Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

САМО ЗДРАВИ И ПЛАТЕНИ РАБОТНИЦИ, МОЖАТ ДА ЈА ВРАТАТ ЕКОНОМИЈАТА НА ЗДРАВИ НОЗЕ

На работниците заболени од Корона вирус, COVID – 19, работниците кои се во изолација или во само изолација поради изложеност на Корона вирус, COVID – 19, да им биде исплатен надомест на плата за боледување односно надомест за професионално заболување во висина од 100% .

Во изминатиот период, сведоци сме дека голем број на работници не по нивна вина, или се заболени од COVID – 19, или се во изолација или самоизолација поради контакт со друг работник кој бил изложен на заразната болест, дали на работното место или при превоз до и од работното места и од тие причини потребно е Владата, веднаш преку носење на Уредба да го регулира статусот на тие работници и да спречи исплата на плата пониска од 100 % како надомест на плата за боледување односно за време на привремена неспособност за работа.

Со ваквата Уредба ќе се спречат сите несовесни работодавачи да ги кршат правата на работниците во тие исклучително сложени и тешки моменти за нив, а со тоа ќе се обезбеди и сигурност на платата и егзистенција на работниците се со цел наминување на таквата состојба.
Потсетуваме дека обврска на сите нас е да ги зачуваме здрави работниците, бидејќи само здрави работници, можат да ја вратат економијата на здрави нозе.

Дополнително, укажуваме дека реагиравме на појави во одредени компании кога работодавачите иако добиле субвенции од Државата во висина од 14.500 денари по работник за исплата на платата, на работниците им исплаќаат понизок износ на плата од она кое што го добиле како помош, а има и такви компании кои иако земале Државна помош воопшто не исплатиле плати на работниците.
Управата за јавни приходи потребно е веднаш да информира кои компании, корисници на финансиската помош, исплатиле плата пониска од 14.500,00 на работниците, поради тоа што на крајот на денот, таа Државна помош ќе биде враќана преку даноците кои ги плаќаат токму работниците, а во тој случај за нашите пари бараме транспарентност и отчетност.
Владата потребно е да го има ова во предвид при продолжување на финансиската поддршка за исплата на плати.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.