Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СИТЕ БАРАЊА НА ССМ ИСПОРАЧАНИ ДО ВЛАДАТА

Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен реперезентативен синдикат во државата, а со тоа е национален социјален партнер и преговарач, учесник во креирањето на националните стратегии и политики. Воедно, ССМ е најстариот и најбројниот синдикат во државата.

Сето ова ја потенцира и продлабочува нашата одговорност за посветено, стручно и бескомпромисно да ги браниме, почитуваме и унапредуваме демократските вредности, работничките и човековите права.

Покрај предизвиците предизвикани од глобализацијата, проблемите во економијата и на пазарот на труд под влијание на климатските промени, дигитализацијата и автоматизацијата, европското и светското синдикално движење, чии дел сме и ние, оваа година се соочија и со здравствената криза предизвикана од корона вирусот. Здравствената криза е причина поради која сведоци сме на низа негативни последици од невидени размери врз животот и здравјето на луѓето, пад на економијата, застој или драстично намалување на одредени економски дејности и општествени активности. Сето ова бараше брза и одлучна реакција на државите и владите за да се обезбеди опстанокот на човештвото.

Во услови на здравствена криза, социјалниот дијалог овозможи вклученост на ССМ во креирањето на мерките и активностите за одржување на економското и општественото функционирање на државата. При тоа основна цел на делувањето на ССМ беше да се заджат работните места и ниту еден работник да не остане без егзистенција за себе и своето семејство. Задача на сите општествени чинители е во овие сложени услови да се вклучат сите субјекти во државата за да се обезбеди нејзиното функционирање и при тоа не смее да се дозволи негативните последици од здравствената криза да ги почуствуваат само работниците и нивните семејства. Товарот и предизвиците треба и мора да ги поднесеме сите заедно, затоа што борбата да создадеме подобро општество за сите, треба да е резултат на заедничка акција на сите институции.

И денешната средба покажува дека партнерскиот однос со Владата е основа за наше делување по пат на социјален дијалог, тој однос треба да го практикуваат и унапредуваат сите социјални партнери. ССМ се залага и инсистира на отчетност и одговорност на сите социјални партнери за реализација и имплемантација на договорените обврски.

Здравствената криза се уште трае, според сознанијата на светските и националните научни и стручни институции таа ќе биде обележје на нашиот живот уште долг период, предизвиците кои ни претстојат се големи и само со интегрирано делување на сите чинители може да се обезбеди опстанок и функционирање на државата.

За ССМ, заштитата на работничките и човековите права, се приоритет, многу активности преземени пред почетокот на здравствената криза, а се во насока на унапредување на работничките права, беа стопирани поради приоритетите кои ги наметна здравствената криза, но сметаме дека е време да се продолжат затоа што се нераскинлив дел од целокупниот ангажман за демократизација на државата и почитување на правата на сите без дискриминација.

Во оваа смисла се залагаме за:

  1. Продолжување на поддршката на Владата на стопанството со приоритет на задржување на работните места и исплата на платата на вработените
  2. Поефикасна грижа и заштита за граѓаните од последиците од заразната болест со посебен акцент на ранливите категории на населението
  3. Спроведување на ефикасен образовен процес со целосна заштита на здравјето на децата и младите кои се нашата иднина
  4. Унапредување на јавниот здравствен систем согласно светските тенденции и достигнувања
  5. Донесување на нов Закон за работните односи, како и потпишување на општите колективни договори за јавен и приватен сектор

Новиот Закон за работните односи треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи.

Во таа насока се залагаме за:

  • договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година
  • 38 часовна работна недела,
  • породилно отсуство во траење од 12 месеци,
  • доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД
  • целосно остварување на правото на годишен одмор
  • сабота и недела денови на неделен одмор
  • унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите.
  • почитување на  конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање
  • Работодавачот да биде должен да ги отпочне преговорите во рок од 30 дена од доставен присмен предлог на Колективен договор на ниво на работодавач од страна на синдикатот.
  • унапредување на колективното договарање (потпишување на ОКД за приватен сектор  и за јавен сектор) и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.
  1. Воведување на повеќе услови за пензионирање во Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Предлагаме покрај постојниот услов за пензионирање, да се воведат и следните услови за пензионирање:

