Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ БАРА РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ДА ЈА ПРЕИСПИТА ОДЛУКАТА ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈА

Во услови на здравствена криза, која имаше и сѐ уште има големо влијание и врз економијата и врз сигурноста на работните места, како и во услови кога годинава Минималната плата е зголемена за само 2,99%, просечната плата од јануари до мај 2020 година е намалена за 4,18%, а трошоците на граѓаните се зголемени заради кризата, Сојузот на синдикатите на Македонија и синдикатите здружени во него, не се согласуваат да има покачување на цената на електричната енергија, а особено не поради тоа што истата ќе падне на грбот на работниците, пензионерите, невработените, односно граѓаните.

Сојузот на синдикатите на Македонија не е организација која ги регулира цените на одредени услуги или производи, но смета дека со Одлуката на Регулаторната комисија за покачување на електричната енергија за 7,4%, здравствената криза може многу лесно да се претвори и во економска криза.

Доколку избрзаното покачување на цената на електричната енергија не биде повлечено, потребно е зголемување на сите плати и пензиите, во висина на зголемените трошоци за живот или скалесто за најмалку 7,4%, и тоа само за да се подмири просечната потрошувачка на електрична енергија која едно домаќинство би го чинело дополнителен издаток од платата, пензијата или другите примања.

Нашите анализи изготвени врз основа на Синдикалната минимална кошничка која ја изготвува ССМ и достапните податоци, ќе ги доставиме до Економско– социјалниот Совет, сѐ со цел да се овозможи покачување на платите, доколку не се отстапи од покачувањето на електричната енергија.

ССМ, не сака нашите граѓани, кои ќе бидат оневозможени да ги подмират зголемените сметки на електрична енергија, да станат таргет на извршување од извршителите и затоа уште еднаш укажуваме дека Регулаторната комисија треба да ја преиспита Одлуката за зголемување на цената на електричната енергија!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.