Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Различно се бројат дури и смртните случаи

 

Една година после донесувањето на Законот за безбедност и здравје при работа се открија многу слабости во заштитата при работа во Македонија, е заклучок на дискусијата што се водеше во Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Постои проблем при методологијата на утврдување на повредите при работа, па поканетите лица од институциите изнесоа загрижувачки и доста противречни податоци. Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа, изјави дека годишно во земјата има по 50 смртни случаи, 170 потешко повредени лица, 1.400 полесно повредении. Голем недостаток е што професионалните заболувања никој не ги брои, ниту ги регистрира, но тое сепак постојат.

Сашо Столевски од Институтот за медицина на трудот исто така е со мислење дека професионалните заболувања отворија голем проблем, и тоа во нивното откривање. Тука се брои и мобингот, појава на психолошки притисок, појава за која во земјава практично не се ни зборува. Меѓутоа, постојат податоци дека за последните 18 месеци бројот на професионалните заболувања е зголемен за 50 отсто, додека вкупниот број заболувања за 100 отсто, рече Сашо Столевски.

Законот за безбедност и здравје е само почеток на се што треба да се направи, објасни Агим Шаќири од Државниот инспекторат при Министерството за труд и социјална политика. До 2010 година треба да се усогласат 19 директиви од Европската унија, што значи дека треба да се донесат исто толку подзаконски акти. Тие се однесуваат на бучавата, вибрациите, тежината на товарите и друго. Воопшто во Македонија нема ни минимална служба за да одржиме чекор со Европската унија. Во тие земји постојат агенции, институти и разни други институции за заштита при работа. Така и во Македонија треба да се основа една институција на национално ниво, објасни Шекули.

Симон Силјановски, претседател на Синдикатот за здравство, излезе со еден интересен податок. Малку е познато дека покојниот претседател Борис Трајковски не беше осигурен и тоа се откри после неговата смрт. Синдикатот за здравство подолго време настојува да го вметне задолжително осигурување во колективниот договор за здравство.

Покрај другите прашања важно е како да се оствари соработка со Синдикатот, истакна Милан Петковски. Инаку Сојузот на синдикатите е активно вклучен во сета проблематика, неговите служби ги следат состојбите и соработуваат со институциите. ССМ учествуваше при подготовката на законот, во добар дел во соработка со фондацијата “Фридрих Еберт“. Се укажуваше на важноста на заштитата при работа, се организираа трибини, тркалезни маси. Синдикатот од Меѓународната организација на трудот побара и доби експертиза за Законот за безбедност и здравје.

Една од основните цели за ССМ е дефинирање на позицијата на синдикатот и на претставникот на работниците за безбедност и здравје. Факт е дека и после една година во најголем број работни средини не се избрани претставници на работниците за безбедност, што укажува дека македонските работодавачи не покажуваат интерес за било какиов напредок во оваа област.

Всушност најчести причини за големиот број повреди и болести е неодговорниот однос на работодавачите, стои во посебната информација на ССМ. Вработените се плашат да не ги изгубат работните места и затоа не се осмелуваат да побараат заштита, да укажат на несоодветните услови или на опасностите. Нивните претпоставени секогаш можат да им кажат, а тоа секојдневно се случува, дека ако не сакаат да работат можат веднаш да си одат, зашто на нивно место ќе најдат друг работник.

Методологијата на евиденција на несреќите сепак е еден од почетните проблеми. Здружението за заштита при работа има едни податоци, додека Министерството за труд други. Изнесени се податоците од Републичкиот завод за здравствена заштита, според кој во 2007 година се регистрирани вкупно 1.228 несреќи при работа. Од нив во индустријата и рударството се 638, во земјоделството и рибарството 39, во шумарството 21, во градежништвото 130, во водостопанството 10, во сообраќајот 79, во трговијата 34, во угостителството и туризмот 17, во занаетчиството 16, во станбено - комуналната дејност 31, во финансиските услуги 12, во образованието и културата 39, во здравството и социјалната заштита 79, во општествено - политичките организации 79 и во останатите области 4 повреди. Смртни случаи се само четири за цела 2007 година. Во првата половина на 2008 година вкупниот број на несреќи е 301.

Државниот инспекторат за труд за 2007 година изброи 176 потешки повреди при работа и 18 случаи што завршиле со смрт на работник. За првата половина на 2008 година инспекторатот известува за 95 потешки повреди и пет смртни случаи.

Посебно се проблематични професионалните заболувања, кои се еден вид заборавена област во безбедноста при работа. Труења со тешки метали, оштетувања на респираторен систем, кожни заболувања, најразлични болести има во голем број, но званично ги има мошне малку. Според Институтот за медицина на трудот во 2006 година се верифицирани 47 професионални болести, во 2007 година 68, за првата половина на 2008 година се смета дека ги има уште повеќе.

Сојузот на синдикатите има посебна агенда за безбедноста при работа. Негов став е дека треба да се основа Совет за безбедност и здравје (предвиден со Законот), единствен систем на евиденција на несреќи, внесување на безбедноста во колективните договори, задолжително осигурување, формирање мешовити комисии во работните средини и други мерки.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.