Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Соопштение за медиуми 14.11.2018

 

ОБЈАВА ЗА МЕДИУМИ

Почитувани,

До ССМ е доставена покана за одржување на Прва јавна дебата за Предлог на Закон за работните односи, која е предвидено да се одржи на 14.11.2018 година во Клуб на пратеници во Скопје и на која е предвидено да се обрати претставник од Министерството за труд и социјална политика, претставник на Организацијата на работодавачи и Заменик претседател на Шведската Конфедерација на синдикати, а не е предвидено обраќање на ниту еден претставник на организициите на работниците, односно синдикатите во Република Македонија.

За ваквата покана, од страна на ССМ веднаш е упатено протестно писмо до Министерството за труд и социјална политика и Министерот Мила Царовска.

Со оглед на значењето на Законот за работните односи, кој претставува Устав за работничките права за сите работници во Република Македонија, помеѓу кои има и членови на синдикатите во Република Македонија, исклучително несериозно е започнувањето на првата јавна дебата за Предлог на Закон за работните односи, без директно вклучување на работниците или на нивните претставници.

Со ваквото невклучување на сите социјални партнери во процесот од страна на Министерството за труд и социјална политика, се создава слика дека процесот се води без трипартитен социјален дијалог, а со ваквиот  игнорантски однос кон работниците и синдикатите во Република Македонија и фаворизирањето само на едната страна, односно работодавачите, се остава можност за кратење на одредени права од работен однос на штета на работниците во Република Македонија, за што искрено не сакаме да веруваме дека се случува.

Сојузот на синдикатите на Македонија, во услови кога Република Македонија се стреми кон приклучување на Европското семејство, односно Европската унија, и во услови кога се залагаме за почитување на европските вредности, помеѓу кои спаѓаат и почитување на европските работнички права, нема да дозволи од страна на Министерството за труд и социјална политика и од страна на работодавачите, кои очигледно дејствуваат заеднички, да се извршат било какви намалувања на правата од работен однос на штета на работниците.

ССМ како социјален партнер, како што и тоа беше во изминатиот период, исклучиво ќе дејствува во насока на унапредување на работничките права и во таа насока беа и сите предлози од страна на ССМ по предлогот на новиот Закон за работните односи.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.