да почнеме етапно да се подготвуваме да го реализираме она што значи принцип на европскиот социјален модел, истакна Митревски.

Реализирање на оваа зголемување на минималната плата се очекува веднаш по смирување на состојбите во државата со тоа што мислењето на работодавачите е значајно и доколку се сложат и има простор зголемувањето на платите може да биде и повисоко во текот на оваа година.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.