Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СРЕДБА НА ССМ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА, ЗОРАН ЗАЕВ

15.7.2019

Слика 1. Средба на претставници на ССМ со премиерот Зоран Заев

Денес, во Владата на Република Северна Македонија, делегација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) предводена од претседателот Дарко Димовски оствари работна средба со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

На средбата покрај претседателот на ССМ, Дарко Димовски и премиерот Зоран Заев, присуствуваа и Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, како и претседателите на гранските синдикати од приватниот сектор здружени во ССМ.

Учесниците на состанокот го поздравија напредокот на социјалниот дијалог, меѓу синдикатите, работодавачите и Владата како движечка сила за зголемување на економскиот просперитет и заклучија дека е потребно понатамошно унапредување и одржување на вакви средби во континуитет.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски на состанокот ги презентираше активностите на ССМ, со посебен фокус на носењето на новиот Закон за работни односи и предлозите на ССМ во насока на унапредување на положбата на работниците, преговорите за ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството и отпочнување на преговорите за ОКД за јавен сектор по иницијатива на ССМ, како и укажа на потребата од зголемување на минималната плата за што ССМ веќе има доставено предлог и потребата од скалесто зголемување на платите преку директна примена на колективните договори и коефициентите предвидени во истите.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Северна Македонија останува цврсто на определбите да биде партнер во социјалниот дијалог, давајќи значаен придонес за унапредување на правата на работниците во соработка и партнерски однос со синдикатите и работодавачите.

Во рамките на состанокот се отвори дебата за состојбите со кои се соочуваат синдикатите и беше истакната поддршката на државата за Општиот колективен договори за приватен и јавен сектор. Исто така, на состанокот по барање на ССМ се разговараше за потребата од исплата на регрес за годишен одмор во јавниот сектор, и негово утврдување во ОКД за јавен сектор за кој веќе се преговара.

Истакнувајќи ја улогата на синдикатите како будно око за правата на работниците, премиерот Заев подвлече дека Владата работи на мерките за обезбедување поголема сигурност и подобрувањето на животниот стандард на работниците, како партнер во социјалниот дијалог заедно со Синдикатот и работодавачите.

Позитивно беше оценет напорот на ССМ да се вклучи во процесот, со свои сугестии за прашањата од областа на трудот.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.