Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Реакција на Претседателот на ССМ Дарко Димовски на изјавите дадени од страна на Советот на странски инвеститори и Стопанската комора

            Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски изразува големо негодување и не се согласува со изјавите и ставовите изнесени од Советот на странски инвеститори и Стопанската комора, кои велат дека за сега зголемување на платитене е изводливо, туку дека прво треба да се зголеми продуктивноста на работниците, а потоа и нивните плати.

            Уште еднаш сакам да потенцирам дека платите кои се исплаќаат  на работниците во Македонија се  ниски  и дека тие не се одраз на лошото работење на компаниите, ниската продуктивност, туку дека се одраз на нивната алчност и  жед за остварување на поголеми лични профити и поудобен живот.

            Со години наназад укажуваме дека за висината на платите треба да се разговара и договара со работниците, треба да се потпишуваат колективни договори во кои ќе се регулираат условите за работа и ќе се утврди цената на трудот.

            Меѓутоа работодавачите останаа глуви. Не им одговараше договор со работниците. Постојано бараат помош  од државата. (Подобра бизнис клима: евтина работна сила, пониски даноци, пониски придонеси, евтини кредити, обучена работна сила, субвенционирани плати).

            Жално е да некој да кажува и глуми дека продуктивноста зависи од работниците и во наше име да бара пари(субвенции) од државата како со тоа би вложиле во нивните фирми и би ги зголемиле платите на вработените.

            За да се сопре алчноста на работодавачите и постојаното намалување на платите, бевме приморани да бараме донесување на Закон за минимална плата, за да определиме најнизок праг под кој не можат да се исплатуваат плати. Работодавачите се жалеа дека не можат да исплатат минимална плата од 8. 000 денари,  а сепак ја исплатија и на крајот остварија и добивка. Се жалеа и се закануваа дека ќе бркаат работници и ќе затвараат бизниси кога минималната плата се зголеми на 10 000 па на 12 000 денари. Никој не избрка работници, никој не затвори бизнис, ниту пак во целост ги искористија субвенциите кои им ги понуди државата за исплата на минималната плата – очигледно не им беше потребна.

            Потенцирам дека секогаш, Сојузот на синдикатите на Македонија,  како социјален партнер, ги поддржуваше сите мерки кои државата ги презема за да им го олесни работењето на работодавачите, со цел да можат да го модернизираат своето работење, да можат полесно и побезболно да  внесат нови технологии во работењето, за да остварат производи кои ќе бидат конкурентни како на домашните така и на странските пазари, меѓутоа работодавачите заборавија и го маргинализираа својот најважен ресурс и социјален партнер – работниците.

            За остварување на поголема продуктивност, покрај машини треба и вредни, квалитетни,  лојални и задоволни работници. Треба работници кои ќе знаат дека со секоја пролеана капка пот на работното место ќе обезбедат повеќе за своето семејство, за нивните деца, а не само да ги задоволат минималните потреби за храна.

            И овие обесправени и недоволно мотивирани (недоволно обучени и неквалитетни работници- како што говорат работодавачите) им обезбедија пораст на БДП од 4,1%.

            И во оваа прилика уште еднаш укажувам дека во услови кога само трошоците за храна во Синдикалната минимална кошница изнесуваат 13.909 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата барем до висината за покривање на овие трошоци кои  се неопходни за преживување, а не и за нормален живот.

            Исто така потенцирам дека освен зголемување на минималната плата, потребно е итно да се направи скалесто зголемување на платите на сите позиции.

            Истите тие работодавачи кои постојано бараат помош и субвенции од државата не им дозволуваат на работниците синдикално да се здружат. Затоа  им препорачувам на работодавачите да не се плашат и да дозволат синдикално организирање на нивните вработени, за да отпочнеме дијалог и уредување на правата но и обврските на работиците и работодавачите согласно можностите, во поединечните колективни договори. 

          

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.