Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ССМ СЕ ИЗБОРИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ОДРЕДБИТЕ ВО ЗРО

4.7.2018

 

На барање на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ), како репрезентативен синдикат и социјален партнер во РМ отворена е постапка за изготвување на нов Закон за работните односи кој треба да се донесе до крајот на оваа 2018 година. Целта на донесувањето е да се обезбеди највисоко ниво на инкорпорирање на стандардите на МОТ и европските директиви и препораки во уредувањето на работно правните односи во РМ.

Во меѓувреме до донесување на новиот ЗРО, ССМ и другите социјални партнери по пат на социјален дијалог констатираа дека се потребни брзи измени на ЗРО со цел да се обезбеди заштита на работничките права и правна сигурност во примената на постојните законски решенија  до донесување на новиот ЗРО.

ССМ сметаше дека низа одредби од ЗРО се нејасни и непрецизни и како такви не обезбедуваат еднаква примена и го нарушуваат уставниот принцип за еднаквост на граѓаните пред законите. 

За да се надмине оваа состојба социјалните партнери се согласија за измени на ЗРО кои беа направени со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, објавен во Службен весник бр. 120 од 29 јуни 2018 г.

 

Со овие измени, ССМ и другите социјални партнери се договорија за:

- намалување на  времетраењето на рокот за пријавување на  јавниот оглас од 5 на 3 работни дена.

- намалување на  периодот на пробна работа од 6 на 4 месеци.

- се предвиде обврзувачка содржина на договорот за вработување, со што работниците со потпишување на договорот точно ќе ги знаат своите права и обврски кои произлегуваат од работниот однос.

- се прецизира одредбата за задолжително писмено предупредување од страна на работодавачот во постапка пред откажување на договорот за вработување, при постоење на лична причина на страна на работникот.

- се  уреди  дека  рокот во кој работникот треба да го подобри своето работење при откажување на договорот за вработување поради лични причини на работникот не може да биде пократок од 15 дена од приемот на писменото предупредување

- се изедначија роковите за застареност на отказот на договорот за вработување поради причини на вина на страна на работникот со рокот на застареност од лични причини.

- се  дополнија одредбите од законот во насока на примена на  критериуми утврдени со колективен договор и критериуми за заштита на инвалидни лица, самохрани родители и родители на деца со посебни потреби при отказите од деловни причини

- Со цел да се обезбеди заштита од злоупотреба од страна на работодавачот при отказ на договорот од деловни причини, се уреди одредба со која работодавачот кој го откажал договорот за вработување поради деловни причини не може на истите работи со иста стручна подготовка и занимање да вработи друг работник во рок од 2 години од денот на престанокот на работниот однос, како и дополнителна заштита на работникот на кој му престанал договорот за вработување од деловни причини со давање на приоритет за вработување при потреба за вршење на истите работи.

-Се зголеми бројот на испратнини во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини,

-се прецизира рокот за поднесување на писмена изјава за продолжување на договорот за вработување.

- се зголеми процентот на минималниот износ на плата за приправник од 40% на 70%.

- се допрецизира значењето на терминот соодветна храна за работник кој работи ноќно време, преку утврдување на надоместок на трошоци за исхрана во висина од 20% од просечната нето плата по работник  исплатена во Република Македонија во претходната година и тоа само за деновите кога работникот работи ноќе. Со истиот член се прецизира дека работникот не може да се распореди на ноќна работа доколку нема јавен превоз, а работодавачот не обезбедува услови за  превоз до и од  работа.

-се уреди еднакво правото на користење на годишен одмор  на работниците кои што работат шест дена во неделата со работниците кои работат пет дена во неделата и се  надмина неусогласеноста во поглед на времетраењето на делот на годишниот одмор кој треба да биде искористен во текот на календарската година за која се дава одморот  и истиот изнесува две непрекинати работни недели.

ССМ како и досега ќе ја следи имплементацијата на Законот за работни односи и сите други закони од работно- правната област и ќе иницира промени и нови законски решенија во насока на унапредување и целосно остварување и заштита на работничките права. Европската ориентација и примената на стандардите на МОТ се континуиран предизвик и цел во креирањето на активностите на делување на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.