Историјат на Економско - социјалниот совет.
На 25 август 2010 година е потпишана Спогодба за основање на Економско – социјалниот совет.
Потписници се Владата на Република Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија.
Со основањето на ЕСС е отворена нова етапа во водењето социјален дијалог на национално ниво. Имено, Економско – социјален совет за прв пат е основан на 30 декември 1996 година, со тоа што оваа институција практично не заживеа до 2010 година. Причините беа во назаинтересираноста на досегашните влади, исто така и на неединството и спротивставеноста на синдикалните организации, како и на нејасните критериуми на нивната репрезентативност. Од страна на третиот партнер, работодавачите, причините беа во доцнењето на организирањето на асоцијација на работодавачите. Но воглавно најголемата причина е непостоењето политичка волја, што беше карактеристично за сите три страни.
Оваа состојба беше постојано критикувана од институциите на Европската Унија, што посебно доби на интензитет последните две до три години. Вистинските чекори и подготовки беа покренати минатата година, со измените на Законот за работни односи. Првиот чекор беше дефинирањето на условите за репрезентативност на синдикатите и на организациите на работодавачи, за што се направени измени и се вметнати одредби во Законот за работни односи. Критериумите за репрезентативност на синдикатите се дадени во членовите од 211 до 220 во Законот за работни односи, кои се службено објавени на 5 февруари 2010 година. Покрај другите услови, законот одредува дека репрезентативен синдикат на национално ниво е синдикатот кој здружува најмалку 10 отсто од вкупниот број вработени во Република Македонија.
На 23 јули 2010 година од Министерството за труд и социјална политика решение за репрезентативност добија Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати. Решение за репрезентативност во исто време доби и Организацијата на работодавачи на Македонија. Со тоа се создадени услови за конечно конституирање на Економско – социјалниот совет.
На 25 август е потпишана Спогодбата за основање, додека на 15 септември 2010 година е одржана првата конститутивна седница на советот.
Состав на Економско-социјалниот совет ( ЕСС)
Економско-социјалниот совет, согласно Спогодбата, е составен од 12 членови:четири члена именува Владата, четири члена именуваат репрезентативните здруженија на работодавачи на територијата на Република Северна Македонија и четири члена именуваат репрезентативните синдикати на територијата на Република Северна Македонија.
Од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија членови во ЕСС се:
Правна рамка за функционирањето на Економско-социјалниот совет
Со Законот за работните односи од 2005 година во член 246 е утврдено дека дејноста на ЕСС се темели на потребата за трипартитна соработка меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачите во решавањето на економските и социјалните прашања и проблеми. Согласно истиот Закон, ЕСС е национално трипартитно тело формирано од Владата и социјалните партнери, односно репрезентативните синдикати и репрезентативните здруженија на работодавачите на национално ниво.
Понатаму, во Законот за работните односи е предвидено дека ЕСС се основа со Спогодба за основање на Економско-социјален совет.
Во Спогодбата од 2010 година е наведено дека ЕСС има советодавно-консултативна улога при креирањето и имплементацијата на економски и социјални стратегии и политики во земјата.
ЕСС разгледува прашања и дава мислења, предлози и препораки до Владата за одредени прашања од областа на:
економскиот развој;
политиките на пазарот на трудот;
политиката на плата и цени од областа на трудот и социјалното осигурување;
социјалната заштита;
здравствената заштита;
животната средина;
фискалната политика;
работните услови и заштитата на работното место;
образованието;
културата;
стручното усовршување и други области од економско-социјален интерес на работодавачите и работниците.
ЕСС разгледува и дава предлози за ратификација на меѓународни трудови стандарди согласно Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот бр. 144 за трипартитни консултации и ги спроведува и следи обврските кои произлегуваат од Конвенцијата.
ЕСС дава мислења, предлози и препораки по предлози на закони и други прописи, национални стратегии и програми кои се во врска со економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите, пред да бидат разгледани од страна на Владата, при што мислењето по однос на законите од областа на работните односи, вработувањето, пензиското и инвалидското осигурување и безбедноста и здравјето при работа е задолжително.
ЕСС има претседател и двајца заменици на претседателот. Претседател на ЕСС е министерот за труд и социјална политика, а по еден заменик на претседателот се избира од редот на членовите на репрезентативните синдикати и репрезентативните здруженија на работодавачите. Советот има и секретар кој е лице од Министерството за труд и социјална политика определено од министерот односно претседателот на ЕСС.
Трошоците за работа на ЕСС и неговите работни тела ги покрива Министерството за труд и социјална политика.
Со Деловникот за работа на ЕСС понатаму се уредуваат функционирањето и надлежностите на истиот. Согласно Деловникот, ЕСС работи на седници кои ги свикува претседателот на Советот, по потреба, а најмалку еднаш во три месеци. Во однос на кворумот во Деловникот е наведено седниците на Советот да се одржуваат доколку присуствуваат најмалку три претставници од Владата и по три претставника од социјалните партнери.
Деловникот предвидува Секретаријат на ЕСС, кој врши организациски, стручни и административно-технички работи за потребите и работата на Советот. Составот на лицата вклучени во Секретаријатот е на трипартитна основа.
Понатаму, со Деловникот за работа на ЕСС предвидени се 6 постојани работни тела во рамки Советот.
Постојани работни тела на Советот се:
Комисијата за работни односи и плати;
Комисијата за вработувања и политики за пазарот на труд;
Комисијата за социјална сигурност;
Комисијата за безбедност и здравје при работа;
Комисијата за издавање и одземање на лиценци на помирувачи и арбитри и
Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата.
Линк до веб страната на Економско - социјалниот совет