Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ ПОВИКУВА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД ТОПЛОТНИ БРАНОВИ

4.8.2017

Сојузот на синдикатите на Македонија поради енормно високите температури и можноста за топлотен бран а со цел заштита на сите вработени, посебно вработените кои работат на отворено под исклучиво високи температури, повикува да се почитуваат мерките за заштита од топлотен бран и истите доследно да се применуваат од страна на работодавачите и институциите.

Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението во РМ, Програмата за работа на ССМ и мерките за БЗР, укажуваме дека се препорачува од работни обврски во следните три дена (петок,сабота и недела) да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Се препорачува работодавачите да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во период од 11- 17 часот. Согласно насоките од Министерството за здравство се укажува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11-17 часот, а особено се препорачува установите за згрижување на децата да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во период од 11-17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Прекршувања на препораките од страна на работодавачите може да се пријавуваат и кај дежурниот инспектор кој ги координира екипите низ државата на 075 402 856.

Истовремено, ССМ укажува на преземање на следните активности во насока на заштита на здравјето на вработените:

ДА ГО ЗАШТИТИМЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО УСЛОВИ НА ТОПЛОТЕН БРАН!

Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, Сл. Вес. на РМ бр. 92 /07 работодавецот е должен да  обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат  животот и здравјето на работниците.

Со проценка на ризик се утврдуваат  работни места  на кои работникот може  да биде изложен на високи температури и/или топлинско зрачење  односно неповолни микроклиматски услови и се утврдуваат мерки кои работодавецот треба да ги превземе за намалување на ризикот на најмала можна мерка.

Доктор специјалист по медицина на труд треба да ги има во предвид работните места со ризик од изложеност на високи температури

  • Работни места на отворен простор:
  • градежни работници, земјоделци, градинари,работници во сообраќај.
  • работници кои изведуваат теренска работа, продавачи на отворени пазари,
  • пожарникари, полицајци, војници и др.;

Работни места во затворен простор:

  • сите работни места кои не се климатизирани и каде што има експозиција на високи температури и топлинско зрачење;
  • Сите работници кои работат во услови на изложеност на високи температури, се изложени на   топлински стрес.  Топлински стрес  се дефинира како физичка и физиолошка реакција на работникот на  температурата  на која е изложен на неговото работно место.

Работодавецот не може да влијае на надворешните фактори како што се соларно зрачење, температура и влажност на воздухот, али може со соодветна примена на правилата на заштита  на работа, во голема мерка  да го избегне или намали ризикот од топлинскиот стрес.

Потребни се координирани, заеднички активности на ниво на претпријатието со кое докторот има склучено договор согласно Законот за безбедност и здравје при работа (Сл. весник на РМ бр. 92/07).

Во услови на топлотни бранови, доктор специјалист по медицина на трудот, покрај редовните превентивни медицински прегледи, може да спроведе и вонредни прегледи на вулнерабилни групи работници: работници со понапредната возраст, работници со зголемена телесна тежина,бремени работнички, хронично болни (кардиоваскуларни, метаболни, респираторни, бубрежни, хепатални, гастроинтестинални и ЦНС заболувања др.) Индивидуални совети, препораки и  едукативен пристап е неопходен, како и консултации со матичниот лекар во врска со препорачаната терапија и евентуален предлог за боледување.

Заедничката акција се остварува преку соработка на специјалистот по медицина на трудот, работодавецот и работниците;

1.Препораки до работодавецот

Проверка на техничко- технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и по можност климатизација).

Контролирање на микроклиматските параметри;

Обезбедување на минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште” (каде вработените можат да се разладуваат  извесен период во текот на работата);

Промени во организацијата на работниот процес (работа во смени, ротација на работниците и сл.)

Избегнување на работа на отворено во за време на најтоплиот  период на денот ( 11-17 часот) или нејзино редуцирање.

