Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СРЕДБА ПОМЕЃУ ССМ И ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

СРЕДБА ПОМЕЃУ ССМ И ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Слика 1. Претставници на синдикатите здружени во ССМ и претставници на Владата на Република Македонија.

На барање на Сојузот на синдикатите на Македонија денес, 22.11.2018 година се одржа средба во Владата на Република Македонија на која присуствуваа претставници на Претседателството на ССМ предводени од Претседателот на ССМ, Дарко Димовски и претставници на Владата на Република Македонија предводени од Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

На средбата се дискутираше за прашањата поврзани со унапредување на правата на работниците во Република Македонија, за драфт верзијата на новиот Закон за работните односи и вклученоста на синдикатите при подготовка на истиот, за функционирањето на трипартитниот социјален дијалог, за зголемување на платите во Република Македонија вклучително и минималната плата, за колективното преговарање и склучувањето на колективни договори за јавниот и приватниот сектор, за најавената реформа во јавната администрација како и за останати прашања кои се значајни за унапредување на положбата на работниците во Република Македонија.

Слика 2. Љубиша Каранфиловски, претседател на ССЗФСЗ, Зоран Мироновски, претседател на СХНМ, Ристо Ајтов, претседател на СОБ, Иван Пешевски, заменик - претседател на СГИП, Златко Цветковски, претседател на МПС

Слика 3. Методија Димески, претседател на СРСВМ, Драге Јовановски, претседател на МЕСО, Весна Мицевска, претседател на СРТ, Живко Даневски, претседател на АГРО синдикат, Пецо Грујовски, претседател на УПОЗ, Пеце Ристески, Претседател на СИЕР.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски истакна дека сo денешната средба повторно се воспоставува праксата на одржување на редовни средби помеѓу ССМ и Владата на Република Македонија кои се од исклучително значење за унапредување на Социјалниот дијалог со оглед на тоа што се отвара можност сите прашања со кои се засегнати работниците и синдикатите да бидат пренесени и дискутирани директно со членовите на Владата на Република Македонија.

Слика 4. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, Министерот за труд и социјална политика Мила Царовска и  Заменикот министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

Претседателот, Димовски ги запозна Претседателот на Владата на Република Македонија  Зоран Заев и Министерот за труд и социјална политика, Мила Царовска и  Заменикот министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, со барањата и предлозите на ССМ кои се однесуваат на зголемување на правата на работниците во текстот на драфт верзијата на Законот за работните односи како и за постапката за склучување на нов Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Претседателот на ССМ и претседателите на синдикатите од јавен сектор ја истакнаа потребата од склучување на нов Општ колективен договор за јавниот сектор за што од Владата беше искажана подготвеност да отпочне процесот за преговори.

На средбата од страна на претседателите на синдикати здружени во ССМ беа пренесени и ставовите и проблемите со кој се соочуваат синдикатите и беа предложени конкретни мерки за надминување на истите.

Претставнците на ССМ и Владата на Република Македонија изразија задоволство од конструктивноста на денешната работна средба и заеднички констатираа дека има потреба од редовно одржување на меѓусебни средби на ова ниво со оглед на тоа што вакви директни средби помеѓу ССМ и Владата на Република Македонија не биле одржани повеќе од 12 години.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2018 | Сите права се задржани.