Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СЕДНИЦА НА ЕСС ПО ПОВОД МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ - 1ви МАЈ

На 1.5.2019 година по повод Меѓународниот ден на трудот, во Владата се одржа седница на Економско - социјалниот совет на која присуствуваше Претседателот на ССМ, м-р Дарко Димовски придружуван од 11 Претседатели на Гранските синдикати здружени во ССМ, Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Заменик Претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, Министерот за Финансии, Драган Тевдовски, Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров и други претставници на организациите на работниците и организациите на работодавачите.

Слика 1. Присутни на седницата на ЕСС

Слика 2. Претседателот на ССМ, Дарко  Димовски и Претседателот на Владата, Зоран Заев

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски истакна дека  барања на ССМ содржани во Првомајскиот проглас , се прогресивни, развојни и мотивирачки и додаде дека тие, како и предлог-текстот на новиот закон за работни односи се дадени до Владата и сега таа е на потег. Истакна дека ССМ до Владата и Министерството за труд и социјална политика има доставено свој предлог текст на нов ЗРО, очекува истиот да биде сериозно разгледан од останатите социјални партнери и доколку тие сакаат поголема продуктивност од работата на работниците, а со тоа и побрз економски развој на државата, треба и мора да покажат разбирање за  барања на синдикатите и работниците кои се во рамките на европските и светските принципи.

Претседателот, Димовски на присутните ги пренесе заложбите и предлозите на ССМ кои се во насока на:-поголеми инвестиции ,подобри економски политики и обезбедување на правото на работа  за сите,-креирање на реални и одржливи работни места,-повеќе работни места за жените ,младите и лицата со попреченост,-сигурност на работните места и договори за вработување на неопределено време,-стоп за договорите на определено време подолго од една година,-здрави и безбедни работни места,-минимална плата најмалку 13.800,00 денари,-повисоки плати - платите да пораснат младите да останат,-обезбедување на социјална сигурност и заштита,-стабилен пензиски систем – стоп за зголемување на границата за пензионирање,-бришење на контролниот период за прекувремената работа, работа ноќе и ден на неделен одмор,-Зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати,-сабота и недела , денови на неделен одмор,-право на регрес за годишен одмор за сите вработени,-еднаквост и рамноправност на жените,-стоп за мобинг и дискриминација,-заштита на мајчинството и зголемување на правото на породилно отсуство на 12 месеци,-воведување на право на татковство,-уредување на работничките права со КД, а не со акт и исклучиво право на работодавачот,-стоп за мешање  во синдикалното организирање,-против посебен Закон за синдикати,-унапредување на активен , реален и квалитетен социјален дијалог.

Слика 3. Присутни на седницата на ЕСС

Премиерот Зоран Заев најави зголемување на минималната плата. Тој рече дека сериозно размислуваат за ново зголемување на минималната плата оваа година и дека тек се консултации со сите засегнати страни да го изнајдеме најсоодветниот модел. „Денеска и тоа беше соодветна тема, веруваме дека мај и јуни ќе ги искористиме за од 1-ви јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини каде што сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори“.

Министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска истакна дека  поголемиот дел од барањата коишто денеска ги адресираше ССМ ќе бидат опфатени во Законот за работни односи којшто ќе се носи во во широка консултација,а напомена дека Владата сака да го слушне гласот на сите синдикати и организации.

Заменик на Претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев истакна дека гледа простор работодавачите и вработените да станат партнери. „Можеме да се направи убава кохезија и таа да биде заснована на баланс. Работодавачот нема среќа, ако не ги гледа работниците среќни, бидејќи само среќен работник е продуктивен работник, а совесен работодавач ги гледа вработените како семејство. Сега се отвора нов простор за соработка меѓу синдикатот и работодавачите, во тоа како да се подигне продуктивноста, како да се подобри конкурентноста и ние како Влада ќе помогнеме во тоа“.

Министерот за финасии, Драган Тевдовски истакна дека Владата многу добро го сфати и применува концептот на праведен раст, или раст кој ќе опфати најголем број од граѓаните, а не само дел од нив.-Еден од првите чекори кој бил направен е покачувањето на минималната плата, и тоа за сите гранки. Покачувањето на минималната плата имаше ефект врз растот кај најниско платените гранки, но и кај секторите со повисоки плати. Растот на платите беше придружен и со други позитивни економски движења.

Членовите на Економско - социјалниот совет констатираа дека во иднина на седниците на ЕСС потребно е да учестуваат во работата и надлежните министри, членови на ЕСС како и одржување на по чести состаноци меѓу синдикатите, работодавачите и институциите со цел да се создаде поголем продуктивност и конкурентност којашто значи многу за развој на македонската економија.

 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2019 | Сите права се задржани.