Стани дел од синдикатот и направи
значајна промена.

ПРАВЕДНА ТРАНЗИЦИЈА, ШТО Е ТОА?

  1. Што е Париски Договор за климатски промени?

Под влијание на климатските промени кои се реалноста на 21-от век и кризата кои тие ја предизвикуваат сè поголем е бројот на земјите кои плаќаат висока цена и се соочуваат со сè потешки последици како резултат токму на климатските промени како што се глобалното затоплување на земјата, заразните болести и пандемиите. Несомнено е дека главен причинител на климатските промени е токму човековото влијание, а техничко-технолошкиот развој на човештвото има потреба од  енормно зголема потрошувачка на енергија која најмногу се базира  на употребата на фосилните горива, јагленот, нафтата и гасот. Согорувањето на фосилните горива, пред се на јаглеродниот диосксид и метан, резултира со емисија на стакленички гасови кои делуваат на начин што ја заробуваат сончевата топлина во атмосферата и ги зголемуваат температурите на површината на земјата.

Вкупно 195 држави се посветија на тоа да креираат итни мерки за брзо и ефикасно делување во насока на заштита на нашата планета и да преземат активности во насока да ги елиминираат штетните дејствија и да ги променат своите потрошувачки практики со потпишување на Парискиот договор во кој тие го ветија следново:

• да се одржи зголемувањето на глобалната просечна температура под 2°C над прединдустриските нивоа, настојувајќи да го ограничат зголемувањето до 1.5°C;

• да превземат мерки за намалување на националните емисии на стакленички гасови и национално прилагодување на/кон климатските промени; и

 • да започнат праведна транзиција за борба против климатските промени, да развиваат пристојна работа и квалитетни работни места во согласност со развојните приоритети утврдени на национално ниво.

Ако не се преземат овие драстични мерки, светот ризикува да ги надмине таканаречените „точки на пресврт“, кои би можеле да предизвикаат неповратни промени во климатскиот систем, па токму поради тоа и беше склучен Парискиот Договор.

Парискиот договор за климатски промени или Париски климатски договор- претставува правно обврзувачки меѓународен договор за климатските промени. Истиот беше усвоен од 195 држави на Конференцијата на ОН за климатските промени (COP21) во Париз, Франција, на 12 декември 2015 година, а официјално стапи во сила на 4 ноември 2016 година, и како договор ја има главната целта да се ублажат, прилагодат и да се финансираат климатските промени.

Од 2020 година, земјите кои го усвоија овој Договор ги поднесуваат своите своите национални планови за климатска акција, познати како Национални утврдени придонеси кон климатски промени (NDCs). Во нивните Национални утврдени придонеси кон климатски промени (NDCs), секоја држава ги соопштува активностите што ќе ги преземе за да ги намали емисиите на стакленички гасови на национално ниво и активностите кои ќе ги преземе со цел да изгради отпорност и успешно да се прилагоди на климатските промени, а се со цел да ги постигне главните целите на Парискиот договор.

 

  1. Дали Парискиот договор за климатски промени е и наша реалност или не?

Како резултат на Парискиот Договор, регионите во кои се врши широка експлоатација на јаглен низ целиот свет се соочија со една нова реалност која досега не постоела, а таа е дека треба да се преземат итни мерки за затворање на електраните кои користат јаглен, да се обезбеди преминување кон технологии кои користат ниско ниво на јаглерод и да се превземат активности за зголемување на енергетската ефикасност на секоја држава.

Официјално Република Северна Македонија го ратификуваше Договорот од Париз во Ноември 2017 година, а под влијание на Европскиот Зелен План (EU Green Deal) во кој е предвидена Европска Зелена Агенда, државите на Западен Балкан, како регион кој неможеше да остане настрана на сите овие европски политики и светски случувања, на самит кој се одржа во Софија во 2020 година потпишаа Декларација за зелена агенда со која се обврзаа дека до 2050 година ќе го исфрлат јагленот од употреба и ќе станат климатски неутрални.

Тоа значи дека земјите од Западен Балкан, вклучително и нашата држава ќе треба брзо да изнајдат решенија за да се преориентираат на употреба на обновливи извори на енергија и драстично да го намалат ефектот на емисија на стакленички гасови. Сето ова е оценето како сериозен предизвик ако се земе во предвид дека енергетиката е заслужна за најголемиот дел од емисијата на стакленичките гасови, а токму во земјите на Западен Балкан јагленот и нафтата се главен извор на енергија.

