Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ: УНАПРЕДУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ВО РМ

Слика 1. Учесниците во Проектот

На 31.3.2017 година се одржа завршна конференција на Проектот: Унапредување на социјалниот дијалог, финансиран од ЕУ, а спроведуван од Меѓународната организација на трудот. На оваа конференција присуствуваа претставниците на социјалните партнери, учесници во самиот Проект, како и директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози.

Вонсудското решавање на споровите меѓу работниците и работодавачите е најуспешниот сегмент на две и полгодишниот проект поддржан со 1,3 милиони евра, како и резултатите во делот на унапредување на социјалниот дијалог и колективното преговарање.

Слика 2. Претседателот на ССМ во својата изјава за медиумите

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, истакна дека низ проектот се продуцирани околу 70 обучувачи кои пак ќе ги подготват идните арбитри, односно помирувачи во споровите, а дел од нив се од редовите на синдикатот. Според претседателот Митревски, мирното решавање на работните спорови е една од компонентите на проектот во која е постигнат најголем успех.

- Анализите на ССМ покажуваат дека во просек има околу 1.000 случаи во судовите поврзани со решавање на работни спорови, во кои се ангажирани нашите правни служби. Со оглед на тоа што законот за мирно решавање на работни спорови го ставивме повторно во функција со 70 обучувачи кои веќе имаат лиценци за арбитри, очекуваме дека ќе дојде до драстично намалување на бројот на вакви спорови со оглед на тоа што суштината на законот е да се избегнат долготрајните судења, трошоците и на работодавачите и на работниците и да се избегне трошењето енергија на такви процеси, истакна претседателот Митревски и посочи дека за судските спорови во кои застапници биле претставници на ССМ во периодот 2013-2014 година, се потрошиле 400 до 500 илјади евра за поднесоци на тужби, одржување судски расправи, пролонгирање на тие расправи, за трошоци и сл. Митревски напомена дека овие средства, иако ССМ понуди бесплатна правна заштита, би биле потрошени и реално, па новиот систем ќе значи ослободување од ваков вид на трошоци.

Преку проектот е направен чекор напред и кај колективното преговарање. Разработени се нови техники и работено е во неколку дејности каде колективното преговарање се уште не е доволно застапено, како на пример трговијата, градежништвото, текстилните фабрики. Но, констатирано е дека се уште треба да се работи на развивање на свеста од потребата за колективно преговарање.

Исто така претседателот Митревски информира дека се промовираше и  нов прирачник за колективното договарање се со цел стекнување на нови знаења во делот на организирање и мобилизирање ново членство во индустриските зони.

Слика 3. Директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози

Директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози истакна дека проектот се спроведуваше во многу комплицирана и тешка политичка ситуација во која навистина не беше лесно да се работи на трипартитен дијалог меѓу социјалните партнери. Резултатите вклучуваат воспоставување механизми за зајакнување на капацитетите на социјалните партнери за да можат да се вклучат во социјалниот дијалог и да можат да ги следат и да ги почитуваат препораките што ги дава Економско- социјалниот совет за Владата, оценувајќи дека овој проект ги дал посакуваните резултати.

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.