Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ ПОВИКУВА НА СИНДИКАЛЕН МАРШ НА 1-ВИ МАЈ

Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија едногласно донесе Одлука  со која и оваа година ја продолжува традицијата и ги повикува работниците на СИНДИКАЛЕН МАРШ кој ќе се одржи на 1ви Мај – Меѓународниот ден на трудот со почеток во 11 часот од пред зградата на ССМ, а истиот ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред Владата каде што ќе бидат доставени нашите синдикални барања за унапредување на работничките права.

Сојузот на синдикатите на Македонија, единствен репрезентативен синдикат, до Министерството за труд и социјална политика, во февруари 2019 година достави свој предлог текст за нов Закон за работните односи во кој предлага исклучиво унапредување на работничките права, а исто така е вклучен и во преговорите за нов Општ колективен договор за праватниот сектор од областа на стопанството, а ќе започнат и преговорите за Општ колективен договор за јавниот сектор.

Во година во која се дискутира за работничките права и достоинството на трудот кои ќе бидат утврдени во ЗРО и во Општите колективни договори, исклучително е важно сите работници да дадеме свој придонес и да имаме своја улога во тој процес, а преку нашето учество на СИНИКАЛНИОТ МАРШ  ќе упатиме порака до Владата и надлежните Министерства дека не смеат да одлучуваат за нашите права без нас и без да ги прифатат нашите барања кои се исклучиво во насока на подобрување и приближување на истите на Европско ниво.

ССМ и во оваа прилика уште еднаш ги потенцира дел од барањата доставени до Владата и надлежните Министерства и тоа:

  • Договорите за вработување по правило да бидат на неопределено време, а на определено време во исклучителни случаи  да се склучуват најмногу до 1 година
  • Зголемување на испратнините за отказ од деловни причини на 12 плати
  • Бришење на контролниот период за прекувремената работа, работа ноќе и работа во ден на неделен одмор
  • Саботата и недeлата да бидат денови на неделен одмор
  • 12 месеци породилно отсуство за едно дете, а за 2 или повеќе 18 месеци породилно одсуство
  • Зголемување на минималната плата на 13.600 денари со што задолжително да следи пропорционално зголемување на платите во државата и намалување на сиромаштијата
  • Стабилен пензиски систем без зголемување на старосната граница за пензионирање и воведување на стажот како услов за остварување на правото на пензија.
  • Здрави и безбедни услови за работа и др.

ССМ ги повикува сите работници и граѓани во државата, на 1ви мај да излезат и да се приклучат на СИНДИКАЛНИОТ МАРШ за заедно, гласно да ги искажеме до Владата нашите права и барања.

Колку сме побројни, толку сме погласни и посилни!!!

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.