За таа цел нашиот регион треба да обезбеди транзиција кон декарбонизација, а праведната транзиција е клучен аспект во овој процес, каде што сите држави ќе имаат за цел преминувањето од употреба на јаглен на употреба на обновливите видови на енергија, сонце, ветер и со тоа и регионот на Западен Балкан да може да даде сериозен придонес во вкупните европски текови за остварување на Европскиот Зелен План. Светот денес не може да си дозволи постоење на индустрии кои интензивно користат јаглерод и, за таа цел, регионите кои се богати со јаглен и лигнит мора да се справат со предизвикот наречен праведна транзиција.

 

  1. Што е Праведна Транзиција?

Праведна транзиција значи пат на обединување на социјалната и климатската правда, односно термин кој ја опишува транзицијата кон декарбонизирана - климатска нискојаглеродна економија што од една страна ќе обезбеди максимизирање на придобивките од климатските активности кон намалување на последиците од климатските промени, а истовремено ќе ги минимизира тешкотиите за работниците и нивните заедници кои несомнено ќе трпат промени на досегашниот начин на живеење и водење на својата економија.

Праведната транзиција претставува модел на повторен развој, а не модел на уништување на досегашното живеење и функционирање на регионалните, а со тоа и несомнено на националните економии и пред се е модел кој е базиран на локално дизајнирани јавни политики кои треба да создаваат квалитетни работни места и достоинствен живот на сите вработени и сите заедници вклучени во процесот на декарбонизација на нивната економија, кое нешто ќе доведе до тоа луѓето полесно да ја разберат, прифатат и подржат праведната транзиција.

Човековото влијание се јавува како главен причинител на сериозните климатските промени, меѓутоа и сега токму човековото влијание ќе ни биде потребно за спроведување на една успешна праведна транзиција и декарбонизација на нашата економија.

 

  1. Кои се државните стратегии и политики за спроведување на Парискиот Договор за климатски промени?

Република Северна Македонија го ратификуваше Договорот од Париз во Ноември 2017 година и следејќи го примерот на развиените европски држави, националните стратегии и политики за спроведување на Парискиот Договор нашата држава ги насочи кон енергетската транзиција, енергетска ефикасност и заштита на животната средина.

Па така, според Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година на Владата на Република Северна Македонија, предвидени се намалување на потрошувачката на енергија за 27%  и зголемување на учеството на обновливи извори на енергија од сегашните 18% на 45%. Покрај тоа Република Северна Македонија е прва држава од регионот која изработи Национален план за енергија и клима кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност.

Најавена беше и енергетската транзиција која ќе поттикнува намалување на стакленичките гасови, затворање на термоцентралите во земјата, изградба на нови хидроцентрали, гасни централи и зголемени инвестиции во изградба на фотонапонски централи, а во нашата политика особено се потенцира тоа дека гасификацијата на Македонија е уште еден клучен момент за посакуваната енергетската транзиција.

Согласно Договорот од Париз, државите потписнички на Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, се согласија да обезбедат информации за своите национално-определени придонеси кои се однесуваат на целите на договорот: Одржување на зголемувањето на глобалната просечна температура под 2°C над прединдустриските нивоа, настојувајќи да го ограничат зголемувањето до 1.5°C, па оттука и нашата држава преку Министерството за животна средина и просторно планирање ги достави своите утврдени национални придонеси во Август 2015 година, а кои последно беа ревидирани во 2021 година.

Согласно национално утврдените придонеси од 2015 година беше предвидено во 2030 година да се постигне: намалување на емисиите за 30%, односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, во однос на референтното сценарио, а согласно Ревидираниот национален утврден придонес кон Договорот од Париз како придонес кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови: Во 2030 година да се постигне 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година или изразено во нето емисии, 82% намалување во 2030 година во однос на 1990 година, а секако крајната цел е е посветена на постигнување климатска неутралност до 2050 година – која е суштинската цел на Европскиот зелен договор.