1. Старосна пензија - по работен стаж

  • 35 години работен стаж - жена - без оглед на годините на возраст
  • 40 години работен стаж - маж   - без оглед на годините на возраст

2. Старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности

Работниците во државата се вработени во различни дејности и извршуваат работни задачи кои се различни по тежина и по услови каде тие се извршуваат. Затоа е потребно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на градежен работник, на текстилен работник, на рудар од оној работник на пример што е вработен во администрација. Доколку се утврдат различни услови на пензионирање тие ќе бидат со право на избор на работниците, а не задолжителни, од волјата на работникот ќе зависи под кои услови ќе сака да се пензионира.

3. Предвремена старосна пензија по возраст

Се предлага да се воведе право на работниците на предвремена старосна пензија која би се остварувала по условот возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години. 
Корисници на предвремена старосна пензија  можат да бидат работници кои работат но, неможат да продолжат да работат од одредени причини (здравствени, работни, а неможат да се прогласат инвалиди, поради стечај или ликвидација) или  се невработени, а го исполнуваат условот - минимум 15 години работен стаж. Овој вид на пензија би се остварувала исклучиво по вoлја и барање на работникот.
Овој услов за пензионирање во скоро сите земји од Европската Унија е познат како општ услов за пензионирање и тој се остварува на 60 години возраст.

4. Неполна старосна пензија по возраст

  • да се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж,
  • правото на само уплатување на придонесот, да го имаат работници на кои им недостасуваат до 3 години работен стаж од минималните 15, а го исполнуваат условот возраст (62, односно 64 години).

5. Воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците

  1. Зголемување на минимална плата

Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува најмалку 60 % од просечната плата во државата, а се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства, а зголемувањето на минималната плата треба да биде основа за скалесто зголемување на платите на работниците.

  1. Заштита на работниците кои се забилени, во изолација или самоизолација поради КОВИД -19

Поаѓајќи од тешката егзистенцијална состојба во која од почетокот на здравствената криза предизвикана од Корона вирусот, се најдоа голем број на работници со тоа што се заразија вршејќи ги своите работни задачи, односно им беше определена изолација како резултат на изложеноста на вирусот пред се на работните места, Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека во Правилникот за листа на професионалните болести како професионална болест треба да се смета заразата со Ковид 19, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на Ковид 19.“

Во активностите за сузбивање на заразната болест Ковид 19, покрај здравствените работници, учествуваат и голем број работници од други дејности и институции и заради начелото на еднаквост, рамноправност и еднаква достапност на правото за сите, заболувањето од Ковид 19 кај сите работници изложени на вирусот треба да се третира како професионална болест со право на 100% надомест на плата.

ССМ предлага надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од Ковид 19, изолација и само изолација поради изложеност на ковид 19 да изнесува 100% од основицата утврдена со закон.

Сите работници во текот на своето работење се изложени на непосредни контакти со поголем број на луѓе, а со оглед на тоа што се работи за се уште неистражена заразна болест, работниците не по своја вина се повеќе се разболуваат од Ковид 19 или пак мора да се во изолација поради изложеност на заразната болест. Секое намалување на платата на работниците во овој период е животно загрозувачко за работникот и неговото семејство, воедно опасно и за спречување на понатамошното ширење на болеста.

Ова се нашите првични иницијативи, отворени сме за соработка со Владата, претставниците на работодавачите, синдикатите, невладиниот сектор, научната и стручната јавност во насока на подобрување на положбата на работниците и граѓаните. Будно ќе ги следиме општествените збиднувања и развојот на настаните и согласно потребите ќе предлагаме решенија за целосна заштита на животот и здравјето на населението во државата.

Очекуваме редовни средби со претставниците на Владата, каде ќе се промовираат иницијативи и предлози за унапредување на работничките и човековите права, но и средби каде ќе се разгледува што е реализирано со која динамика и квалитет.

ССМ и синдикатите во неговиот состав го ставаат на располагање целокупниот свој расположлив потенцијал во насока на решавање на проблемите и уредување на економските и општествените односи, но и укажуваме дека ќе бараме отчетност и одговорност за сите кои нема да ги реализираат договорените обврски од кои зависи развојот на државата.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.