

12-13.3.2019
Во периодот од 12 до 13 март 2019 година во Скопје се одржа Регионална конференција за јакнење на синдикатите со цел подобрување на платите и работните услови во текстилната и чевларската дејност, во организација на европските и светските синдикати од овие сектори, финансирана од Европската Комисија.
Целта на оваа конференција е јакнење на капацитетите на синдикатите, подобрување на платите и подобри услови за работа во овие сектори, зголемување на членството, како и размена на добри пракси и искуства од земјите учеснички на оваа конференција.
На оваа конференција беа присутни претставници на социјалните партнери, како на европско, така и на национално ниво, кои ја истакнаа потребата од зајакнување на социјалниот дијалог со цел обезбедување на поголеми плати, подобри услови за работа и склучување на колективни договори, како на секторско, така и на ниво на претпријатие.
Претседателот на СТКЧ, Љупчо Радовски, ја истакна потребата за зголемување на опфатеноста на колективните договори, преку организирање на поголем број работници од овие дејности, како и приклучување на компаниите кон организацијата на работодавачи.
Генералниот секретар на Indusrty All Europe, Лук Триангл потенцираше дека иднината на Северна Македонија е во Европа и во европските синдикати. Потребно е подобрување на работното законодавство, социјална заштита и сигурност на работниците. Тоа ќе се обезбеди преку подобри услови за работа и зголемени плати, преку заедничка соработка и ангажман на социјалните партнери.