Редуцирање на   тешка физичка работа; Почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување на климатизирани простори и доволно разладени течности за пиење;

Смалување на интензитетот на работата и нормите во производството.

Избегнување на прекувремената работа. Прекин на работата при потреба; 

Поттикнување на самопријавувањето на симптомите кај вработените;

Обезбедување на адекватни лични заштитни средства;

Внимателност со вулнерабилните вработени (постари работници, хронични болни, лица со прекумерна телесна тежина, бремени жени и др.) и нивно прераспределување (оние што не се во добра физичка  кондиција да бидат преместени на полесни работни места);

Запознавање на работниците со  ризикот на работното место од високи температури, можните штетни ефекти по здравјето како и со мерките за работа на безбеден начин.

Запознавање на вработените со процесот на аклиматизација или  адаптирање на организмот на високи температури кој делумно се постигнува за 7 дена, а комплетно за 20 дена( што треба да се има предвид при вклучување на неаклиматизиран работник во работниот процес );

Предупредување на вработените за зголемената опасност од несреќи  при работа (пожари). Посебно внимание и надзор при работа со  хемиски материи заради поголема опасност од интоксикација;

2. Препораки до вработените

Правилен режим на исхрана со доволно минерали, белковини, витамини;

-повеќе овошје, зеленчук, без многу масти.

Лесен оброк пред работа, дополнителен оброк во текот на работата, а  најобилен и енергетски најсилен оброк по завршената работа

Пиење течности, 2 л вода минимум дневно, при  услови на големи горештини се препорачува земање 1 чаша вода на 20 мин. интервали, да не се користат напитоци со алкохол и кофеин (заради опасност од дехидратација);при засилено потење и интензивна физичка активност, да се пие минерална вода (со јаглендвеоксид и електролити) поради можен губиток не само на течности туку и на електролити

Земање лекови само во консултација со својот доктор

Соодветен режим на одмор со кратки паузи во текот на работата;

Доволно спиење дома;

Намалување на интензитетот на физичките активности, туширање и разладување.  

На работа на отворено, во услови на изложеност на сончеви зраци да се користат креми за сончање со заштитен фактор (30 и повеќе) 

Користење на лични заштитни средства

Работната облека од лесна порозна ткаенина (од природни влакна, светла боја, памук, лен), а при работа на отворен простор - очила и мкапи и шешири со доволно голем обод за заштита на глава. Отстранување на облека која го смалува потењето. Менување на  облеката при значајно потење.

Прва помош на работното место

Препознавање на симптоми за топлотно исцрпување или топлотен  удар (исцрпеност, слабост, замор, главоболки, несвестица, бледило, вртоглавица, повраќање, вознемиреност, конфузија, колапс, конвулзии, шок)

 Самопријавување на симптомите, грижа за колегите (будност за појава на симптоми)

Оние кои што имаат симптоми не смее да се дозволи да одат дома додека не се стабилизираат (најголемиот бројна смртни случаи од топлотен удар се случуваат на пат за дома)

Согласно законска регулатива, неопходна е едукација на одредени работници за пружање прва помош.

Работник кој има здравствени тешкотии поради изложеност на висока температура, веднаш треба да се тргне во „засолниште“-климатизирана или разладена просторија,или доколку нема друга можност- под сенка. Потребно е работникот да се разлади со отстранување на вишок облека, лесно полевање или прскање со вода собна температура), разладување (ако има)со вентилатор,ставање влажни облоги на глава (чело, околу врат).

Доколку работникот е свесен,треба се стави во легната положба на грб, со кревање нозе на повисоко и давање што повеќе течности да пие.

Доколку не е при свеста, работникот се врти во бочна положба и веднаш се бара итна медицинска помош со повик 194, која ќе обезбеди професионална медицинска помош и по потреба транспорт во соодветна медицинска установа.

 

Со почит,

Сојуз на синдикатите на Македонија

претседател

д-р Живко Митревски

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2017 | Сите права се задржани.