Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СООПШТЕНИ ЗА ЈАВНОСТ ОД СФДМ

Синдикатот на финансиските дејности на Македонија (СФДМ), во својство на грански синдикат здружен во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), заедно со ССМ, изразува подршка на легитимните барања на вработените во Државниот завод за ревизија (ДЗР), за итно надминување на неодржливата состојба на немање законски застапник на ДЗР, истите истакнати во нивното писмо до институциите од 22.10.2019 година.

Имено, во декември 2017 година, беше истечен мандатот на Главниот Државен ревизор и надлежностите коишто произлегуваат од одредбите на Законот за Државна ревизија ги извршуваше заменикот Главен Државен ревизор. На 4 октомври 2019 година, истече мандатот и на заменикот Главен Државен ревизор со што ДЗР остана без законски застапник. Ова состојба значи дека институцијата којашто врши ревизија над финансиското работење на Државните органи, општините, буџетските корисници, јавните друштва, трговски друштва каде Државата е доминантен акционер, агенциите и  други институции основани со закон, политички партии, корисници на средства од ЕУ и други меѓународни институции, од 4 октомври е практично блокирана во извршувањето на своите активности пропишани со закон.

Штетните последици од ваквата состојба се: неможност за целосна реализација на програмата за ревизија  за 2019 година, недоставување на конечните ревизорски извештаи од веќе извршените ревизии и/или ревизиите коишто се во тек, недонесување на планот за ревизија за 2020 година, неможност за подмирување на режиските трошоци на ДЗР, неможност за остварување на правата од работен однос на вработените при што нема да може да се исплати плата, надоместоци и додатоци, пензионирање и сл., со што вработените би биле надвор од системот на пензиско и социјално осигурување.

        Решавањето на ова прашање добива зголемена тежина со најавата за одржување на предвремени Избори во Државата, а со тоа постои реална  опасност уште повеќе да се одложи изборот на Главен Државен ревизор. Во тој случај, Институцијата и вработените ќе бидат целосно блокирани на неопределено време, што ќе доведе до немање на контрола врз трошењето на јавните пари.

Со цел надминување на вака настанатата состојба, бараме од надлежните органи (Владата и Собранието на Државата), итно спроведување на постапка за избор и/или назначување на ВД Главен Државен ревизор со што би се обезбедил основниот предуслов за континуитет во извршувањето на законските функции на ДЗР, и заштита на правата од работен однос на вработените.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2019 | Сите права се задржани.