Меѓутоа и покрај горенаведеното несомнено е ниското ниво на информирање на тоа колку од овие национални стратегии и политики се исполнија барем до сега. Последните информации кои се јавно објавени датираат од месец Декември 2024 година кога на состанокот на Советот за праведна транзиција, без присуство и учество на социјалните партнери се дискутирале и усвоиле неколку значајни точки, како на пример:

-Одобрување на Годишен План за имплементација на праведната транзиција за 2025 година

-Управувачка структура за праведната транзиција

-Извештај за спроведените активности и следни чекори., но подетални информации, анализи и статистички податоци од овие документи и реален приказ на сето она што досега е спроведено и она кое се планира да се спроведе во иднина во нашата држава, на јавноста не и беа подетално објавени, ниту пак на било каков начин споделени на своите граѓани секако од страна на креаторите на политиките. Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) останува на ставот дека се што значи државна политика, национална стратегија или било каков официјален документ посветен на праведната транзиција кој ќе треба да се спроведе, да биде донесен по пат на социјален дијалог со активно учество на сите социјални партнери и поддршка и експертиза на невладиниот сектор, експерти и пошироката јавност.

 

  1. Кои области и сектори се најзасегнатите во нашата држава?

Секако дека најзасегнати сектори од процесот на праведната транзиција во нашата држава се секторот енергетика, агро-секторот, градежништво и транспорт, доследно следејќи го примерот од сите Европските држави. Несомнено е дека почнувајќи од локално ниво па нагоре стигнувајќи се до националните Владини политики, токму овие сектори се оние кои ќе трпат најголеми промени и кон кои треба да бидат насочени сите идни мерки, активности, политики, меѓутоа истите мора да бидат договорени од сите засегнати страни.

Праведната транзиција бара меѓусебна соработка на работодавачите, синдикатите, владите и локалните заедници чија заедничка цел е да ја планираат и спроведат транзицијата на нивната економија, сектор и компанија кон активности со ниски јаглеродни емисии, социјално и еколошки одржливи. Токму поради тоа грански синдикати кои доаѓаат од овие сектори ќе имаат огромна улога и ќе биде потребно да се обидат да најдат решенија на многу предизвици кои ќе се појават низ процесот на праведната транзиција, бидејќи несомнено работниците кои се синдикални членови на овие грански синдикати ќе бидат соочени со промени за кои ќе им биде потребна не само државна поддршка туку и поддршка и јасна политика на дејствување на синдикатите во кои тие членуваат.

 

  1. Дали праведна транзиција значи процес на промени и соработка кој треба да започне од локално ниво?

Праведната транзиција за да биде успешна мора да се спроведе според пристапот „од долу нагоре“ што секако значи дека овој процес започнува од и со потребите на локалните заедници. Оттука луѓето кои се на водечки позиции во регионите и локалните самоуправи како креатори и спроведувачи на политиките играат клучна улога во праведната транзиција од неколку причини како што се на пример тоа дека тие ја потврдуваат легитимноста на процесот, ги претставуваат интересите на граѓаните, се лица кои имаат алатки за спроведување на мерките договорени во рамките на заедницата, и кои имаат и пристап до експерти од различни области. Сите учесници во процесот на праведна транзиција мора подеднакво да бидат сметани за креатори на политики и одлуки, да имаат заедничка визија, а особено треба да се даде до знаење дека сите имаат подеднакво важна улога за спроведување на веќе склучениот договор за процесот. Сериозноста на предизвиците кои ќе ни следат бараат и вклучување и интегрирано делување на сите институции во државата, социјални партнери, граѓанска и стручна јавност која ќе ја следи имплементацијата на предвидедните мерки и активности на Владата и локалните власти и која ќе интервенира кога ќе има потреба за такво нешто. Праведната транзиција е сериозен предизвик за целото општество, но несомнено е дека токму локалните заедници и нивните жители се најпогодените во процеси на декарбонизација и тие се оние на кои им е потребна најголема поддршка и заштита. За нашата држава важно е внимателно да се испланира улогата на заедниците во регионите на трансформација, регионите чија економија се потпира на рударството на јаглен, односно мора да се даде одговор на прашањето што ќе се случи со сите работници и со работните процеси во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино.

