Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

УСВОЕН ПРЕДЛОГ ПРОТОКОЛ ЗА СОЦИЈАЛЕН НАПРЕДОК ВО РМ

27.1.2017

 

Врз основа на Програмата на 19тиот Конгрес на ССМ и Програмата доставена од страна на претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, Претседателството на ССМ на својата редовна 14та седница го утврди текстот на Предлог Протокол за социјален напредок во РМ.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ претставува стратешки документ и имајќи ги предвид основните уставни начела за економските слободи и социјални права, прокламираниот концепт и определбата на Република Македонија како социјална држава, концептот за социјални права дефиниран во Европската социјална повелба, темелните конвенции на МОТ, Уставот на РМ, Законот за работни односи на РМ, во интерес на промоција, остварување и подобрување на социјалната и економската положба на работниците на РМ, поттикнување и промоција на процесот на вработување, борба против социјалната исклученост, подобрување и заштита на животните и работните услови, нивото на образованието, обука и заштита на здравјето на работниците, зајакнување на социјалниот дијалог, а во насока на обезбедување на фундаменталното значење на социјалниот напредок и неговата примена, предлага утврдување на повеќе цели.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ предвидува ССМ и социјалните партнери, во интерес на остварување на европскиот социјален модел да ја прокламираат и се обврзуваат да ги реализираат и вложат заедничките активности кон остварување на социјалниот напредок во РМ, кој ќе биде во насока на натамошно остварување, унапредување и заштита на социјално- економските, работно- правните и културно- образовните интереси на работниците во РМ.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ ќе се фокусира особено на прашањето за натамошен раст на минималната плата со цел изработка на заедничка стратегија за зголемување на платите, зајакнување на растот, пополнување на разликите во работните места и секторите, елиминирање на сиромаштијата, нееднаквоста и социјалната исклученост.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ ќе се фокусира и на измени во работното законодавство кои ќе предвидуваат поцврсти одредби за колективното преговарање и промоција на активности за унапредување на процесот на склучување на колективни договори во сите сектори на сите нивоа.

Протоколот во интерес на сигурноста на работниот однос ќе се фокусира на решенија со кои работниот однос на неопределено работно време при вршење на основната дејност, посебно во индустриските зони да не може да биде помал од 30% на бројот на вработени кај работодавачот. Во оваа смисла се предвидува и потребата од намалување на периодот за вработување на определено работно време од 5 на 3 односно 2 години, како и дополнителни бенефити за обезбедување на поголема материјална сигурност на работниците за време на невработеност.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ ќе се фокусира и на отворање на процес за формирање на заеднички фонд за унапредување на социјалниот дијалог, изготвување, потпишување, измени на КД и едукација за колективното преговарање, со тоа што средствата за организирање и работење на фондот ќе се обезбедуваат од сите работодавачи и работници за кои се применува КД.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ предвидува и активности на социјалните партнери во изнаоѓање и дополнување на соодветна регулатива за обезбедување на можности на бенефициран стаж за оние категории на работници за кои е потребно и неопходно а ќе се залага и за обезбедување на соодветни механизми во делот на зацврстување на активностите кои одат во прилог на спроведување на законската регулатива поврзана со правата на вработените и отстранување на незаконско однесување од страна на некои субјекти.

Предлог Протокол за социјален напредок во РМ предвидува и заеднички активности за зајакнување на капацитетите и едукативните концепти, како и овозможување на користење на дополнителни ослободувања при користењето на одредени надоместоци поврзани со работата како и надоместоци и трошоци за остварување на едукативните концепти на синдикатите.

Страните кои заеднички треба да го реализираат Протоколот за социјален напредок ја изразија својата спремност дека посветено ќе работат на остварување на целите и содржината на Протоколот во духот на взаемно разбирање и соработка почитувајќи ги меѓусебно своите и општествените цели, програми и позиции и благовремено ќе се информираат и координираат за начинот, динамиката и форматот на остварување на Протоколот.

Сојузот на синдикатите на Македонија напомнува дека по усвојувањето на овој Протокол од највисоките органи тела ќе биде доставен до сите останати синдикални централи и синдикати со цел истите да се приклучат во остварувањето на суштината и целите од Протоколот.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2017 | Сите права се задржани.