Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

СРЕДБА ПОМЕЃУ ССМ И ВЛАДАТА

На барање на Сојузот на синдикатите на Македонија, денес се одржа работен состанок во Владата, помеѓу Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски и  Претседателот на Владата, Оливер Спасовски и Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска.

На состанокот беше дискутирано за потребата од потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и утврдување на правото на регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација и ставање во понеповолна положба на една категорија на вработени наспроти друга категорија на вработени, а беше потсетено дека ССМ има изготвено и предлог текст на ОКД за јавниот сектор и беше иницијатор за повторно формирање на Комисија која  работи на текстот на ОКД за јавниот сектор и која веќе одржа и неколку состаноци.

Од страна на Претседателот на ССМ, Дарко Димовски и Секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, беа презентирани ставовите на Сојузот на синдикатите на Македонија по однос на Закон за работните односи кој треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи, за што од страна на ССМ доставен е предлог текст на Законот до надлежното министерство, за потребата од воведување на повеќе услови за пензионирање во Законот за пензиско и инвалидско осигурување како и за потребата од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува  најмалку 60 % од просечната плата во државата.

ССМ, како во изминатиот така и во наредниот период пред социјалните партнери ќе ги достави и презентира своите ставови кои се исклучиво во интерес за  сите работници во Државата.

Истовремено  беше укажано дека Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен репрезентативен синдикат  на територија, во јавниот и приватниот сектор, и има  репрезентативност за склучување на КД во јавниот и приватниот сектор, па од страна на Владата и надлежните министерства, потребно е да се води сметка за почитување на Законската регулатива при потпишување на Колективните договори за да не се дозволи истите да бидат на штета на работниците.

Од страна на претставниците на ССМ, беше побарано од Владата, да укаже на сите институции и државни органи за кои е надлежна Владата, министерствата и општините кои во своите Колективни договори немаат одредби за исплата на регрес за годишен одмор, во најкус рок истите да го утврдат тоа право преку измена на Колективните договори или склучување на нови Колективни договори што е исклучиво во насока на унапредување на правата на сите работници без исклучок со што ќе се реализира исплата на регресот за годишен одмор со потпишување на ОКД за јавен сектор. 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.