Регионалните синдикални претставништва имаат огромна улога во креирањето на локалните политики, па тука несомнено и локалните политики кои се однесуваат на праведната транзиција. Преку своите регионални канцеларии ССМ има пристап до работниците од различни региони во нашата држава и преку своето дејствување токму ССМ води грижа државните политики правилно да бидат насочени токму кон оние региони и работници на кои им се најпотребни, бидејќи само така работниците ќе прифатат дека ваквите промени се неопходни, меѓутоа тие ќе знаат и дека низ целиот процес нема да бидат оставени сами и без поддршката на своите синдикати. Исто така на локално ниво во општините каде се формирани ССМ учествува во локалните економско социјални совети (ЛЕСС) каде на локално и регионално ниво можат да се предложат конкретни политики и мерки, да се испланираат конкретни и реални активности, и да се овозможи гласот на работниците, нивните барања и очекувања да биде слушнат непосредно пред локалните власти и локалните претставници на работодавачите.

Сојузот на Синдикатите на Македонија како најголем синдикат во нашата држава е единствен кој има регионални претставништва распространети во голем број локални заедници, а информации за истите може да се најдат на нашата официјална веб страна: https://ssm.org.mk/mk/kontakt

 

  1. Како социјалниот дијалог може да го води процесот на Праведна Транзиција?

Поголема вклученост и подобрување на комуникацијата и соработката на Владата, социјалните партнери и граѓанскиот сектор, особено поради тоа што синдикатите и бизнис-заедницата имаат  потенцијал и капацитети за експертиза кои можат да ги надополнат владините мерки и активности кон одржливиот развој на земјата претставува правилниот пат низ кој треба да се води процесот на Праведна Транзиција.

Нема праведна транзиција без заштитени работнички права и без учество на синдикатите!...

Неопходната потребата од развој и транзитирање кон обновливи видови на енергија ќе овозможи зачувување на животната средина како услов за опстанок и на идните генерации, меѓутоа и ќе доведе до промени на процесот на работењето и условите за работа. Од тие причини јасно е дека како што државата треба да преземе активности за прилагодување на економијата подеднакво треба да се посвети и на организацијата на трудот и работењето за овие промени да не доведат до губење на работните места, кое е од значење како за животот така и за здравјето на работниците. Токму тука настапува огромната и значајна улога на синдикатите во овој процес. Преку социјалниот дијалог ќе се овозможи учество на синдикатите во креирање на политиките за одржлив развој во светот на работата и трудот. Ниту една Владата не може сама успешно да испланира и спроведе ниту една политика, а особено во овој случај кога несомнено таа политика ќе значи промена на животот на илјадници граѓани, илјадници работници и илјадници синдикални членови. Поради тоа синдикатите се должни не само будно да ја следат реализицијата на праведната транзиција, туку и да земат активно учество во истата бидејќи во интерес на сите работници и граѓани е овие планови целосно и со предвидена добра динамика да се реализираат, како би можеле да обезбедиме опстанок, развој и сигурност за идните генерации.

Социјалниот дијалог и трипартизмот мора да биде основата и појдовната точка за успешна праведна транзиција и да бидат во центарот на политиките за силен, одржлив и инклузивен развој.  Па, оттука јасно е истакната потребата од заедничко делување на сите чинители преку националниот економско социјален совет (ЕСС), а и преку локалните економско социјални совети (ЛЕСС) каде на локално и регионално ниво можат да се планираат конкретни активности за задржување на  работните места и да се води целосна грижа за заштита на работничките права и егзистенција. Поради тоа процесот на праведна транзиција несомнено треба да биде дел од годишната програма на ЕСС за 2026-та година, како и синдикатите за промена да бидат повикани да земат учество во новоформираните тела и работни групи како што се Советот за праведна транзиција, Совет за енергетика и Совет за климатски промени кои несомнено мора да функционираат на трипартитно ниво. Социјалниот дијалог е клучен за надминување на предизвиците кои се јавуваат при транзитирање на економиите кон декарбонизација, а се со цел да се обезбеди постигнување на фер резултати и исполнување на интересите на сите засегнати страни односно исполнување на интересите на работниците, претпријатијата, на заедниците и на идните генерации кои несомнено заслужуваат живот во здрава и зелена животна средина.

 

  1. Каква е улогата и значењето на синдикатите во процесите на Праведна Транзиција?

