Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

Став на ССМ за новите мерки

Почитувани,

Сојузот на синдикатите на Македонија континуирано ја следи состојбата во Државата предизвикана од вирусот Ковид 19. 

Изразуваме најдлабоко сочувство за семејствата на починатите. 

Изразуваме почит и поддршка за семејствата кои се грижат за своите болни членови. 

Поддршка и почит за вработените во здравството, армијата и полицијата кои се најистурени во активностите за сузбивање на вирусот и обезбедување на функционирање на Државата во овие вонредни услови и предизвици во кои се наоѓаат државите од  светот. 

Потсетуваме дека Сојузот на синдикатите на Македонија неколку пати до Владата и надлежните министерства достави предлог на итни мерки кои сметаме дека е потребно да бидат донесени од страна на Владата веднаш и без одлагање. 

Здравствената криза не смее да премине во криза на пазарот на трудот и истата да биде надминувана на грбот на работниците преку незаконски кратења на нивните плати во овие моменти кога има покачување на сите цени на сите производи. 

Солидарност не значи земање од работниците и нивниот труд,  туку потребна е солидарност и заедништво за никој да не остане без егзистенција и плата во време на вонредна состојба и здравствена криза, а со тоа и да не се сведува спасот само на грбот на работниците кои секојдневно ризикуваат да се заразат со Коронавирусот Ковид – 19, а се во интерес на нормално функционирање на институциите. 

Апелираме дека треба да се употребат сите расположливи ресурси да им се помогне на најранливите категории на граѓани да ја преживеат кризата, а тоа се работниците, самохраните родители, самовработените, невработените, социјалните случаи, лицата со посебни потреби кои треба да бидат приоритет на ангажманот на нашата Држава. 

Потсетуваме на вредноста на минималната  синдикална кошница која ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија, која во себе  ги вклучува  неизбежните и неопходни групи на производи и услуги, на едно четиричлено семејство  (исхрана, домување, хигиена, превоз, култура, облека и здравје), за февруари  2019 година изнесува 32 915,00 денари. 

Исплата на минимална плата за вработените во администрацијата и јавниот сектор претставува опасност и може да повлече исплата на минимална плата во целиот приватен сектор, процес со кој во овие услови тешко ќе може справи македонскиот работник, а никој од ниту еден инспекторат не ќе може да ја контролира таквата појава. 

ССМ останува на ставот, предложените мерки од ССМ, кои се неопходни и истите да се донесат за егзистенција на секој работник, граѓанин и фирмите во стопанството: 

-       Мораториум на сите откажувања на договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини) во период од 60 дена (мерка преземeна од страна на Италија за заштита на работниците и спречување на злоупотреби од страна на несовесни работодавачи кои го користат овој тежок период за лични интереси) 

-       Исплата на платите без нивно намалување со одлагање на плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, со тоа што во рок од 6 месеци по надминувањето на тешкотиите односно Вонредната состојба, истите да бидат уплатени во соодветните фондови. 

-       Одложување на плаќање на рати за кредити и репрограм за 6 месеци за сите работници, граѓани и компании од приватниот сектор.  

За јавниот сектор предлагаме секоја мерка што ќе биде преземена да биде според Законот за работните односи, Колективниот договор за јавен сектор во кој се нудат решенија за вакви ситуации. 

Гранските синдикати здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија не прифаќаат донесување на никаков сет мерки надвор од рамките на ЗРО и Колективните договори од јавниот и приватниот сектор со кои ќе се намалуваат платите на работниците во Државата. 

Со почит, 

 

Сојуз на синдикатите на Македонија
Бул. 12та Македонска Бригада 2а,
1000 Скопје, Македонија
тел. +389 2 3161 374

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.