Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ЗГОЛЕМЕНА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НА БАРАЊЕ НА ССМ

15.10.2019

Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата, сѐ со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства.

Потсетуваме, дека токму на иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија, беше донесен Законот за минимална плата, со цел да се заштитат работниците од прекумерно ниските плати кои се исплаќаат во државата.

ССМ, во изминатиот периодот, аргументирано, постојано, укажуваше дека во услови кога Синдикалната минимална кошница во континуитет изнесува некаде во просек над 32.000,00 денари, а само трошоците за храна во просек изнесуваат 13.600,00 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 % од просечната плата во државата, односно, најмалку 15.116, 00 денари.

Пресметките на ССМ покажуваа дека има потреба од зголемување на минималната плата, со што ќе се приближиме до европскиот тренд на висина на минимална плата, имајќи ги предвид,  пред сѐ заложбите на државата за побрзо интегрирање во Европското семејство.

Прифаќањето на аргументите на ССМ од страна на социјалните партнери, Владата и работодавачите, значи зголемување на минималната плата на висината која заеднички ја усогласивме и истата ќе изнесува 14.500,00 денари, што ќе значи придобивка и заштита за работниците.

Апелираме работодавачите да го следат растот на минималната плата и ова зголемување на минималната плата да биде основа за скалесто зголемување на сите плати на работниците, што може многу лесно да се случи преку почитување на колективните договори.

Преговорите и дискусијата за зголемување на минималната плата беа водени на седници на Економско- социјален совет и на директни средби помеѓу репрезентативните социјални партнери, па оттука не гледаме некои посериозни проблеми при исплата на истата во иднина.

Денес, за ова значајно прашање членовите на  Претседателството на ССМ имаа и посебен состанок.

 

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2024 | Сите права се задржани.