Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ДО СИТЕ КОИ ОСТАНАА БЕЗ РАБОТА ВО ПЕРИОДОТ НА ПАНДЕМИЈАТА !!!

Сојузот на синдикатите на Македонија ги информира сите што останале без работа во периодот на пандемијата со Корона вирусот, како и оние кои потпишале спогодбен отказ или дале лична изјава за прекин на работниот однос, независно од времето поминато во работен однос да аплицираат во Агенцијата за вработување најдоцна до 26 јуни.

Владата на Република Северна Македонија има утврдено системи на социјална сигурност кои се состојат од два механизми. Првиот механизам е користење на паричен надомест врз основа на Законот за осигурување во случај на невработеност. На иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија донесена е Уредба со законска сила за дополнување на уредба со законска сила за примена на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба (Службен весник на РСМ бр.136) која што го проширува опфатот на лица кои можат да примаат паричен надомест. Според Уредбата, сите оние коишто останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, без разлика дали потпишале спогодбен престанок на работен однос или лична изјава, или добиле отказ од работодавачот, ќе можат два месеци да примаат паричен надоместок.

Аплицирањето е веќе во тек. Сите оние кои имале прекин на работен однос во посочениот период треба да поднесат барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување. Рок за поднесување на барањата е 26 јуни.

По истекот на користење на правото на паричен надоместок, доколку работникот заснова нов работен однос, ќе може повторно да се стекне со право на паричен надоместок согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, при што не се зема  предвид користењето на правото на паричниот надоместок согласно оваа уредба со законска сила.

Владата и Министерството за труд и социјална политика обезбедија брз пристап до материјално обезбедување и за онаа група невработени кои претходно работеле со договор на определено време и кој по сила на закон истекол, а немаат потребен минимум од 9 месеци непрекинат стаж или 12 месеци стаж со прекин, за да остварат право на паричен надоместок.

Вториот механизам е сите семејства кои останале без приход, можат да влезат во системот на социјална заштита и да примаат гарантирана минимална помош.Сојузот на синдикатите на Македонија  ги повикува сите семејства коишто се нашле во ваква ситуација на ризик, да се обратат во центрите за социјална работа и да поднесат барање за гарантирана минимална помош. 

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2020 | Сите права се задржани.