Синдикатот како претставник на работниците и заштитник на работничките права има огромна улога и во овој процес, водејќи грижа за остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права, меѓутоа имајќи реална свест за потребата и нужноста од зголемување на производните капацитети во државата и исполнување на обврските кои нашата држава ги презема со Парискиот договор. Изградбата на новите производствени капацитети се неопходна потреба, но исто толку е неопходна и оценката за какво ќе биде влијанието врз животната средина. Како претставници на работниците, синдикатите имаат за цел да се грижат за обезбедување на економско-социјална сигурност и стабилност на работниците, но и грижа за здрава и безбедна животна средина како нешто што е потребно за сегашните и за наредните генерации.

Синдикалната едукација за праведната транзиција ќе помогне во овој процес, бидејќи несомнено е дека работниците многу повеќе ги чуствуваат синдикатите како свои бидејќи синдикатите се легитимни претставници на работниците, наспроти претставниците на Владите и работодавачите. Имајќи доверба во своите синдикални претставници ќе овозможи синдикатите преку синдикални активности да ја зголемат едукацијата за праведната транзиција кај своите членови и со тоа полесно да го отворат патот кон нејзиното успешно спроведување и остварување на транзиција која ќе биде прифатена и поддржана од работниците кои се најзасегнати. Секако дека синдикатите секогаш ќе дејствуваат во насока на тоа да се стави акцент на социјалната сигурност на македонскиот работник, ќе настојуваат да се избегне губење на работните места, а преку процесите на обезбедување на обуки, квалификации, преквалификации и доквалификации да се овозможи работниците кои се најзасегнати да бидат повторно активни на пазарот на трудот и да продолжат да бидат работно ангажирани, меѓутоа сега во зелени работни места или работни места на локално и национално ниво кои државата ќе треба да ги обезбеди за нив. Секако дека за обезбедувањето на обуки на квалификации, доквалификации и преквалификации, несомено ќе биде потребна јасна државна политика и државна поддршка во процесите на праведна транзиција во рамките на однапред утврдени текови на програми кои ќе бидат договорени со сите социјални партнери и овозоможени со субвенционирање и финансиска помош од државата.

 

  1. Дали колективното договарање може да биде успешна синдикална алатка во процесите на праведна транзиција?

Колективните договори и процесот на нивно склучување може да биде мошне значаен и за процесите на праведна транзиција. Како една од најзначајните синдикални алатки на кои најмногу треба да се посвети внимание во иднина, колективните договори и сите позитивни промени кои тие можат да ги донесат мора да се користат и при спроведување на овој процес. Несомнено е дека и во рамките на праведната транзиција треба да се стави поголем акцент на колективните договори преку водење преговори на секторско и на ниво на претпријатијата, бидејќи токму ваквите договори можат да играат клучна улога во предвидувањето и ублажувањето на големите ризици од транзицијата - вклучувајќи ги губењето на работни места, потребата од квалификации, доквалфицикации и преквалификации, зајакнувањето на безбедноста и здравјето при работа и социјалната заштита за работниците директно и индиректно погодени од транзициите. Повторно најдобро е сите процеси да почнат од најниското ниво, односно од водење на преговори на ниво на претпријатија. Вметнување на праведната транзиција во колективните договори ќе значи заедничка борба на социјалните партнери во преземање на мерки со кои ќе бидат јасни идните чекори на претпријатијата во насока на негово успешно работење меѓутоа со активности кои ќе значат зачувување на животната средина од една страна, меѓутоа и обезбедување на социјална сигурност на секој работник кој несомнено е нераскинлив и значаен дел од работниот процес на секој работодавач од друга страна.

 

  1. Дали синдикалната едукација може да биде водич за праведна транзиција?

Синдикална едукација со нејзина организираност и правилна примена може да биде водич за успешно спроведување на праведната транзиција и со тоа да и служи и како добра помош на Владата во спроведување на преземените обврски од Парискиот договор. Секоја промена води кон несигурност во егзистенцијата кај секој работник, меѓутоа таа несигурност може да се намали, па дури и целосно да исчезне доколку работниците се сигурни дека и нивните претставници односно синдикатите се вклучени и се подеднаков значаен дел од самиот процес на праведната транзиција. Праведната транзиција претставена од синдикалните претставници во рамките на синдикалните организации на своите синдикални членови ќе овозможи низ процесите на обуки да бидат слушнати сите стравови и предизвици со кои се соочуваат работниците и да бидат решени сите непознати. Само преку едуцирани работници кои јасно ќе го запознаат процесот, државните политики посветени на истиот меѓутоа и работници кои ќе бидат свесни за своите права и ќе бидат дел од своите синдикални организации ќе може да се обедбеди успешно спроведување на целите на праведната транзиција, меѓутоа без повреда на работничките права и без да се доведе во прашање животот и работата на македонските работници, нивната социјална сигурност и егзистенција како и егзистенцијата на нивните семејства. Ниту еден работен процес на ниво на претпријатие, работен процес на ниво на сектор и ниту една национална политика, па дури ни светска политика која несомнено го засега и ќе има влијание и на пазарот на труд меѓу другото, нема да може успешно да се спроведе без заштитени работници и остварени работнички права.

 

  1. Што може ССМ да направи за тебе низ процесот на праведна транзиција?

Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) преку своите гранкови синдикати здружени во ССМ, преку своите регионални претставништва распространети на територијата на нашата држава, преку своите синдикалните организации во јавниот и во приватниот сектор како и преку својата правна служба стои на располагање на сите македонски работници за сите прашања и проблеми кои ги засегаат, меѓу кои и оние за праведната транзиција како иден процес кој несомнено ќе мора да виде спроведен како би обезбедиле здрава животна средина и иднина на сите генерации кои следат и процес кој ќе донесе промени во областа на трудот.

Синдикатите се ЗА зелена иднина, меѓутоа не по цена на егзистенцијата на работниците и по цена на повреда на нивните права и на нивната социјална сигурност.

Синдикатот може да ти обезбеди:

  • Бесплатна правна помош и правен совет
  • Пријава на прекршување на процесот на праведна транзиција или на кршење на твоите работнички права до соодветните институции
  • Синдикална едукација за праведна транзиција
  • Насоки за идно постапување во процесот на праведна транзиција
  • Поврзување со синдикални организации и синдикални претставници од твојата гранка или сектор соочени со праведната транзиција
  • Можност за обуки, квалификации, доквалификации и стекнување на нови вештини
  • Можност за твоите предлози да бидат дел од политиките на ССМ за праведна транзиција
  • Дигитално поврзување со твојот синдикат

 

  1. Како ССМ може да ти помогне во процесот на праведна транзиција преку дигитална апликација ССМ – Мои работнички права?

ССМ - мои работнички права ( https://ssm.org.mk/mk/nova-aplikacija-ssm-moi-rabotnichki-prava ) е мобилна апликација која на работниците и граѓаните им овозможува преку користење на своите мобилни телефони да пријават прекршување на работничките права до Сојузот на синдикатите на Македонија.

Апликацијата нуди можност за:

-Пријавување на прекршено право за себе и за друго лице

       - Анонимно пријавување

       - Директна комуникација со претставници на ССМ

       - Следење на вести и совети од ССМ

ССМ – Мои работнички права е дигитална алатка која е вклучена и во процесот на праведна транзиција, а особено во делот на обезбедувањето на социјална сигурност на сите засегнати работници. Работниците можат да пријавуваат прекршување на своите работнички права и низ процесите на праведната транзиција, можат полесно да се поврзат со својот синдикат и синдикални претставници како и можат преку нашата апликација да пријават кога некоја национална или локална политика посветена на праведната транзиција се спроведува на начин кој врши повреда на работничките права или се спроведува без да се земат предвид работниците и нивните потреби.

Работничките пријави ќе дадат можност ССМ како учесник во социјалниот дијалог со креаторите на политиките и преку соработка со инспекциските тела да овозможи не само да биде слушнат гласот на работниците, туку и да обезбеди директно дејствување од тела кои ќе мораат да реагираат и да го запрат ова неправилно спроведување на државните политики посветени на праведната транзиција. Е-советникот на ССМ за работнички права исто така е достапен за сите работници кога станува збор за давање на потребни информации и давање на правни совети за сето она што значи спроведување на процеси и преземање на активности кои се дел од праведната транзиција на нашата држава.

*Оваа активност е поддржана од Проектот - Унапредување на социјалниот дијалог за прашања поврзани со праведната транзиција во Северна Македонија и Црна Гора

Дизајнот на веб-страницата е поддржан од Унапредување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Сојуз на Синдикатите на Македонија © 2025 | Сите права се задржани.